Често се случува во балканските медиуми, кои се во фокусот на нашата опсервација, да се објави веста за семејно насилство извршено врз некоја јавна личност, претежно пејачка. Сето тоа поткрепено со изјава од жртвата, оригинални фотографии направени миг по инцидентот, а потоа приказната се продолжува со серија написи.
Забележливо е дека ако почетниот текст е како вест, речиси информативен, често пати со скандалозен наслов, но потоа „пристојноста“ во пишувањето се губи и сите следни изобилуваат со сензационализам, потсмев, изјави од најблиските на жртвата, покриени со велот на „емотивни приказни“, „искрени исповеди“ или „потресни стории“.
Инциденти, тепачки и семејно насилство, како крајно суптилна тема, кој ги крши и нарушува човековите права, достоинство, правото на слобода и мирен и достоинствен живот, и го крши и законот, треба да се предмет на третман на строго професионални и обучени новинари, од таа област.
Освен што тоа се претвора во сензационализам, со превземање и филување на тие стории во естрадните и шоубизнис рубрики, честопати освен сензационалистичка рамка им се дава и пародична и хумористична конотација. Сето тоа го релативизира проблемот. Го затскрива главниот проблем.
На Балканов последниве години се случија неколку деликти од насилство, а животите на неколку српски пејачки завршија трагично, во рацете на нивните љубовници или сопрузи.
Текстовите, објавувани за нив, преминаа во нонсенс, непристојност и непрофесионалност од секаков аспект. Се пишува во без да се обрне внимание на родовата сензитивност, повредување на честа и угледот на семејството, на самата жртва, професијата што ја работи, а кога станува збор за тепачките или друг тип на насилство, написите изобилуваат со пародични и сатирични реченици.

Последна жртва на претепување беше извесна српска пејачка Н.Б, мајка на бебенце, која во раните утрински часови била нападната од нејзиниот, трет и актуелен сопруг. Веднаш потоа следуваа низа изјави од сестра и, татко и, блиските, а во еден од тие текстови , напишани на портал и во естраден манир, дури и се вели -“Се надеваме дека нејзиниот сопруг ќе одговара за своите постапки“. Наместо да се сугерира против ваков тип на насилство.
Понатаму дел од насловите во медиумите беа „Се претвори во ѕвер – таткото на Наташа со потресна исповед“, “ФОТО: Кристина Беквалац првпат се огласи откако беше претепана нејзината сестра, еве што му порача на зетот“ (фото порака: Love should heal you and not hurt you)
*
Неодамна осамна и текст за позната српска пејачка, која во младоста наводно била истрижена ќелава, од љубоморното момче. Медиумтие се навратија на „приказата“ и по 20 и нешто години, но со ироничен и потсмејувачки тон, и сето тоа на сторијата и дава облик на ноншалантност, без да се посвети внимание на главниот момент “насилството кое е извршено и треба да се осуди“.
Ви пренесуваме: „Не е афера, еве ја вистинската причина…Медиумите во Србија по пишувањата за голите фотографии на Цеца, сега решија да ја објават вистинита за тоа зошто Аркан ја истрижа Цеца келаво. Според изјави на очевидци Аркан не ја истрижал Цеца поради наводна афера со муслиман за да ја казни, туку тој ја фатил пејачката заедно со друга пејачка со која тогаш се дружела фолк дивата како конзумираат дрога. Па во напад на бес решил да ја казни со „нова фризура“ и да ја затвори одреден период дома“.
Се прави пародија од таквите моменти. Во желбата за поголем публицитет, вакви текстовите повлекуваат и низа предрасуди и стереотипи.
Она што е тренд во медиумите, и е навистина крајно непријатен тренд, јавните личности наместо да послужат како „средство“ за пренесување позитивна енергија со своите неконтролирано патетични приказни најчесто предизвикуават сожалување, емпатија и поделени чувства кај публиката, А тоа не е целта на сцената и сценските личности. Сцената треба да предизвика возвишени чувства.
А текстовите кои се однесуваат за насилство врз жена, а и секаков друг тип на насилство, априрори, треба да се третираат со целосна доза на сериозност, несензионалистички, професионално и со силна порака против насилствотo.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството„ на НЧП и WWDP.