Ниедно насилство не завршува во моментот кога е направено. Некогаш последиците се влечат со години и генерации. Оваа што ќе го прочитате е исповед на мајка која е загрижена од друштвото на својата ќерка, која во моментов има “свилени” години, 15, се наоѓа на раскрсница со своите желби и одлуки, пред да влезе во светот на возрасните. И додека мајката за случајов се интересира од еден агол, ќерката се интересира со желба да и помогне на својата другарка, жртва на континуирано семејно насилство. Зборуваат истовремено, секоја со своите чувства.
„Таа ми е највредната другарка. Најубава и најпаметна, на сите натпревари е на прво место. На неа можам да се потпрам во секое време. За било што. Душа дава за другарување со мене. Од друга страна неконтролирано исчезнува, недостапна е, смислува лаги како оправдување. Има чудни ритуали. Пред заспивање три пати го исклучува и вклучува светлото, па го гасне и верува во чудни нешта. Она што ме плаши и загрижува, таа често пати завршува на болница. Со повреди. Еднаш вели дека нашла дете, заглавено во дупка на улица, кое ја вадело својата топка. Таа сакала да му помогне, го извлекла, а тоа ја оттурнало и паднала, па затоа целата била со отоци и модринки. Често завршува и на болница, наводно, те паднала местејќи го корнизот, те вадејќи нешто од висечките полици во кујната. Ние, нејзините другарки сме загрижени за неа, мислиме дека се самоповредува поради одредени психолошки проблеми кои ги покажува, и не знаеме како да и помогнеме! Еднаш не и поверувавме на лагата која ја смисли зошто е целата модра, таа само рече-тоа е се што треба да знаете, другото останува за мене и моите!”
Ова е исказ од тинејџерката, која е другарка со нестабилна девојка. Тврдењето пак на нејзината мајката е поинакво. Таа вели: “Не знам како да ја оттргнам мојата ќерка од оваа другарска релација. Девојчето навистина е со сите позитивни манири, единствено лагите и повредите откриваат друга вистина. Имено, станува збор за млада жртва на тешки семејни насилства, во повеќе форми. Девојчето е родено како последно дете во повеќедетно а доста ситуирано градско семејство. Постарите браќа и сестри и се одамна на факултети, таа како најмала најмногу го доживеала теророт од нејзините родители. Татко бил прво фин човек, потоа станал уживател на алкохол и опојни средства, и секојдневно ја малтретирал мајка и. Дури и ја турнал од автомобил, во возење, поради хир. Чудо ја спасило, со извесни последици. Девојчето, како најмало, во периодот додека растело се почесто било со мајка си, како родител неопходен при растење. Тоа се видело и слушало со свои очи. Тоа ја истрауматизирало. Најпрво пелтечела, а и ден денес пелтечи кога е под засилени чувства, на возбуда, страв, уплашеност. Се распрашував и не знаев како да и пристапам на мајка и, да поразговараме за состојбата на нејзината ќерка, да видиме што ја мачи. Но, во потрага по вистината дознав дека татко и пребегал во странство поради судир со законот и долго нема да се врати. Сега, друго се случува во нивниот дом. Мајката, која е шалтерски службеник, и која во јавноста ужива углед на семејна, фина и секогаш елегантна госпоѓа, води двоен живот. Пред јавност е “кукла'”, дома е насилничка. Дознав дека неа и “попуштиле штрафовите” на нервите и често добива нервни напади, во кои страда нејзината ќерка. Ја тепа со сите предмети што ќе ги дофати…”.
Мајката вели дека сега е загрижена од три страни: прво, за својата ќерка која се дружи со ваква девојка, и која лагите и насилството ќе и ги направи како нешто “сосема нормално”, потоа за девојчето на кое му треба психолошка помош, но и заштита од насилството на улавата мајка, како и тоа да не почне да се самоповредува во знак на револт кон животот, и најпосле за несреќната жена, која поради претрпено семејно насилство станала нарушена личност.
-Навистина не знам каде да се обратам и да побарам помош, но едно е сосема сигурно, кај нас насилството се прикрива од службите за безбедност, а последиците се големи и по однос на следните генерации во семејството, и се одразува и на други семејства! е заклучокот од мајката на тинејџерката. За ваквите проблеми би било сосема корисно да се воведе школска обука како да им се помага на тинејџерите кои трпат семејни проблеми, како да се препознаат на време и да се одоброволат да одат на психолог, психијатар, или по потреба и во полиција, без срам и чувство на вина кон најблиските да пријават што им се случува.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, пријави насилство“ на Новинари за човекови права и WWDP