„Мора да реагираме навреме пред да биде доцна“, рече Мицотакис на грчката национална телевизија во неделата вечер и додаде: „Во име на општото добро ја донесов оваа одлука. Го информирав Претседателот на Републиката и водачите на политичките партии, Утре во 6 часот стапува на сила забраната за движење на цела територија на Грција “, рече тој.
Мицотакис се заблагодари на огромното мнозинство на луѓе кои ја разбраа заканата од вирусот и останаа дома.
„Сепак, нема да дозволам некои несериозни, неодговорни луѓе да ја поткопаат безбедноста на многумина. Затоа што тие малкумина можат да наштетат илјадници “, рече грчкиот премиер.
На сите граѓани им е наредено да останат дома. Исклучоци се дозволени само за оние кои имаат потреба да одат на работа и кратки движења до супермаркетите, докторите, роднините кои имаат потреба, вежбање (сам или во парови), како и оние кои имаат домашни миленици.
Поточно, грчките граѓани мора да пополнат и да потпишат одредени формулари со што ќе ја објаснат причината поради која се наоѓаат на отворено. Сите луѓе кои се надвор мора да имаат лична карта / пасош со нив. Луѓето кои патуваат до и од работа мора да имаат документ за верификација од нивниот работодавец.
Овој потег доаѓа откако здравствените власти порано објавија дека уште две лица починале во неделата, со што вкупниот број на жртви се искачи на 15. Потврдени се на 624 заразени лица.
Граѓаните сметаат дека ова е одговор на многу Грци кои им пркосат на повиците да се остане дома. Наместо тоа, во последните неколку дена, илјадници луѓе ја напуштија Атина и другите поголеми градови и заминаа на село или островите предизвикувајќи стравувања дека може да го рашират вирусот низ целата земја.

Н.С.