ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Пасошот како единствена надеж!

146

Z_P_1Да се надеваме дека таа жена еден ден ќе успее во својата една и единствена замисла-среќно да се отсели од Македонија и да создаде услови за независен живот за својата, наскоро полнолетна ќерка. Ја сретнавме во паркот со убавото бебенце, ќеркичка која нема ни полна година дена. Весело, темпераментно бебенце со волшебно сини разиграни очиња, кое си играше во количката со едно мало пличано мече, додека мајка и разговараше со постар човек.

Нејзината животна сторија не е сосема разбирлива, од причина што не умее да ја раскаже и повремено ги меша фактите. Де има две ќерки, де три- бебенцето, една 13-годишна и една полнолетна. Не е писмена, односно едвај.
Тој убав есенски ден беше пресреќна и само ги вадеше од чанта и ги покажуваше двата нови македонски пасоши, кои ги добила тој ден.

-Еве го мојот пасош, еве го на мојата ќеркичка. Ние ќе се отселиме наскоро.

-Каде? , ја прашавме.

-Некаде низ Европа. Тоа морам да го сторам.

-А зошто толку сакаш да заминеш? Сама или со сопругот?

-Немам сопруг, одговори. Имав порано сега не.

Од она малку што се разбираше, ова е нејзина втора или трета ќерка, од разни мажи. Првата ќерка останала да живее во едно село во Западна Македонија, со семејството на татко и. Таа по разводот од сопругот се вратила во градот кај нејзините, но и таму како и кај сопругот, била изложена на постојано малтретирање, овој пат најчесто од братот, кој не и давал дури ни да ја користи бањата кога сака, освен што и дозволувал да се бања еднаш неделно, кога ќе и дозволел тој.
Пари немала, затоа и често барала машка подршка, изразена преку давање љубов. Сака да си оди од земјавата за да обезбеди финансии за нејзината ќерка и да ја повлече таму, бидејќи девојчето според нејзино кажување на 13 години го силувал чичкото, брат на таткото, а потоа кога останала бремена морала да абортира.
Страшно звучеше исказот на оваа мајка, која тврдеше дека е немоќна било што да стори откако ќерката и се доверила, а семејството го сокрило случајот за да не дојде до расчистување преку органите за безбедност. Сега не знае како живее нејзината постара ќерка, но ќе стори се да ја одведе во друга држава, каде се надева дека ќе има свое станче и своја работа. Свој живот.

-Јас сум мајка и морам да мислам на децата. Сега сум сама. Немам сопруг. За да ја прехранам мојата најмала ќерка се посветив на една религија и одам на служби, а тие потоа ме подржуваат финансиски, имам се за храна и облека за детето. И алишта ми даваат. Јас можам пак да се мажам, ама пак ќе ме затрудни мажот, ќе морам да раѓам. А не сакам пак, сакам да си одам од тука, за да ја спасам постарата ќерка и да обезбедам исто убав живот и за помалата, ни рече жената на околу четириесет години чиј идентитет е непознат, остана за спомен фотографијата што ја направивме тој ден.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)