Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на денешната прес конференција ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.

Во своето обраќање,премиерот рече:

„Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние, и како држава, и како Влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек. Нема отстапување од стремежите за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ.

Дома, нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома.

Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик! Ќе продолжиме со реформите со уште посилен интензитет.

Затоа денеска, имам чест да претставам неколку од клучните проекти и програми кои ќе го окупираат нашето внимание и време следната година. Овие големи и важни, домашни, македонски проекти се дел од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!”

Ги повикувам на обврска сите владини функционери и службеници да продолжат да даваат максимум на целите кои ги утврдивме како највисок интерес на граѓаните и за кои добивме мандат да ги реализираме. Ве повикувам и вас почитувани граѓани, приклучете се, дајте максимум сега, кога сме најподготвени да си го направиме животот дома подобар и поубав.

Сите заедно, продолжуваме да ја правиме Северна Македонија европска, подготвени во секое време да ги почнеме преговорите со ЕУ.“

Премиерот Заев најави дека во „Акција 21“ се вклучени 10 приоритети, а број 1 на листата е – Прочистувањето на правосудството.

„Моделот за прочистување или филтрација, е во завршна фаза. На него работеа првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност и тие ќе бидат тие што ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.  Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: Како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност“ кажа меѓу другото премиерот.

Вториот приоритет е борбата против корупција, преку воспоставување јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се ангажираме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.

Приоритет број 3 е акцијата за чиста и здрава животна средна. За 2021 година во Програмата за намалување на аерозагадувањето се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило.

„Од државниот буџет ќе се финансира со 70 милиони евра еколошки чистиот и брз автобуски систем во Скопје и ќе продолжат субвенциите и имплементацијата на проектот инвертер клими за дополнителни 5000 домаќинства. Идната година високо во приоритетите е да го зголемиме процентот на заштитени природни подрачја. Оваа година започна постапката за прифатливост за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, како и постапката за прифатливост за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за парк на природа и на дел од Водно за заштитен предел. Во 2021 година ќе продолжиме со постапката за Шар Планина да се развива како национален парк и ќе се донесат планови за управување со националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, како и планови за управување со заштитените подрачја.“

Премиерот информираше и за владините активности околу справувањето со КОВИД19 и меѓу другот информира дека владата направила уплата за 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот. Согласно планот за дистрибуција вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021.

„Покрај овој механизам, започнавме преговори и за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам преку Европската унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони. Се подготвуваме и набавуваме фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури. Ова е така бидејќи ќе има повеќе достапни вакцини кои сигурно ќе ги користиме, а се складираат на различна температура.„ – кажа Заев.

Петтиот приоритет во насока на исполнување на светските и европски стандарди се во индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка. Канабисот е една од најдинамичните индустрии во светот и политиката на владата е не само да ги препорачува овие искуства, туку и понатаму да ги поддржува компаниите кои влегуваат во овој бизнис кој во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места.

Премиерот Заев информираше дека досега се одобрени 59 лиценци за оваа дејност и дека Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. Во европските и светските пазари има стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани.

Маслата од канабис и другите продукти, влијаат позитивно на многу симптоми на болести како што се мултиплекс склероза, ХИВ, Паркинсонова болест, епилепсија и други малигни заболувања.

„Ако тоа го направиме до крајот на оваа година, следната година очекуваме преку 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели. Тоа ќе стимулира отворање на нови високо платени работни места. Во 2021 планираме и да ја прошириме листата на дијагнози за кои е дозволено лечење со медицински канабис и да обезбедиме декриминализација и депенализација на канабисот за мали количини за лична употреба. Бидејќи, точно е тоа што го зборуваат активистите од граѓанскиот сектор – не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде низ светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност. До јуни 2021 ќе ја отвориме дебатата, а потоа процесот ќе оди во Собранието. Се разбира, полицијата ќе продолжи со своите силни акции против криминал и трговија со дрога, за кои сведочиме секојдневни успеси, за што сакам да му честитам на министерот за внатрешни работи.“ – истакна Заев.

Во однос на другите приоритети, премиерот Зоран Заев рече:

„Темелно ги следиме трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетската транзиција и целта до 2050 година европскиот континент да има нула емисии од секторот енергетика. Ние сме дел од Европа, така и се однесуваме – одлучно се движиме кон енергетската транзиција.

За новата енергетска иднина имаме и огромна поддршка од нашите партнери ЕУ, НАТО и САД, кои преку своите фондови и развојни агенции пружаат огромна поддршка.

Во 2021 година очекуваме реализација на проект со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана. На местото на стариот рудник во РЕК Осломеј сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 MW. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра.

АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови стотина мегавато зелена енергија

Дополнително обезбедени се грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола.

Во изминатата година успешно беа спроведени првите транспарентни постапки за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски електрани во вкупен инсталиран капацитет од 62,5 MW, од кои веќе неколку се пуштени во употреба. Во првиот квартал од 2021 ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 MW фотонапонски електрани по истиот принцип. Инвестицијата е над 35 милиони евра.

Во текот на 2021 ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13.8 MW. Проценетата инвестиција е 21 милион евра.

Започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданви, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.

Идната година и официјално започнува проектот изградба на гасовод помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето. Обезбедуваме гас од Азербејџан преку ТАП (Trans Adriatic Pipeline). Ова e клучен проект за енергетски – економски развој на Северна Македонија. Инвестицијата само за интерконекторот со Грција проценета на 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекти, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи со природен во регионот.

Продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава со засилено темпо. Идната година завршуваме со кракот до Битола, и до Тетово и Гостивар, а потоа продолжуваме со Гостивар – Кичево, Св. Николе – Велес, и делницата до Гевгелија и до ТЕЦ Неготино, и со заокружување на прстенот кон Охрид и Ресен до Битола.

Во 2021 година започнува втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини. Двете турски компании АКСА и ПАЛЕТ ИНСААТ се во втората фаза од натпреварот за стекнување на привилегијата за приватен партнер со проценета инвестиција од околу 300 милиони евра.

Штип и Крива Паланка се веќе подготвени, тие се првите македонски градови после Струмица и Куманово, со комплетирана проектна документација за секундарната мрежа, а во фаза на изработка е и документацијата за Прилеп, Битола и Тетово. 2021 ќе биде годината кога ќе започне изградбата на секундарната гасоводна мрежа во 10 македонски градови со што цевките за гас ќе стигнат до домаќинствата.

Веќе во јануари 2021 година ќе стигнат анализите и проценките за нашето учество во изградба и сопственост на Терминалот за течен природен гас во Александропулос и Гасната електрана Александропулос. Во текот на 2021 Владата ќе донесе соодветни одлука за инвестирањето во овие проекти.

Во енергетиката навистина имаме што да кажеме и имаме аргументи зошто сме лидер во регионот по ова прашање.

Пред три дена заврши рокот за доставување понуди за огромниот проект Чебрен. После 11 години обиди на претходната власт кои пропаѓаа уште во фазата на распишување на тендерите, на нашиот јавен повик за пројавување интерес пристигнаа повеќе понуди од кои 10 се од џиновски компании од Европа и Кина. Сега продолжува следната фаза за проектот вреден меѓу 600 и 800 милиони евра и тоа само по себе ја покажува сериозната намера за успех.

Градиме во енергетиката и градиме и се поврзуваме преку Коридорот 8 и преку другите капитални проекти.

Буџетот за 2021 година на Министерството за транспорт и врски е развоен и во него во најголем дел од проектираните средства или 83 проценти се наменети за капитални проекти. Со Буџетот планираме да обезбедиме високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови.

Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 во втората и третата фаза вредни 600 милиони евра.

Коридор 8 е главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското море.

Само во северо-источниот и источниот регион реализираме инвестиции од над 80 милиони евра и интензивирана е изградбата на патната инфраструктура како никогаш досега.

За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализации и водоводи во општините. За следната година веќе обезбедивме 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, многу значаен проект за подобрување на урбаното живеење. Започнува изградбата на браната Отиња во Штип.

Посебно внимание ќе биде посветено на навремената реализација на капиталните проекти или на одделни фази од нив за оние долгорочните.

За таа цел, на централно ниво, под координација на министерот за финансии, ќе се формира меѓуресорско тело за надгледување и реализација на капиталните проекти со цел да испорачаме високо ниво на нивна реализација. Ова меѓуресорско тело ќе има задача да следи и да алармира дали капиталните инвестиции се реализираат според предвидената динамика за секое тромесечје.

И покрај пандемијата државата докажа дека има капацитет да организира сложени операции со масовно учество на граѓаните.

Така ќе биде и со пописот на населението во 2021 година.

Северна Македонија нема организирано попис 18 години, со што е единствена држава во регионот и пошироко без спроведена ваква статистичка операција.

Ова дефинитивно ќе го смениме во првата половина на 2021 година.

Потсетувам дека во Извештајот на Европската Комисија беше нотирано дека е постигнат особено добар напредок во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението. Затоа сме сигурни дека следува успешна статистичка операција спроведена според најдобрите стандарди на ЕУ.

Имаме за цел со предлог Законот за попис, оваа статистичка операција, сега и во иднина да не се третира веќе како политичко прашање.

Пописот ќе чини вкупно 8,5 милиони евра. Тоа е за 5 милиони евра помалку од пропаднатиот попис на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во 2011 година.

Наместо хартија ќе има електронски уреди. Одговорите на дел од прашањата ќе се земаат од базите на податоци кои ги организиравме во изминатите три години.

Пописот во 2021 ќе се спроведе – не заради тоа што премиерот Заев така рекол. И не заради тоа што Мицкоски така сака или не сака. Попис во 2021 ќе има заради тоа што развојот на нашата земја нема да биде можен без резултатите од овој попис. И заради тоа што на граѓаните, на институциите, на организациите, на бизнисот, на науката и на академијата – им требаат нови, релевантни и точни статистички податоци за нашето население.

Како Влада имаме голема обврска и одговорност да се спротивставиме на дезинформациите и да ги спречиме штетите кои ги нанесуваат лажните вести. Затоа еден од нашите приоритети во „Акција 21 е – Стоп за дезинформациите“.

Најавувам засилени активности во периодот што следи, широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество, во рамките на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата.

Со овој план се изработи и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој доколку не постоеше во време на ковид кризата низ која поминуваме, ќе имавме големи тешкотии во справувањето со лажните вести, кои во огромен број беа пласирани преку квази медиуми.

Такви тенденции се препознаваат уште сега и со вестите поврзани за вакцината против КОВИД-19 со цел да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата.

Овие обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекерите и на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентно пристап до релевантни извори и информации за креирање објективни медиумски содржини од јавен интерес. Владата има обврска да го штити јавниот интерес и во таа смисла ќе направиме се што е во наша надлежност населението да биде целосно, навремено и точно информирано за начините на заштита од КОВИД, вклучително и за процесот на вакцинација.

Кога станува збор за одбраната од сајбер нападите, сакам повторно да потенцирам дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО, на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.

На крајот, сакам да се заблагодарам и за соработката и поддршката која ни ја даваат сите наши стратешки партнери на оваа тема. Северна Македонија ќе биде лидер во изнаоѓањето на решенија во борбата со дезинформациите кои го напаѓаат целиот свет, и верувам дека рамо до рамо со партнерите од западот и НАТО, соодветно ќе возвратиме на оваа штетна појава.

Тука сакам да се осврнам и на еден важен сегмент од најавената и во јавноста актуелна реформа во образованието – Медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел да им помогнеме на младите генерации да бидат најсилните отпорници на лажните вести.

Како следен приоритет за 2021 година се постапките за измени или дополнувања на Законот за данок на имот, на законските можности за легализирање на автомобилите со странски таблички, како и за можностите за стимулирање и погодности за ставање во функција на кеш парите што се чуваат дома или на парите од заштеда или добивка.

Врз основа на анализите и показателите, подготвени сме да креираме политики да го поттикнеме интересот на граѓаните да го стават тој „мртов капитал“ во финансискиот промет, односно да инвестираат.

Ставањето на парите од така наречениот „мртов капитал“, кој се чува на несигурни места во домашни услови, ќе донесе добивка за граѓаните, раздвижување на финансискиот пазар и нови инвестиции, а како дополнителна придобивка тоа може да значи и нови работни места.

Се разбира, овие идеи и иницијативи ќе се спроведуваат исклучиво во согласност со регулативата на ЕУ и со европските и меѓународните позитивни искуства и истите ќе вклучат јасни даночни обврски.

Сосема разбирливо, ќе се води исклучително внимание воведувањето на овие политики да не го злоупотребат лица кои поседуваат нелегално стекната готовина или финансиски средства за кои постои основано сомневање дека се стекнати со криминални дејствија.

За крај, сакам да се осврнам уште еднаш на образовната реформа во основното образование и да укажам дека преку неа, во наставата ќе се вклучат наставни содржини кои се клучни за нашите деца, суштински за учениците да влезат подготвени во овој нов современ дигитален свет. Во образованието вклучуваме медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, но и содржини и часови по хигиена која се покажа како круцијална во борбата со КОВИД-19. Се разбира, новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и се друго што е неопходно за нивните знаења.

Не чека една исклучително значајна година.

Десетте приоритети од нашата „Акција 21 – за европски стандарди дома” се принципите и нашата заложба кои ќе не водат во наредната година. Нивното исполнување ќе биде наш мотив да работиме и да продолжиме до крајот на мандатот на оваа Влада со имплементација на европските стандарди во секоја клетка од нашето општество.

Европа дома значи подобар живот за секој македонски граѓанин, за секој еден човек што живее во нашата заедничка Северна Македонија.“

Н.Д.