Системите за противвоздушна одбрана на Нагорно-Карабах денес соборија авион на азербејџанските воени сили, напиша на својот профил на Фејсбук портпаролката на ерменското Министерство за одбрана, Шушан Степанјан.

„Ерменските системи за противвоздушна одбрана соборија непријателски авион во југоисточниот правец Арцак (Нагорно Карабах) околу 12:15 часот и два беспилотни летала во северниот правец“, истакна таа, пренесе ТАСС.

„Во тек се борби во различни насоки на фронтот, уништени се воен персонал и оружје на непријателот, особено тенкови “, истакна Степањанова.

Ерменското Министерство за одбрана утрово извести дека авион и дрон на азербејџанското воено воздухопловство се соборени во правец на северо-исток.

Утрово се водат жестоки борби во Карабах, а азербејџанската армија зазеде стратешки коти на линијата за контакт, соопшти Министерството за одбрана на Азербејџан.

“Почнувајќи од ноќта на 2 октомври, жестоките борби продолжуваат рано изутрина. Воените операции продолжија. Азербејџанските вооружени сили окупираа и контролираат бројни стратешки издигнувања во правец на Агдерин, околу Мадагиз”, соопшти Министерството.

Портпаролот на ерменското Министерство за одбрана Аркарун Хованисјан изјави дека Азербејџан користел касетни бомби за време на конфликтот во Нагорно Карабах.

„Тие користат касетни бомби, а ова се траги“, напиша Хованисјан на Фејсбук.

Ситуацијата во Нагорно Карабах ескалираше кон крајот на минатата недела. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за иницирање на конфликтот.

На 27 септември, Министерството за одбрана на Азербејџан објави дека вооружените сили на Ерменија гранатираа места на демаркационата линија во Карабах и дека меѓу жртвите има цивили и војници.

Според изјавите на Министерството за одбрана на Ерменија, Карабах бил подложен на воздушни и ракетни напади. Ереван тврди дека Баку започнал офанзива во правец на Карабах.

Во непризнатата република Нагорно Карабах објавија дека неколку места, вклучително и главниот град Степанакерт, биле подложени на артилериски оган. Властите го повикаа населението да се скрие, а подоцна прогласија вонредна состојба и мобилизација во Карабах.

Ерменија исто така прогласи воена состојба и најави општа мобилизација.

Претседателот на Азербејџан одобри воведување на воена состојба во бројни градови и региони на земјата и полициски час во земјата, а исто така најави делумна мобилизација. А.Н.