четврток, април 25, 2024
домаНасловнаЗагреб го погоди најсилен земјотрес во последните 140 години, едно девојче критично,...

Загреб го погоди најсилен земјотрес во последните 140 години, едно девојче критично, десетина повредени

Во 6:23 часот, Загреб утрово го погоди силен земјотрес од 5,5 по Рихтер, што е најсилен во последните 140 години. Моментот кога започна земјотресот бил снимен и од надзорни камери на некои објекти, пренесе „Индекс.хр“.

Едно 15-годишно девојче е во критична состојба откако се сруши куќа во улицата Ѓорѓиќ, а десетици граѓани се полесно повредени.

Најтешко погодено е старото градско јадро. Домови стари над 100 години делумно се распаднати, фасадата испаднала и оштетени се бројни автомобили, пишува „Индекс.хр“.

На социјалните мрежи наскоро се појавија слики од надзорните камери во и надвор од домовите на граѓаните на Загреб, кои го снимиле моментот кога Загреб беше погоден од незапамтениот земјотрес.

Во ситуација на ширење на корона вирусот кога до утрово во Хрватска се регистрирани 235 заразени лица, наредбата граѓаните на Загреб да останат во своите домови повеќе не важи, бидејќи се случија низа земјотреси. Тие сега се повикуваат да излезат од своите домови, но да одржат пропишано растојание.

– Грижете се за себе и заштитувајте ги другите. Бидете надвор, но облечете се добро. Ставете капи, ракавици, дебели јакни, шал над устата. И задржете простор. Не паничете. Ќе настинете и тогаш ќе помислите дека имате корона – аплеираше директорката на Хрватскиот институт за итна медицина Маја Грба-Бујевиќ.

Инаку, од вчера во 16:00 часот во Хрватска се пријавени 29 нови случаи на инфекција со корона вирусот, соопшти утринава штабот на цивилната заштита.

– Тешко им е на сите и го разбираме тоа. Секој има потреба да се соедини во тешка ситуација, но ве молиме придржувајте се кон мерките што ги препишавме – апелираше Грба-Бујевиќ.

Шефот на Службата за цивилна заштита, министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, им порача на граѓаните да ги слушаат информации од надлежните и да постапуваат по советите на професионалците, пренесува „Танјуг“.

Тој рече дека кризата со корона вирусот е поголем предизвик отколку земјотрес, според тој штаб.

– Ќе се потпреме на ставовите и предлозите на стручните лица. Она што е специфично за оваа ситуација е дека новиот корона вирус е полн со непознати, а од самиот почеток знаеме дека земјотресите не се нешто на кое науката може да даде точен одговор. Затоа е важно да имаме целосна координација на сите служби во Република Хрватска – рече Божиновиќ.

На улиците на Загреб се војската, полицијата и пожарникарите, сите работат на расчистување на урнатините. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ