Пишува: Филип Спировски

Комшијата сака да ја загради терасата и ми вели дека ќе почнел од другиот понеделник со градежните работи. Го прашувам: „Што не почнеш веднаш. И така си на одмор?“, а тој одговара дека општинскиот градежен инспектор ќе бил на одмор другата седмица и ако некој комшија се жалел за ѕидањето на терасата немало кој од инспекторите да излезе на терен и да го запре дејството.

Малиот број на инспектори дозволува манипулирање на постапките во сите сфери од животот. Последните случувања од поголем размер со поморoт на рибите во Вардар ја отворија Пандорината кутија во животната средина. На настанот на кој му претходеше „хаварија“ во погоните на металопреработувачкиот гигант АрцелорМиттал недостатокот на инспектори доведе до немање на примероци за испитување на водата во Вардар затруена од непозната хемикалија.

Во чамецот кој ги сечеше мирните води на езерото крај Лозана двајца рибари мирно ги држеа стаповите за риба. Во Швајцарија не може секој да е рибар. За таа работа, покрај познавањето на водните стајалишта и рибите, потребна е и етика и полагање на испит, после кој ќе можете да пријавувате состојби со рибите и водите и со тоа директно да се грижите за животната средина. А дозволите за рибарење се издаваат преку интернет апликација. И секој друг рибар може да ве праша и да провери дали сте овластени за рибарење. За казните и да не говорам – големи се! Но и цената од уништувањето на животната средина е голема.

Кај нас законите постојат за да се бара дупка во нив, а не да се почитуваат и позитивно да се толкуваат. Ако истече загадена, црвена, вода во реките „вода донела, вода однела“. По два дена доцна е за примероци. Ама има слики! Сеедно, нерелевантни. Ама се знае од кој канал се влеале нечистотиите! Сеедно, нерелевантно. Релативизирањето на состојбите доведе до живуркање на рипчиња низ нашите реки, а за грижата се „виновни“ ентузијасти рибари и граѓански организации. Од петни жили се напрегаат да објаснат за загадувањето ама бадијала. Јавноста се однесува кампањски: го чисти речното корито додека крај нив минуваат илјадници литри хемиски затруена вода. (Не дека не треба да се чистат и коритата на реките, но за нив во друга прилика!)

Поморот што се случи на 22. Септември 2019 ја отвори Пандорината кутија.

Она што официјално се знае е дека Од погонот на компанијата „АрцелорМиттал“, поради дефект од непознат фактор настанато е излевање на штетен материјал без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води, при што предизвикано е излевање на видно обоена црвеникаво-жолта отпадна вода, а последицата е помор на рибите и загадување на целата водена маса на реката Вардар, и како резултат на тоа добиена е забрана за работа во времетраење од три (3) месеци. На компанијата и се заканува и парична казна од 70.000,00 до 100.000,00 евра, доколку се утврди дека е направен прекршок од трета категорија, согласно Законот за животната средина.

Но, каде се инспекциите?

Никој не ги известил инспекторите! Потребно (или пожелно) е некоја институција да ги извести. Нивното делување по допрен глас е оставено да се реализира на своја рака, но условено е од недоволно ресурси. Во случајов, инспекторите разбрале од медиумите кои ја споделиле информацијата во јавност, и другиот ден излегле на терен. Тоа дека изговорот: „На службен пат“ и овој пат беше искористен во замена на неправовременото постапување, за инспекторите и за нивните надлежни е „добитен тикет“, оправдување засекогаш за се! И додека им робуваме на релациите и непотизмот зачинети со политичките интереси, кои по правило се над јавните, ќе ни бие така како што ни е. За жал!

Кога рибите здивнаа што ли остана за луѓето?

По течението на Вардар пред влезот во Велес нивите крај реката се наводнуваат од затруените води. Загадениот Вардар во осумдесеттите се труеше од испустите на кожарата ГоДел се додека не вградија потребни филтри. И тогаш како и сега од повисоки политички причини, читај: за социјален мир и ангажирање работници, погоните не се затвараа до изградбата на филтрите, а отпадните води правеа помор, а медиумите пренесуваа поретко отколку сега. Технологијата го направи своето кај медиумите. На ред се и инспекциите да се „технологизираат“. Остварливо е и не е толку скапо и недостижно да се направи софтвер кој ќе ги информира инспекторите (како што ги информира фејсбукот со лајкови) и кој ќе е достапен за јавноста да може да реагира на неправилното работење на индустријата или на инцидентите врз животната средина. Потребно е само малку ентузијазам, само неколку часа посветеност на работата во седмицата и оптимално користење на ресурсите за кои патем кажано постојат и ЕУ фондови за зајакнување. Јавноста не само што има право на пристап до информации, туку треба и да учествува и во донесувањето на одлуките. Граѓаните и граѓанските организации се корективот на власта, и тие секогаш мора да реагираат кога државните институции ќе затајат во својата работа.

Замислете ја следнава ситуација:

За жал, за инцидентот не бил известен ниту Директорот на Државниот Инспекторат за животна средина, односно инспекторите се информирале преку медиумите во доцните вечерни часови, по што во првиот нареден работен ден се реализирани трите вонредни инспекциски надзори. Во исто време Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање истакнува дека Инспекторатот за животна средина на Град Скопје кој извршил вонреден инспекциски надзор на лице место не го известил Државниот инспекторат за животна средина.

Какафонијата во комуникацијата меѓу институциите е проблем и од него произлегуваат проблемите во спроведувањето на законот за животна средина.

По ова следат низа настани, но сите говорат за нефункционалноста на односите меѓу самите институции, а потоа и со останатите. Имено, на 23.09.2019 година согласно законските надлежности на Државниот Инспекторат за животна средина направен е вонредниот надзор и информацијата за истиот беше проследена во првото соопштение.

И најважното:

Државниот  инспекторат  за  животна  средина  привремено  го  затвори  погонот  „Ложилница“  на „Арцелор Миттал“. Фирмата доби Решение за забрана за работа на погонот од 90 дена или до отстранување на дефектот поради кој во неделата дојде до еколошки инцидент и помор на рибите во реката Вардар.

„Решението за забрана е издадено на погонот „Ложилница“ поради дефектот на пукната када поради што  дошло до излевање на материјал измешан со железо и киселина во реката Вардар. Забраната е привремена од 90 дена или до отстранување на дефектите.

Колку чини поморот на „јато риби“?

Глобата за овој вид на прекршоци е 100.000 евра во денари за правното лице, односно  30%  од  одмерената  глоба  за  правното  лице  му  се  изрекува  на одговорното лице односно максимални 30.000 евра во денари.што ни е. За жал!

Останува да виси прашањето дали и кој ја плати казната. Но, и зошто информацијата јавно не објавена. Транспарентноста треба да биде императив во вакви спорови, особено кога интересот на граѓаните е поголем отколку се очекуваше.

Останаа еден куп отворени прашања, пандемијата на корона вирус некако дојде како посакуван одговор за многу прашања за државните институции…Нели, за време на пандемија одговри на ваквите прашања нема, а нема ни информација што точно сега се случува со „Арцелор Миттал“, која е водечка светска компанија за челик со годишен капацитет на производство од околу 130 милиони тони. Работи во повеќе од 60 земји, а има објекти за изработка на челик во повеќе од 20 земји и е светски лидер во сите главни пазари за челик.

Она што останува да се одговори зошто компанијате не ја плати заслужената казна, или ако веќе ја плати зошто јавноста не е информирана за тоа. Државата, инспектратот и другите јавни инстутуции според Архуската Конвенција се должни да ја информираат јавноста за дела кои се од интерес на народот…И, да даваат информации од јавен карактер!

Граѓаните имаат право да знаат дали Државниот инспекторат за животна средина навремено излегол на терен, доколку не, кои се причините за задоцнетата реакција? Имало помор на риби како што се тврди во јавноста, или немало, според податоците од инспекторатот? Ќе има ли одговорност и кој ќе ја понесе, или сепак не? Дали наведената фирма ја платила казната и во кој износ? Дали фирмата навремено го пријавила случајот, на денот кога настанало истекувањето (законот ја обврзува на тоа) или пак бил направен обид да се затаи целата работа? Дали контрадикторноста во изјавите на службените лица пред јавноста укажува на нешто многу поголемо од евентуалната некоординираност? Дали можеби пропусти има заради недоволен број на вработени во надлежните институции? Дали во нашата држава приватниот бизнис се штити за сметка на јавниот интерес и јавното здравје?

Верувам дека знаат дека токму ова прашање и овој случај беше од јавен интерес!

 

(Сторијата е изработена во рамките на проектот ” Следи ги инцидентите – (не)намерни пропусти и загадување на животната средина”, во имплементација на  Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје , суб-грант на проектот „Заедно во борба против корупција “– финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар,” – Скопје.

Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје  и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.)