Валентина Ѓоргиевска Парго

Најнов повод да се разговара со господинот Живко Поповски Цветин е една многу ретка и исклучителна чест што ја доживеа и како уметник и како хуманист, пред повеќе од еден месец.

* Господин Цветин, Вие станавте добитник на престижен медал од Кралската гарда на Норвешка. Ви изразувам искрени честитки и би сакала да ни објасните како дојде до овој свечен момент и до ова голема меѓународно признание и награда?

-Јас имав една изложба по повод 30 години на создавањето на Македонската армија и по тој повод Асоцијацијата на здруженија за одбрана безбедност и меѓународни односи, ми организира изложба во Домот на армијата на Македонија. Таа изложба се совпадна и со доаѓањето на Норвешката гарда и Норвешкиот кралски оркестар, заедно со Генералштабот односно со Генералот на Гералштабот на Армијата на Норвешка и токму во тој период имаа прилика да ја посетат оваа изложба околу 130 гардисти од Кралската гарда заедно со Кралскиот оркестар. На самиот настан навистина имаше едно воодушевување од она што го видоа и од тоа како јас ги сликам цвеќињата. Им подарив на сите 130 присутни по еден цртеж со цвеќе и така се создаде една многу позитивна атмосфера, односно се создаде еден убав однос и комуникација на веќе пријатели кои не се познавале дотогаш. Имав и прилика да слушнам и една свадбарска песна што ја испеаја во моја чест, во чест на изложбата, во чест и благодарност на подарените слики. Навистина мене ми беше огромно задоволство што ете, така во таа дружба се разбира тука беа и гардиски од нашата земја од Република Македонија од Генералштабот и од гардата на претседателот, едноставно се создаде така еден амалгам кој не спои во тој момент и беше навистина беше многу пријатно, бев среќен што е ете во оваа пригода да се отвори изложба со едно вакво случување каде што јас имав таа чест да добијам и еден медал од Кралската гарда, односно од Оркестарот… И тој медал ми е многу драгоцен и затоа сум многу среќен. Во таа прилика јас ги замолив една моја слика од оваа цветна македонска градина на мирот да подарам за кралот Харолд Петти и на тој начин да воспоставиме врска со со Кралството на Норвешка директно преку кралската гарда, односно Оркестарот. Така ја поврзавме културата, со одбраната, со безбедноста и со мирот. Беше навистина еден прекрасен настан кој траеше повеќе од еден час дружба, се сеќавам еден од кралскиот оркестар ми подаде еден лист со празна скала и јас на него му насликав еден цветен виолински клуч и цвеќиња и на тој начин тој почна да плаче од радост, кога тоа дело го создадов пред неговите очи…

*Навистина беше импресивен настан. Бев присутна и имав моќност да се уверам со свои очи. Очекувавте ли ваква чест, најавена Ви беше пред самата посета, Виннајавија ли нешто дека ќе бидете добитник на вакви престижно признание?

-Не ми беше ништо најавено, јас мислев дека ќе ја видат изложбата, најмалку десетина, петнаесет минути како што тоа обично се прави нели и потоа ќе отидат. Меѓутоа тие се задржаа еден час и повеќе од еден час, а просто јас времето и не можев да го мерам тоа беше како еден миг. Миг, кој навистина остави големи траги кај мене. Како еден настан. Јас сум имал 300 изложби досега, но оваа изложба беше за мене тој настан таа посета на тие млади луѓе претставуваше голем настан. Јас имав и изложено една слика, односно една песна од еден норвешки поет Кјел Ерик Виндторн, кој ми ја посвети на Струшките вечери на поезијата и диригентот на Оркестарот ми рече – “Јас го познавав него” . Тоа навистина е исто така е голем момент за менен и кажа потоа дека тој починал. Што значи дека ме трогна и тоа што тој починал, но ете и ме развесели тоа што тој го познавал тој поет, тоа во еден момент е и радост и тага.

*Следуваше и уште поголемо изненадување од нивна страна, медал. 

– Норвешката гарда ме покани во нивниот концерт во Филхармонија, а пред да го погледам концертот во фоајето на филхармонија подарив слика за двајцата началници на Генералштабот на Норвешка и на Македонија. Слика Цветна патека на мирот со по 30 цвеќиња, 30 години постоење на Македонската Амирија и од Норвешката армија добив златен медал.

*Интересен спој, но Вие со Норвешка имате и една поинаква релација, таму е и и Комитетот за доделување на Нобелова награда. Вие сте нашата нобеловска гордост во однос на Вашите нобеловски номинации, и во однос на пласманот кој го имате освоено, еве и годинава сте повторно кандидат, но пред да се осврнеме на годинешната номинација накратко да се осврнеме и на изминатите номинации да ни кажете едноставно како успеавте толку високо да котирате во толку силна конкуренција во толку силни, претпоставувам, лоби групи? Во 2009 година Вие бевте на високото петто место што е еднакво а можеби и повеќе дури и од награда. 

-Па да, и за мене е голем успех а јас да кажам дека над 35 години работам како работник за мирот. Не сум на некоја општествена функција па да делувам преку функцијата, туку делувам како индивидуа, како човек од Македонија која шири порака за мир, користејќи го цвеќетомкако симбол. Македонското цвеќе кое е навистина ме воодушевуваат со неговата убавина и со неговиот мирис и навистина ме воодушевува и тоа што Македонија е земја најмирољубива во светот, а инспирација ми беше и една голема мисла од еден кинески поет во 1988 година во библиотеката Климент Охридски, кога ми посветите една песна или порака, како сакате, во која ми пишува, “На Живко Поповски- Покриена е со свежо цвеќе, пространата македонска земја, цвеќето што го посади македонскиот сликар. Јанг Ху народна Република Кина” . Тоа навистина ме поттикна и Македонија да ја сликам со цвеќиња и во 1993 година  да излезе една поштенска марка “Република Македонија цвеќе на мирот” која беше одобрена од страна на  пратениците на Република Македонија, а тоа го направивме на моја иницијатива и со голема поддршка и помош од мојот почитуван Стојан Тренчевски. А тоа преку Црвениот крст таа иницијатива ја реализирате да преку Собранието на Македонија да се донесе односно да се промовира една марка “Република Македонија- Цвеќе на мирот”. Јас три апликации дадов со Македонија и сите три марки се од 1993 година беа во оптек од 1 февруари до 31 март и таму се изработија комплет за овие филателисти и картички и блокови и навистина тоа беше една промоција на Македонија како цвеќе на мирот низ светот. Пораката на марката беше со убавината на  секој цвет пораката за мир нека го обедини целиот свет, Република Македонија- цвеќе на мирот.

*За номинацијата кога се работи 2009 година беа сите актуелни претседатели на светот , а победи Обама за која потоа се уверивме дека можеби и не ја заслужува таа награда, но Вие бевте само неколку чекори зад него. 

-Тогаш беа пријавени 205 кандидати, меѓу 30 како се пишуваше низ медиумите кои беа во првата селекција избрани и меѓу нив јас бев трет, четврт пред Пит Сигер или после него, тој е познат  американски музичар кој исто така имал доста концерти посветени за мирот и хуманоста така што јас сум многу среќен што ете моето име се спомнуваше меѓу тие ете прво 3-4 места, а после мене тука би го спомнал Бил Клинтон, па Владимир Путин па Џорџ Буш па Хемут Кол, Бутефлика претседател на Алжир и други имиња и организации кои во тие триесетите кандидати најсериозни кандидати се спомнуваа. Навистина тогаша Обама ја доби таа награда меѓутоа имаше и доста критики и следната година се повлече и претседателот на норвешкиот Нобелов комитет се повлече од функцијата заради тие грешки што ги направи, доделувајќи награда а за Обама и за Европската унија следната година. Така што, заради тие причини тој да повлече од нобеловиот комитет, наместо претседател сега е член. Имав уште една две номинации  повторно, во  2010 и 2011, меѓутоа тоа не беше така многу афирмирано.

*По неколку последователни номинации, годинава повторно сте нели кандидат сонедна многу силна номинација, во смисла на тоа што во самото номинирање учествуваа најрелевантните фактори и речиси сите битни фактори во државата што се поврзани и делуваат во областа на мирот.

– Годинава повторно како иницијатива на повеќе мои пријатели дозволив да ме номинираат за оваа награда бидејќи јас без оглед на се си ја продолжувам мисијата на мирот со цвеќњто, подарувајќи слики низ целиот свет преку поетска Струга, преку сите овие настани  што се случуваат во Скопје, во Македонија, на многу места, и на разни конгреси, конференции меѓународно, меѓународни настани. Едноставно секаде каде што се случува нешто каде што  можам да учествува се обидувам да ги подарувам овие цвеќиња на мирот и така да ја шириме пораката за мир низ целиот свет. Еве имавме неколку манифестации посветени на наши истакнати личности.

*Тоа е и следното прашање што сакам да ви го поставам. Минатата година цела година бевте посветен на чествување на делото на Блаже Конески оваа година на Гоце Делчев, во која насока ќе продолжат вашите следни настани, оваа година и дали годинава бидејќи горе долу се нормализира ситуацијата ќе учествувате повторно на Струшките вечери на поезијата? 

-На Струшките вечери на поезијата сакам да присуствувам, верувам дека ќе имам можност годинава со оглед на тоа дека попуштија мерките во дружењето на луѓето и верувам дека ќе бидам присутен и да подарам слики за поетите што ќе дојдат, по традиција. Исто така годинава веројатно ќе го продолжиме и чествувањето на Мајка Тереза, ако не поинаку на свој начин зошто јас пред 36-37 години имам добиено писмо од неа и таа порака да се помагаат болните, несаканите, осамените ќе ја продолжам на еден својствен начин. Покрај ова на први септември ќе им подарам 200 слики на учениците од средното училиште во Драчево. Во таа гимназија има земјоделски и ветеринарен смер а јас како човек во таа професија (агроном) би сакал годинава да им подарам по една моја слика цвеќе, на мирот. Исто така на 9 септември има свадба на една Македонка и Холанѓанец и по тој повод треба да направам една ликовна работилница Цвеќе на мирот, зашто Холандија е земја на цвеќето, а Македонија е земја и на цвеќето и на неговиот убав мирис па така еве и тогаш ќе направам да подарам слики на стотина гости во Скопје. Потоа на 21 септември, по повод светскиот ден на мирот во Основното училиште “Братство единство” во Охрид ќе се организира една изложба Цвеќе на мирот каде што мојот внук, внук на мојата сестра Алекандар Грујовски од Охрикок е деветто одделение ќе биде промотор на таа изложба, тука ќе биде вклучена и библиотеката Григор Прличев и Милчо Јованоски и ќе повторно ќе започне Штафетата на мирот, во тоа училиште “Братсво и единство”, да го зајакнеме и тоа заедништво меѓу нас. Во “Зеф Љуш Марку” планирам да имаме настан со професорот Насер Мифтари…

*Последно прашање за оваа пригода, кратко и јасно, дали годинава ја очекувате заслужената Нобелова награда за мир?

-Јас, прво, без оглед на се ја продолжувам со оваа мисија на мирот со цвеќето, без оглед дали ќе ја добијам наградата или нема да ја добијам. Тоа нема да ме обесхрабри. Јас си продолжувам со мојата работа, но по се изгледа дека никој во светот нема толку направено за мирот на овој начин, на свој начин. Меѓу сите идеи и настани што ги правам како непосреден работник на мирот, секоја година на 8 август по повод сеќавање на жртвите на Хирошима и Нагасаки да пуштам порака за мир, од Цветиновиот парк на уметноста и поезијата, воедно апел против производство, трговија на атомската бомба во поништување на човечки животи и материјални добра, тоа ми е настан секоја година, а во 2019 беше по моја иницијатива беше организирана Во Австралија. Ја испраќаме оваа порака од Македонија кон светот затоа што заканите кои во последно време се многу чести, навистина претставуваат голем товар на целото човештво.