Почеток на процесот на имунизација против корона

Во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести утрово почна имунизацијата против корона вирусот, а први вакцината ја примија д-р. Добринка Наунова и главната сестра Габриела Темелковска од клиниката.

Министерот за здравство Венко Филипче, рече дека планот е вакцинацијата да се одвива прво во модуларната болница и сите што работат со ковид пациенти да бидат вакцинирани во следните седум до 10 дена. После тоа, вакцинацијата ќе продолжи низ целата земја. Според него, во првата, приоритетна група, 4.000 здравствени работници од целата земја ќе бидат вакцинирани. Имунизацијата започна со 4680 вакцини од „Фајзер“, кои пристигнаа како подарок од Србија за време на викендот, од вкупно 8.000 договорени дози.

-Направивме добра организација, еднаш кога ќе почне имунизацијата да не запре. За денеска предвидено е вакцинирање на 260 здравствени работници. Во следните денови вакцини ќе примат и вработените во ковид центрите во Скопје и низ државата, како и приватните болници. Целиот здравствен персонал којшто е пријавен ќе биде вакциниран. Останатите 4000 вакцини од Србија ги очекуваме следната недела. Верувам дека ќе имаме успешен процес на вакцинација – рече министерот Венко Филипче.

Според планот за имунизација, по здравствените работници кои аплицирале за вакцина, следува вакцинирање од втората приоритетна група, во која се постари од 75 години и хронично болни. Повеќе од 50.000 граѓани аплицирале за вакцинација преку веб-страницата vakcinacija.mk, а 23.808 граѓани се пријавиле преку своите матични лекари. А.Р.