четврток, април 25, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖенски приказни: Уредничката ми ја преполови платата, бидејќи хороскопот не и се...

Женски приказни: Уредничката ми ја преполови платата, бидејќи хороскопот не и се допаднал на газдарицата!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Моето девојче тогаш беше неколку годинки, кога јас, иако новинарка, одев на работа во едно списание, каде ме натераа да правам и хороскоп, како да сум јасновидец. Уредничката еден ден ми ја скина платата, речиси напола, затоа што на „ќерката на газдата не и се бендисал хороскопот“. Ако можете да замислите, да продолжам со мојот исказ вака, на тема мобинг кон жена на работно место, со голема иронија, гнев и лутина, ја почнува својата приказна млада жена.

-Се уште се потресувам поради тој момент. Тоа е големата деградација на новинар, кој со успех студирал на УКИМ, и голема немоќ да се справам со ситуацијата. Имав малечно девојче, сакав да заработам и сметав дека треба се да поднесувам, дека таков е принципот на работа. Дозволував да ме гази некоја жена, која имаше и пониско образование од мене, а во предност е само што успеала да стекне познато име, работејќи на ТВ екранот.

Таа ја опишува својата уредничка, како телевизиска личност, која прикажува едно лице пред камера, сосема друго зад.

-Штом ја видам и сега пак на телевизија, и тоа како прави израз на разбрана и сочувствителна, особено кога разговара со видни личности, јас со прст ја покажувам и на сите што се околу мене им раскажувам за нејзиното однесување како на „кочијаш“. Се извинувам на кочијашите, не е ова предрасуда, но нели се вели тие дека не внимаваат на својот речник. Токму таква ја паметам мојата поранешна уредничка, како некоја што не внимава на доброто однесување. Од друг медиум дојде да работи кај нас како уредничка, а нема завршено студии, се врза само за еден новинар, и врз него влијаеше да ја копира во дел од нејзиното однесување, полна со себе, арогатнта. Тие беа во некоја пријателска коалиција, а кон сите нас другите беше постојано арогантна, безобразна и злобна. Пред мене намерно погрдно зборуваше за малцинствата, затоа што јас припаѓам на малцинство, и не се чувствував комотно. Неретко безобзирно ни кратеше од платата, никогаш не не  пофали, само критики без основа делеше за се, не и се допаѓаа нашите текстови, ја користеше привилегијата што беше блиска до газдите. Беше обратно од се она што глуми на Тв. Не ни беше јасно зошто постојано беше негативна, кога имаше високи примања, и тогаш, беше во среќен брак. Цело време бев на штрек, за што ли ќе ме искритикува или погледне опако?! Се ми беше стресно и во голема неизвесност.  За празник моравме да одиме на работа, ако ти се разболи дете и ја прашаш да останеш дома, праваше драма, видно вознемирена се потсетува нашата соговорничка, за нешто што се случувало пред една деценија, и вели дека сега конечно нашла работа за мерак.

– Вршеше притисок на секој можен начин. Еднаш, замислете, покрај сите притисоци што ги трпевме, собираше пари за роденден за еден млад соработник, од истата куќа но од друг сектор. Задолжително секој од нас, не натера, да даде пари. Не сфативме зошто баш ние нему мораме да му купуваме подарок, и тоа, таа му купи скапи патики. Тој навистиа немаше врска со нашата редакција, освен со неа некоја извесна соработка, раскажува младата жена, која повторно вели дека оваа уредничка и нанела големо психичко зло.

-Пред нагло да се распадне списанието, се случи тој момент, кога ми симна од плата за хороскоп. Причината ви ја споменав, на помлада ќерка на сопственикот на списанието не и се бендисал хороскопот. Дали ви се верува? Речиси половина плата ми летна во воздух. Се почувствував безвредно кога си дозволив да ме стават во ситуација, јас, новинарка, да правам хороскоп, иако не се разбирам од астрологија, истите тие да очекуваат да им погодам што им пишува во ѕвездите, и на крај да ти речат дека не им се бендисува, и да ти ја скратат, чесно заработената плата. „Ѕвездочатач“ ли гледа во мене. Потоа поработев малку по портали, но веќе немав интерес, Ми помина желбата да бидам новинарка, нешто што со мерак бев студирала. Само поради неа и нејзиното однесување. Жал ми е, толку ме направи бесчувствителна кон неа што јас неа за ништо не ја жалам, ни како жена, ни како мајка, зошто ни таа немаше разбирање за мене. Еве, и сега,  го покажувам прстот кон ТВ приемникот. Ја препознавате- Таа е!

***

Маките со уредниците и особено со уредничките се големи. Тие со самата титула како да стекнуваат некој комплекс, против кој е тешко да се избориш. Тој комплекс ги наведува да те омаловажуваат и да спроведуваат психичка тортура. За мене и ден денес предизвикува траума работењето во дневните весници, и  ден денес ми е страв повторно да влезам во весникарска екипа. Причината е што настрадав многу од семејни, брачни и швалерски односи, кои од кревет се префрлаа и на работно место и диктираа некој ненормален ред на нештата. Поточно, хаос!

Откако го напуштив работото место од еден дневен весник (поради швалерска вплетканост на уредниците која развиваше непогодна атмосфера за работа), влетав во друг, за потоа повторно да ме повикаат во трет дневен весник, под истата капа, истите газди.

Се сеќавам дека на свое барање уредникот ме постави да ја уредувам рубриката. Двете новинарки кои ми ги донесе во екипа, воопшто не беа новинарки, едната беше лично неговата ќерка, со сосема друга професија, незаинтересираност, „отсустност“ и  со ограничен капацитет за новинарска работа (правеше хороскоп и крстозбор), а другата беше необразована и нејасно внесена кокета, која милуваше наоколу да раскажува за некакви нејзини врски со „главните“.  На „-20“ доаѓаше со кратки панталони, и деколте. Нејзина преокупација беше витото тело и односот со помладиот новинар-уредник со познато презиме, паралелно и тв лик, со кого секојдневно одеа на пладневно кафе, еден по еден за да не е забележливо за екипата. Сфатив дека нема ситуација за да и бидам уредничка на нејзини текстови, односно таа воопшто и не пишуваше, па морав да одработувам и за неа. И за ќерката на главниот уредник. Тројна работа, за 15.000 денари. Дење- ноќе. И покрај тоа што текстовите предизвикуваа внимание во јавност, а јас веќе имав реноме, макотрпно спечалено со долги години работа во медиуми, главниот уредник  цело време почна да ми врши тортура и понижување, како да сакаше реномето да ми го уништи. Еднаш на колегиум им рекол на колегите „Ќе ја рушиме ли неа?“, на што тие останале подзинати и ми раскажаа самите. Тешко ми беше и не сфатив зошто, се до денот кога дојде новиот уредник (пријателот на кокетата).

Првиот ден кога се случи смената и новинарот – уредник дојде на местото на дотогашниот главен уредник, во договор со претходниот, ме повика во канцеларија и мене без образложение само ми рече „Јас сакам да те сменам од уредничка“, и ја стави ќерката на уредникот. „Ах, тоа им било играта“, сфатив веќе и јас. Работата ми се намали, а платата не, таа ионака беше мала. На мојот официјален договор и решение за работа пишуваше дека сум уредничка, и  можев и правно да ги гонам, покрај мобингот, но јас искрено се израдував што нема барем да ги гледам интензивно пред мене.

Несфатливо беше за мене новиот уредник во првиот работен ден, наместо да се израдува на својата среќа дека добил нова функција и напредувал, тој ме променува денес, како да нема утре, и наместо со напредок, нештата му тргнуваат со регрес. Поминаа тие неколку месеци тортура и тамам реков ќе здивнам, ох, немало раат со такви непрофесионалци.

Не знам што воопшто му создаваше толкав напор и притисок на тој млад лик, чие семејно познато презиме дотогаш ме асоцираше на книжевност,  култура и писменост, а тој тоа го промена засекогаш, и некаде околу 14-15 часот почнување да се дере на најсилно по новинарите, како да сакаше да покаже надмоќ, но не знаеше како. Јас тоа го нарекував „метал треш фестивал“. Еден ден отидов и му реков да намали урлањето. Од тогаш му бев пак на пик. Моите текстови беа веќе неважни, мојата работа игнорирана. Мојата задача се повеќе и повеќе се состоеше во следење на контроверзни и скандалозни ликови, со кои работите се разбира дека бегаат од контрола.

Силна беше спрегата на уредници со газдите. Силна, и би рекла патолошка. Тие правеа што сакаа. Еднаш се сеќавам како новинарка се акредитирав за концерт на поп ѕвездата Мадона , кога од таму ми соопштија дека некој веќе се акредитирал од мојата Редакција. Сепак, добив акредитација, и си организирав приватно патување. Пред да заврши работниот ден и јас да тргнам за Будва уредникот ми вели да пратам текст од таму, ќе ми дадат хонорар од 2.000 денари. Го прашав – зошто јас, кога, неговата „миленичка“ новинарка ќе оди и е веќе акредитирана. Ми одговори дека „требала да патува со младиот газда со возило, но тој ја скршил ногата и сега нема да патуваат!“

– Но, има автобуси…, се уште наивно одговорив јас. Тој понатаму воопшто не разговараше на темата, работите беа сосема јасни.

Свекор, син, снаа, ќерки, зетови, татко, ќерка, сопруг, сопруга, љубовници, се имаше на купче, се работеше само за нивни профит, а професионалноста воопшто не беше важна. Беше комплицирано да се работи во таква констрелација на односи, за некоја што дошла да работи професионално. Верувајте во тој период од работа се враќав до дома пеш, 8 километри и в долж цел пат солзите сами ми капеа.

Следниот мој момент беше уште потрауматичен. Само ме префрлуваа од едно на друго место. Од една во друга редакција. Стануваше се потрауматично. Оттогаш кога и да ми понудат уредничка, јас бегам. Едноставно се плашам да не налетам повторно на такви ликови, кои навидум се професионалци и си ја знаат работата, но  од нив ништо од тоа, сосема друго излегува на површина.

Е, откако ме префрлија во другиот весник, повторно бев во рацете на тврдоглавата уредничка, која не ја разбираше работата, завршила со слаб просек и воопшто не следеше ниедна област. Ако ви се верува знаеше да праќа новинар да му направи интервју на најголемиот македонски сликар, и откако ќе и кажеа дека одамна не е меѓу живите, таа и понатаму да се инаети дека е и дека таа го познавала лично. Хуманост во неа немаше, подоцна низ годините тоа успеа во јавност лажно да го наметне, затскривајќи се зад некои други проекти. Успеав да се извлечам од нејзина доминација, побарав да работам самостојно. Новинарките и бегаа ден за ден, а уредникот сето тоа го оправдуваше со зборовите „Ако треба овде има да биде автобуска станица, секој ден нека се менуваат новинарите, и онака ги има куп“.

Мораше да биде се по негово, на неговата сопруга и на уредничката која ја споменав. Со нив не се работеше, за некое работи ќе позборувам кога ќе му дојде време. Немав приходи, па морав да работам, да ги поднесувам сите неосновани критики, изолации, кодошења, дури и на злобниот технички уредник кој под нивна закрила се изживуваше со мене.  Здравјето ми се наруши, и брзо пукна тиквата на „хистеричен начин“од страна на уредникот, и возвратно од моја,  јас која сум крајно весела и смирена. На самата караница ми се  закани дека тој имал влијание, неговиот збор важел и дека нема да може да се вработам без негова препорака во ниеден друг медиум. Со свои уши слушнав кога на следниот претпоставен кој ме вработи, на мобилен телефон му кажуваше лаги за мене, за што потоа му напишав бесен и отровен маил.

Заканите, за да ви е појасно, доаѓаа од лик кој низ полето на медиумите заработил десеттина станови, куќи, викендици, џипови, кон новинарка со примања од 10.000 денари. Чудно, но вистинито. Среќа со социјалните медиуми се виде се, кој е кој, нивната превртливост, желба за доминација, за профит, за рекет, за нечесна заработка по секоја цена, и веќе не може да се маскираат и да го кријат својот карактер.

И тогаш продолжија моите враќања до дома, пеш со солзи. Се прашувате кога сфатив дека треба да си одам, да не настрадам повеќе? Кога наједуцираниот и најпрофесионален колега го пратија на прес, напиша текст, нив не им се допадна објективноста, целосно му ги изменија пренесените изјави, а откако тоа излезе во весник политичарот го тужеше новинарот на преку 20.000 евра. Неколкуте уредници, наместо да признаат дека тие ја измениле изјавата, се повлекоа, и се повикуваа дека под текстот е потпишан новинарот, кој навистина немаше никаква вина. (Новинарот сега продава свеќи во црква, и вели дека е среќен, што е разбирливо после толкави трауми од такви ликови).

Си заминав и не зажалив, додека последиците од неговото оцрнување на мојот лик ги трпам и ден денес, се уште не работам и финансиски едвај преживувам, и по осум години од оваа случка. Но, се што ми остана е да се грижам за здравјето кое ми го нарушија, и помислата дека мора да се борам со моето лошо искуство, барем некоја следна новинарка да не ги поминува истите патила. Изгубив се што макотрпно си заработив на моето професионално конто, но мојата борба нема да застане. Еден ден се тоа ќе го обелоденам само со цел подобрување на професионализмот и стандарите за работа, почитување на жената, запирање на мобингот и злоупотреба на непотизмот. Ќе викнам гласно сите да ме слушнат- СТОП за насилството во медиумите, и мобилнот кон жените!

***

Еден од уредниците во дневен весник, ми нанесе комплекс со неговара некоректност. Тој се обидуваше да ми глуми многу голем пријател, а еднаш го слушнав што му зборува на  помладиот колега чија мајка работеше во Редакцијата, и затоа тој  воопшто не доаѓаше на работа. Младиот колега се пожали дека го опоменав за неговото недоаѓање, а уредникот, сакајќи да се направи добронамерен кон него, му рече – остави ги, тие немажените не се во ред со паметот! Никој не ги сака, не вредат, затоа никој не ги оженува! Ова го слушнав од устата на човек кој претендирал да биде интелектуалец. Истиот тој уредник, сега, кога неговите ќерки се немажени, тврди дека е заради тоа што има многу хомосексуалци низ град, дека со машките нешто не се во ред, неговите ќерки се ок. Двојни аршини во оценувањето и навредите. Јас бев немажена и тоа најмногу ме погоди, и затоа одбегнував да одам на средби со Редакцијата, се чувствував како потценета, меѓу сите семејни. Си набив мислење дека  којзнае што се друго зборуваат за мене. Дури и се плашев да муабетам и да се шегувам со колегите, за да не помислат дека сум неморална жена.

По неколку години анксиозност, поради оваа случка и себеобвинување дека не сум мажена, го напуштив медиумот. Капак на се беше и работата со директор, кој исто така ги навредуваше и девојките од провинција. Еден ден со изговор дека немаат плата за сите, морал да намалува луѓе, не избрка мене и мојата колешка, а неа лично и рекол „знаеш ние ги цениме и задржуваме девојките од Скопје, а не од провинција, тие не ни требаат“. Ние бевме од провинција и тоа ми создаде голема психичка болка. И јас и колешката сме успешни новинарки, тој и ден денес е неуспешно партиски поставуван директор, без никакво лично достигнување. Можеби затоа беше психички насилник.

Насилниците во медиумите се претежно несреќни луѓе, поради некоја своја причина, или поради високото мислење за себе, дека ако уредуваат страници во весникот, можат да го уредат светот, и сечиј живот. Нивните навреди се нивното оружје, но нивните навреди се насилство на кое мора да се стави крај!

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ