“Сите среќни семејства се препознаваат кога уживаат вистинска среќа, и љубов, но голем број сопружници жиеат лажен живот и лажен брак, особено кога љубовта ќе помине. Мојот брак од првиот премина на вториот, ладен е и не ми ја грее душава”, вака ја почнува својата приказна жена над 50 години, која низ годините станала жртва на сопствено психичко малтретирање.

-Се омажив на 19 години, само што тргнав на факултет во Скопје. Потекнувам од помало гратче. Со мојот сопруг се запознавме во родниот град, од каде е и тој, а љубовта ја започнавме во студентски дом. Бременоста и првата наша ќерка, не почекаа многу долго. Јас и неколку години постарото момче, станавме сопружници. Среќни сопружници кои не беа многу ситуирани, но не го забележувавме тоа. Ни се роди и втората ќерка, набргу потоа, кога мојот сопруг дипломира и се вработи неколку дена по дипломирањето, продолжува таа.

Периодот на транзицијата за нив бил среќен, отвориле приватен бизнис кој им одел многу добро.

-Не бевме алчни ама бевме мошне вредни и синхронизирани. Заедно работевме и создававме, и успеавме да купиме и стан во Скопје, каде потоа студираа ќерките. И сопругот ми е многу способен, способна сум и јас. Се беше уиграно. Кога прилично се обезбедивме материјално тој стана многу самоуверен, поинаков од дотогаш. На прагот на 40-тите години јас почнав нагло да губам волја за водење љубов. Најпрво тоа мислев е минливо, подоцна сфатив дека и сопругот губи интерес за мене. Моите трауми почнаа тогаш. Се упатив на бајачка, а таа ми рече доколку не спијам со сопругот тој ќе најде помлада и поубава љубовница, и ќе ме остави. А со тоа и ќе се преполови се обајцата што заедно создававме. Доволно беше нејзиниот совет дека со баење може да го ставиме под контрола за да не оди по други жени, за што дадов доста пари на бајачката, раскажува потиштената жена.

И, наместо да оди на психијатар, таа продолжила да ги посетува локалните бајачки, со надеж дека ќе и помогнат.

-Станав жртва на самата себе. На сопствената параноја. Се измачував. Една бајачка ми рече дека кај мажите до 60-тата година од животот постои желба за жени, и дотогаш сакала-нејќела јас морам да легнувам со него. Го правам тоа, и глумам дека  уживам, а јас се измачувам.Тоа е полошо и од силување. И правам се тој да не забележи. Стегам заби. Секогаш  кога ќе изрази желба за кревет јас му удоволувам. По наговор на бајачката. Добив и женска болест и проблеми со женските органи и сега се лекувам. Ослабнав 20 килограми. Си велам -издржи, не личи сега да се разведуваме, сме станале баба и дедо со внуци. Долги години бев, а и уште сум љубоморна на секоја жена и девојка со која комунуцира, особено со помладите. Мислам дека тие постојано му се во мислите, заљубен е во нив, тие му се љубовници кои сакаат да ми го земат, и него и спечаленото. Се измачувам. Си вршам психичко насилство на самата себе. И не знам како да променам. И да се спасам. Сепак, најмачно ми е водењето љубов – раскажува.

Дека за вакви и слични проблеми жена треба да посети психијатар, а не бајачка, говори и следнава исповед. Жаклина е исто жена над 50 години. Долго работела во текстилна индустрија, сега не работи никаде, домаќинка е. Причина е себеизмачувањето. Откако бајачка и рекла дека нејзиниот сопруг има љубовница од соседството (што било и признато од негова страна, бидејќи тој одамна изгубил желба за сопстената сопруга) и дека таа им доаѓа дома преку ден кога се на работа и им остава маѓии. Жаклина ја напуштија работата и стражари дома.

-Таа доаѓа и ми остава маѓии за моите деца. Ќерката ми е позната личност но некои работи  не и одат. На пример среќна љубовна врска. Се гледа со среќно оженет човек. Се сомневам дека љубовницата на мажот ми тоа го има направено. Ја прекопав цела бавча за да ги најдам магиите, како што ми кажа бајачката и ги најдов, врзани врзотинки. Сега сум дома, сопругот ретко разговара со мене, но ми дава пари, зема убава плата, но јас страдам од невозвратена љубов и не сакам пак да ми ја донесе љубовницата дома, ни раскажа оваа жена, која поради стрес доживеала извесни нарушувања на здравствената состојба и сега времето главно ги поминува по болници.

“По неколку неуспешни врски и љубовни бродоломи, кога наполнив 29 години го запознав чинам момчето на мојот живот.Тој беше ведар и темпераментен маж каков што отсекогаш сум посакувала. Не се посомневав ни оддалеку што е со него,и зошто и покрај тоа што се зближивме и ме засака, тој не сака да му станам девојка. Одевме и на заеднички викенди и одмори, никогаш  не се обиде да ми пристапи, како маж на жена. А флертуваше и ги заведуваше сите девојки наоколу. Плачев, ронев солзи и пред него. Тој ми се смееше во лице. Помина цела деценија пред да ми каже дека е хомосексуалец. Напати  и ми даваше лажна надеж за брак. Кога дознав дека не сака жени од шок ми се наруши тироидата. Сонот ми се крена, не спиев со месеци. И наместо да одам на психијатар јас уште повеќе се самоизмачував. Потоа поминав уште една деценија во агонија. Дури пред некоја година се смирив. Но, како резултат на сето тоа јас веќе изгубив волја да бидам со маж. Тој ме навикна да бидам во друштво на маж, а потребата за телесен контакт со маж да ми е целосно згасната. Си го уништив животот, а се што требаше да направам беше навреме да отидев на психијатар за психички да не се измачувам – е уште една исповед на една несреќна жена.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.