Жената има душа, која е мошне суптилна. Во реалноста тоа не е така сфатено и на секој начин се поигрува со нејзините чувства. Политичките партии, неоспорно, го злоупотребуваат тоа. Жената може да успее само ако нејзиниот маж или интимен пријател е на висока позиција во одредена партија (се мисли на владејачката), или некој од блиското семејство, но и доколку самата таа е членка, активистка и припадничка на истата.

Една од темите која не е многу обработена, но која и тоа како е присутна во реалноста е дискриминацијата која на суптилен, а некогаш и на сосема отворен начин ја вршат политичките партии кон жената. Тоа посебно се чувствува кога се живее во мала држава, во една речиси херметички затворена средина, каде борбата на партиите за превласт честопати е преостра и преполна со злоупотреба на човечкиот фактор.

-Еве гледаш како нашите девојки си уживаат, се сеќавам во еден ноќен клуб своевремено во деведесеттите години ми рече тогаш висок функционер на владејачката партија, во моментот кога се најдовме на исто сепаре јас и неговите активистки, кои безгрижно танцуваа пред нас.

„Ама и јас еве уживам“, му одговорив, на што тој се надоврза, „Ти не уживаш, ти се измачуваш, нив им е се погодено!“ Ако си со нас, други ќе работат за тебе, а целиот успех ќе оди на твоето конто, велеше, укажувајќи всушност дека ако жена сака да успее мора да ја регрутираат во нивната партија.

Во таков суров партиски свет тешко дека жена може да успее на база на својот талент или некоја добра идеја, која сака да ја спроведе. Самата ситуација ќе ја принуди да се приклучи кон некоја партија, или нема да може воопшто дури ниту да се вработи, а камоли да напредува. Жената која функционира надвор од политичкиот домет, е незабележива и небитна за општеството. Ако се обрати преку некој маж во партија можеби и нешто ќе успее, ако се обрати сама, на своја рака, може да наиде и на потсмев. Или долго да чека на листата за чекање.
Таа мора слепо да ги следи правилата на партијата, за да не отпадне од игра. Односно, прво за да влезе.

-Нашата партија сака членки кои имаат некој проблем, мали дела во судир со законот или амбициозни со желба за успех. Ние сме тука да ја вклучиме во партијата, да и помогнеме, да ги оствариме нејзините соништа, па дури и да и најдеме момче, но мора да стане наша членка, била убедувана една новинарка од партиски припадник, пред неколку години.

-Кога ќе влезеш, ме убедуваше мојот пријател, член во партија, пред тебе ќе се отвори еден поинаков свет во кој ќе царуваш. Ќе земаш висока плата, ќе шеташ со нас и ќе запознаваш светски важни личности, се ти што сакаш, но ти тоа мора да го одработиш. Да не браниш јавно, да не фалиш, да ги следиш нашите насоки, ми рече мој пријател, моја генерација, се потсетува една над 40-годишна жена.

Очигледно е што многу жени успеале да направат кариера на слава од бабите и дедовците, мајките и татковците, или откако добиле интимна заштита од некој моќен партиски маж, а ретки се тие примери кога на жена и се дава шанса да успее. Јасен податок е дека жените се многу помалку застапени во политика од мажите, многу малку жени се во политика, а и можеби и не е направен вистинскиот избор. Главно се тоа жени кои не би се занимавале со политика само по себе, освен колку да остварат некоја своја лична цел, да станат познати и да земаат убави плати, и толку. Општествената грижа во најголем број случаи, и вистинска грижа за другите жени, изостанува и од самите жени.

Политичките партии прецизно процениле дека жената, во мала средина и мала држава, не може да направи ништо, каде да тропне никој туку така нема да и помогне, да ја прифати, а ниту да и даде можност да се издигне.

-Таа не може ни да добие дозвола за превртена картонска кутија на улица да продава дребулии ако не е во партија, и тоа е јавна тајна, нагласува една улична продавачка, благодарна на поранешниот градоначалник кој и ја овозможил таа привилегија.

Дека жената се дискриминира, говори и фактот кога за една политичарка микрофоните кои беа вклучени случајно го пренесоа „интерниот“ опис од спикерот на Собрание: Оваа п**** не била мажена.

-Пред избори често пати политички ангажирани мажи ме прашуваа какво влијание имам врз жените, и колку пријатели брои мојот профил, па преку таа активност и споделување на за нив корисни постови, да ме вклучат во партијата, е информација која ја добиваме од дама со доста активен фејсбук профил.

Заклучок: Жената во наша средина може да биде предмет на почитување доколку се омажила/споила за човек со влијание, кој ќе и помага и ќеја поттурнува напред. Не е доволно да се образуваш, надградуваш, едуцираш, и да напредуваш ако се потпреш само на својата професија.
Ако не верувате, еве ве оставам за момент сами да си направите некоја своја анализа, и поставете си прашање колку познавате од вашата околина девојки или жени кои успеале на база на својот труд, а да не биле, или имале/немале директен или индиректен контакт со партија. А кај онаа жена што успеала секогаш ќе најдете низа поврзаности меѓу некоја жена ставена на позиција, и нејзиниот партнер или интимен заштитник кон владејачката партија. Инаку, таа жена воопшто не би ни била на таа позиција.

-Таа беше мошне просечна дури и потпросечна водителка во еден национален медиум, се додека не се зачлени во партија, која кога стана владејачка ја стави веднаш на најодговорните функции и позиции, патуваше на значајни официјални патувања во странство, се присетува една жена за својата колешка.

Една цивилизирана, модерна и демократска држава мора да воведе право на еднакви можности за жената, а не таа да се третира низ партиска призма.

-Откако неколку пати бев одбивана на конкурс за во јавен медиум, и добивав известувања дека наводно конкурсот се поништил (што не беше точно, другите пријавени ги примија), еден колега ме покани на доручек и низ разговорот ми соопшти дека кај мене проблемот е што не сум во партија. Бидејќи имаме и коалиционен партнер во одлучувачките структури, ако не сакаш кај главната владејачка партија зачлени се во коалиционата партија, и понатаму се е подготвено за твој прием, само треба некој од горе да се јави и да го каже твоето име. Толку не можеш да најдеш некој од партииве? Ако треба и сама тропни на некоја партиска врата, ја советувал за нејзино добро.

Следно искуство, кое ни го раскажува исто така новинарка која десетина години нема платен ангажман, било кога побарала совет од своја пријателка, вклучена во партискиот живот на тогаш владејачката партија. Таа и рекла „Не знам што да те советувам, ти сама најдобро си знаеш, живееш без никакви финансии. Јас сум претседателка на жените во еден регион, па почни да доаѓаш, нека те гледаат кај мене во партија, па малце по малце да навлезеш, да земеш партиска книшка, потоа се е лесно. Ние вакви луѓе бараме, вредни како тебе!“

Не постои ни женска солидарност, кога станува збор за партиските планови. Одлуката на партиските челници е одлучувачка, а борбата на жените не е на ниво на кое треба да биде. И ден денес ми создава зачуденост раговорот што го водев со една пријателка, која откако стана интимна пријателка со партиски моќник и така доби добра работа, ми рече „Ние можеме да направиме некого да го прогониме од државава, или да го вратиме од граница, или во затвор да го ставиме за ништо, ако сакаме“, сакајќи да ја покаже својата надмоќ во однос на другите.

Горки се искуствата и на други жени со партиите. Има и вакви, смешни случки:
-Во предизборната кампања добив маичка од една партија. На денот на изборите ја облеков и ја бојосував косата. Ни дојдоа гости. Оние кои беа за таа партија ми замеруваа дека маичката со нивното лого ја користам несоодветно – за бојодисување на косата, а оние кои беа другата партија ми префрлаа дека сум ги рекламирала нивните противници. Да не знае човек што да прави, раскажува една млада девојка.

Фаворизирање и протежирање од една страна, а закани и уцени кон самостојна жена, се едни од најприсутните методи што го спроведуваат партиите. Притоа, и мошне очигледни и забележливи. Доколку не се зачлениш, партијата ќе најде начин да те отстрани, изолира, исклучи, потцени, а можеби и да ти се одмазди, дискриминира и отфрли, па снаоѓај се како знаеш, фрлена на улица.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.