Мала искра треба за мала семејна расправа да премине во голема семејна тепачка и насилство. Обично семејните караници од мал збор знаат да експлодираат во нешто сосема непредвидливо и да избегаат надвор од контрола. Да почнат како мал вербален конфликт, да завршат во болница. Со тепање и со посегнување по (ладно или огнено) оружје.

Навидум, само  мал збор е доволен, од друга страна не е така, нетрпеливоста и анимозитетот се собираат доста долго пред да излезат на виделина.

Кои се причините си знаат / или и не знаат ни самите сопружници, но факт е дека тоа се- финансии, неможноста за исполнување на обврските, различни сфаќања,  „оладена постела“ или тоа што некој или некоја му се „вртел во главата“ на едниот или на двата од сопружниците.

Деновиве во јавните гласила осамна веста дека познат пишувач кој поседува портал пред очите на нивното малолетно дете со нож си ја нападнал сопруга, таа завршила во болница. Неколку дена пред тоа и таа го нападнала со нож.

И додека се расветли немилиот случај, медиумите побрзаа со свои претпоставки, тенденциозни и одмазднички. Од една страна некои портали како причина ја наведоа провокативната чат сесија на помладата му сопруга со познат скопски градоначалник (илустрирано со наводни фотографии од четувањето), а пак други медиуми го обвинија сопругот дека  вниманието му го одвлекла негова колешка, што беше поткрепено со фотографија од која тие двајцата се едно до друго на јавен настан.

Иако ова се шпекулации и непроверени информации, многу е нехумано затоа што може само да долее нов пламен на огнот кај закрвавените сопружници, кои по оваа немила случка експресно се разведуваат.
Новинарите и новинарките секој од свој агол побрзаа на социјалните мрежи да дадат свое видување за ова насилство, а надвор од кодексот на професијата и се обидоа да дадат мислење , те за едниот те за другиот сопружник. Семејното насилство не е шега и не смее да е предмет на (јавен) сеир и на коментирање. Треба да им се остави на службите да си ја завршат својата работа.

-Случајот со семејното насилство не е воопшто смешен. И за ова дознавме само затоа што се работи за лик познат на јавноста. Да беше некој друг ќе беше само уште една ставка во дневниот билтен на МВР, полицајците ќе ја вратеа споругата пак кај џелатот. Прашањето не е само овој на јавноста познат лик. Има илјадници такви низ земјава, а институциите молчат, децата уште растат во таа мачо култура каде што жената е покорена и само слугинка и сексуален објект. Ќе треба многу повеќе да се надмине ова затоа што и кај многу жени се всадува мислењето дека треба да го трпат насилникот затоа што е срамота да се остават, да не ги повредат децата, што ќе речат другите… Не бидете такви кон жените е накратко поентата, меѓудругото на својот профил напиша еден познат блогер.

Во контект на оваа приказна ја извојуваме и случката на средовечна жена од Скопје. Таа смета дека токму сеирот од колегите и колешките, на нејзиниот сопруг,  ја довел на работ на очај и до развод.

-Сфатив низ годините дека мојот сопруг стана поинаков, не заради причините кои тој ги наведуваше (нервоза, стрес, работа), туку заради тоа што во глава му се всади неговата помлада колешка со која работеа заедно и не беше начисто дали сака да ме напушти и да продолжи со неа. Таа беше основата на сите наши несогласувања и караници, односно избувнувања од негова страна. Но, не отсекогаш. Колешката постојано му беше во глава. Кога беа на работа заедно со неа дома се враќаше весел и исполнет. Мислите му патуваа, и дома мислеше на неа. Јас му станав вишок во животот. Но тој беше весел и опуштен  и добро ни беше. Нашиот брак го одржуваше тоа што земав двојно поголема плата, а сопругот па мераклија да заседне во кафеана, да плати, да се истакне пред другарите. Со неговата плата тоа не можеше да си го дозволи. Зависеше од мене и мораше да живее со мене, се потсетува.

Понатаму, нивниот брак го расипало тоа што таа ја дознала причината зошто нејзиниот сопруг е напнат и со „отсутен мозок“. Односно, го расипало што во таа битка се здружила со неговите колешки од кои постојано очекувала нови информации, а тие биле сеирџиски.

-Не сфатив на време. Сега од оваа дистанца сфаќам што ни се случи. Бракот ни функционираше добро, додека колешките негови, од љубомора кон неговата сакана и нејзината младост, а не заради обзир кон мене, ми ги пренесоа пораките кои им ги начекале на заедничкиот компјутер. Нивната комуникација ми ја ископираа и доставија. Не со цел да ме заштитат, веќе реков, тоа подоцна го сфатив. Ми се сврти паметот, се ми се пресече за миг. Се здружив со нив, се слушав секојдневно за нови информации. Моја грешка беше што по кратко време му  кажав дека знам се. Од тој момент се тргна поинаку. Не признаваше, ама стана понервозен и оттогаш веќе почна да се кара со мене, наводно за друга причина. Да ме навредува, да ми се развикува и пред луѓе и во маркет. Да ме мава, тепа, споредува, пцуе, плука, да ме обвинува зошто немаме деца, иако неможноста беше кај него. За се бев виновна јас. Таквата ситуација траеше две години, доволно за да се разболам од повишен крвен притисок и аритмија. Јас продолжив тајно да го шпионирам преку неговите колешки кои ме снадуваа со „нови информации од теренот“. Ме заведе инаетот, и отпочната битка која морав да ја добијам. Ништо не можев да поправам. Еден ден замина. Замина неочекувано, на работа во странство. По извесно време слушнав дека ја повлекол и неа, ја зел таму. Не се откажа од нивната љубов, а заврши со развод нашиот брак, ама караниците и тепањата и ден денес ми ја печат лузната, се потсетува скопјанка. Додава дека и е криво што ништо не заштедила од својата плата, две децении му ја давала нему, со образложение дека нема за кого да штедат, најдобро е парите да си ги трошат, да живеат.

Сеирот е едно до поголемите злодела кои може да се нанесат во случај кога имаме насилство врз жена и закрвавени односи на сопружници, и целосно да го сменат нивниот живот, на полошо и покомплицирано.

Се би било поинаку кога би имало и цврст закон со кој се казнува мешање, коментирање или исмејување на семејно насилство, и насилство врз жена!

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP
Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP