Научниците од Институтот за молекуларна бионаука на Универзитетот Квинсленд посегнаа по заборавен антибиотик и одново го синтетизираа зголемувајќи ја неговата ефикасност против отпорни бактерии, а потоа во соработка со Универзитетот Монарх ја проучуваа неговата ефикасност на заразени животни.
Студијата ја поттикна потребата од итно откривање на нови лекови кои би реагирале на сè пошироката бактериска отпорност на други антибиотици.
“Октапептините се откриени во доцните 1970-ти, но тогаш тие не беа избрани за натамошно истражување, бидејќи имаше многу нови антибиотици благодарение на илјадници луѓе кои работеа на истражување и развој на нови антибиотици”, рече лидерот на студијата професор Мет Купер.
“Со оглед на тоа колку малку научници сеуште работат на ова подрачје денес и колку малку нови антибиотици се развиваат, користевме современи методи за тестирање на лекови за да ја анализираме неговата ефикасност против супербактерии”.
Професорот вели дека не постојат нови видови на антибиотици за грам-негативни бактерии, а отпорноста кон лекови е сè пошироко распространета во светот.
“Грам-негативните бактерии е тешко да се уништат, бидејќи тие имаат дополнителна мембрана која треба да се пробие и која е прекриена со тенок слој кој ги камуфлира од лековите или од нашиот имунолошки систем”, вели тој.
Појавата на отпорност на меропенем и сега на колистин, антибиотици од последниот избор, значи дека сега бактериите се отпорни на широк спектар на лекови и ова е реалноста со која се соочуваат лекарите.
“Октапептин покажа надпросечна антимикробна активност во споредба со колистин кога се работи за многу резистентни грам-негативни бактерии во раните претклинички студии, вели професорот.
“Дополнително, октапептинот потенцијално се покажа помалку токсичен за бубрезите отколку колистинот”.
Студијата ги поставува темели за развој на нова генерација на антибиотици за смртоносните инфекции. Резултатите од истражувањето беа објавени во списанието „Cell Chemical Biology“.