четврток, април 25, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: "Парада на гордоста на жените жртви на насилство", засега мисловна...

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: “Парада на гордоста на жените жртви на насилство”, засега мисловна именка!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Скопје наскоро ќе ја добие првата парада на хомосексуалците, под мотото на “Парада на гордоста”. За некого оправдано, за некого бесмислено, за некого “крај на светот” , различни се толкувањата, реакциите и коментарите за оваа новопоставена појава во нашето општество-да се излезе на улица и да се маршира за правата на слободен и рамноправен живот, на база на својата сексуална определба. Дел од оние кои јавно се произнесоа дека ќе земат учество на истата, посочија на фактот дека се маргинализирани, дискриминирани поради предрасудите на другите, и заслужуваат (барем) еден ден во годината да се слушне погласно и нивниот глас. По улица!
Она што ми се наметна како идеја и прашање, е- а зошто да нема “Парада на гордоста на жени – жртви на насилство”, и да се слушне и нивната мака? Зарем не се горди? Зарем нив малку ги има, зарем се малубројни? Не, горди се и многубројни се, а ако се повикаме на она што е земено како неофицијална статистика, дека во Македонија секоја трета, односно секоја втора жена е жртва на семејно насилство. Но и насилство од различен тип- мобинг, злоставување, искористување, запоставување, уценување, деморализирање, девалвирање, дискриминира, отфрлање, невклучување… Дали таа се плаши и срами да парадира за своите права на заштитена граѓанка? Не до толку колку што се мисли зошто за претрпените шамари главно знаат и ги забележуваат и домашните, децата, соседите, колегите, роднините и пријателите. Не останува се зад затворени врати, колку и да се обидуваат да сокријат, има моменти кога тоа ескалира и пред очите на другите.
Имено, жената која не е во брак со силен маж кој целосно ја поддржува и почитува, или која не е во политичка партија или некоја друга шема, или живее во мало место, која не е во добра здравствена форма, напуштена, разведена, самохрана мајка, стара, необразована, невработена, немоќна… е на маргините, на дното, ко да не постои. И никој не води грижа за неа. Општеството најмалку. Таа е како вишок, кој пречи. Останува впечаток дека со наводниот родов баланс во последниве години во општеството (добри) работни места и привилегии имаат само првоспоменативе жени, другите не. И дека се е само една голема фарса.
А за насилство врз жените и не се ни зборува, ко да не постои. Иако насилството е дел од браковите, од оние селски и сиромашни до оние градски и помодерни, од нискообразовани до високообразовани сопружници. Причина- немаштија, недостиг на финансиски средства за нормален живот, невработеност, неостварени очекувања, недоволна едуцираност, гнев, трето лице во брачната постела, неверства, навики, семејна традиција, нарушено психичко здравје, пороци, недоволна грижа за семејството…
Уште полошо, за жените пак кои се жртви на експлицитно насилство, физичко и психичко нема ама баш никаква заштита. Напати ни полициска, ни судска, ни медицинска, а нема ни соодветни центри кои ќе ги приберат и ќе ги заштитат од (мажот) насилник. За жал неретко таквите моменти се фатални и погубни по животот на жртвата. И во тие, малубројни прифатни центри, во кои некогаш им е укажувана помош најмногу може да останат неколку недели, во лоши услови, потоа пак се враќаат назад кај насилникот. Уште побесен на неа.
Женски организации кои навистина би ја штителе жената во неволја- нема. Не ги земам во обзир оние кои само декларативно се борат за правата на сите жени, ни оние елитистички организации чија цел како да е само меѓусебно дружење и одржување официјални средби, без ефект и без ама баш никакво ехо. Кампањите кои одвреме навреме се водат (најчесто остварени со прилични странски грантови кои влегле во одредена организација), се речиси гротескни. Се јавуваат добро ситуирани жени, кои мува не ги лази, и, претежно за медиумско внимание раскажуваат свои моменти во кои нема ни “н” од насилство и чии искази дека биле на некој начин жртви се начисто шеги кои потоа се раскажуваат како смешки со пиво и мезе. Целосна злоупотреба на маката на жената – вистинска жртва на насилство!
Од сево ова кажано јас доаѓам до заклучок дека “Парада на гордоста на жените жртви на насилство” , е засега “мисловна именка” , таква парада кај нас нема да се случи. Ни сега, а ни во наредните две три децении. Не заради тоа што тие се помалку храбри од хомосексуалците. Зборуваат отворено за своите проблеми, само малку ако им пристапиш и ги одоброволиш. Затоа што, од искуство, сфатиле дека нема на кого да се потпрат, на чие рамо да заплачат и каде да побараат помош. Тие најчесто не се сфатени ни прифатени ни од најблиските, ни тие не им укажуваат вистинска и цврста поддршка. Затоа повикувам од мое име, и во име на жените кои во из инативе три години беа мои дискретни соговорнички во текстовите од серијалот “Женски приказни”, државата да застане и да направи сериозни истражувања, сериозни анализи и да формира соодветни стручни служби кои ќе се грижат и ќе ги сместуваат таквите жени-жртви, а законската и полициската заштита да бидат многу, многу силни и на дело. А пред се, сето тоа да се превенира, со разни вистински силни и континуирани кампањи, повици, едукации уште од основно училиште, за мажите да престанат да вршат насилство врз жени, како психичко, така и физичко, и во сите останати облици. Зошто-шамар врз (правата на) една жена, е шамар за целиот женски род во светот.
Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDPТекстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ