Оваа година ќе биде година на рестарт, а влогот во човечкиот капитал е одлична економска стратегија, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција.

„Оваа, 2021, е година на економско заздравување“, рече премиерот Заев, посочувајќи дека во стратегијата за забрзан раст тоа ќе се случува во четири столба, и тоа економско заздравување од Ковид-19, забрзан инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси.

–Ќе продолжиме да инвестираме во патната и железничка инфрастутура, енергетика, гасификација, градинки, училишта и болници, животна средина, комунална инфраструктура, социјални станови…, најави Заев, посочувајќи дека овие инвестиции за капитални проекти се планирани на повеќе од 23 милијарди денари или за 20 отсто повисоки во однос на планот за 2020 година.

Буџетот е избалансиран со фокус на здравствениот систем, економијата, капиталните инвестиции, системската функционалност и реформите во правосудството и евроинтеграциите.

– Кризата е можност и од нас зависи, колку ќе ја искористиме. Клучни ќе бидат капиталните инвестиции за кои се проектирани 23 милијарди денари, инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата и земјоделството. Буџетот е избалансиран, одговорно планиран и кроен соодветно, за да одговори на предизвиците“, рече Заев.

Осврнувајќи се изминатата година премиерот Заев посочи дека финансиската и економската политика на државата ги дава резултатите и е убав податок за завршеток на вака тешка година.

„Од почетокот на кризата креиравме четири пакети на економски мерки за поддршка на најпогодените од кризата за што обезбедивме над 1,2 милијарди евра. Најважно од сè на економски план се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечката економска стратегија. Само со четвртот пакет се исплатени плати за над 60 илјади работници месечно, а тоа се околу 18 милиони евра месечно, за околу14.000 фирми месечно. Овие средства се враќаат повторно во стопанството. Со мерките беше обезбедена финансиска поддршка за околу 500.000 наши граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлање средства на нивните сметки“, рече Заев.

Како што посочи Заев, по Божиќните празници ќе почне дијалогот со синдикатите, коморите, граѓанските организации, акадeмската јавност и сите останати учесници, за да се димензионираат наредните пакети за помагање на стопанството и граѓаните. А.Р.