Пишува: Филип Спировски

Еј, што ти било пандемија?! Излегоа работи на површина со кои никако не можевме да се соочиме, излегоа како пластични шишиња во река после дожд: многу се, не треба да се таму, а нема кој да ги собере.

Пост изборниот период и „заслужениот“ одмор на кутрите кандидати за народни претставници, додуша сега веќе сертифицирани за народни претставници, помина во бисерот на природната убавина во регионов Охрид. Заедно со сите затекнати сопственици на љубов кон гиро наместо гравче и Паралија наместо Градиште, учествуваа во неколкудневната инвазија со цел: трошење на туристичките гратис ваучери, годишното разработување на чамците во древното езеро наместо во Егејот и грижата за учениците кои не знаат дали се на распуст или онлајн наставата уште трае.

За училиштата

Пандемијата ги извади на површина, или според некои ги реши проблемите со училиштата во однос на чистотата и хигиената на тоалетите и училниците и недостатоците на тоалетна хартија, сапун, средства за чистење и човечки ресурси за чистење на тоалетите и вецињата кои патем како да се изреновираа и сега се подготвени и чекаат учениците да ги користат.

Па не можам да верувам дека успеавме да го победиме злото наречено санитација по училиштата во кои учат деца извежбани да не одат во тоалет освен во крајна нужда. Да трпат до дома, а кога ќе мораат нека се снаоѓаат како знаат и умеат бидејќи упатства од дома нема.

На сето немање на пристојни услови и соодветно знаење за користење на дупки и чучавци, капак е обврската за средството за дезинфекција на раце, дезинталот за површини и маската за лице. Само Кјубрик и Фелини ќе можат да ни објаснат посликовито!

Или можеби короната е само состојба на умот?!

За некои, според однесувањето во време на пандемија, навистина изгледа дека корона вирусот делува прво на умот па потоа на дишните органи. Се однесуваат како „удрени“ и безмилосно влегуваат во личниот простор на соговорниците, маските ги користат само во случај на прикривање на смрдеата од устата, а забраната за групирање не ја разбираат.

За медиумите

Средношколците и академските граѓани се однесуваат како да им е последно лето во животот и го користат за дружење и забави до максимум. За тоа, а за многу други нејаснотии и забуни за пандемијата најодговорни се институциите кои дозволија и уште дозволуваат информациите кои се неопходни во случаи на вонредни состојби, криза и општа опасност да ги поистоветат со „влијание врз медиумите“ па денар не дадоа на медиумите да си ја вршат работата и да се справат со информирањето за опасностите од пандемијата.

Бадијала и министерство за информации и транспарентно трошење на државната репрезентација, ако не се знае што се пари за пропаганда и за што се наменети; Ако не се разбира разликата во давање на пари по медиуми за бруење невистини и давање на пари на медиуми за потреби на општо добро и начини на однесување во случаи на пандемија, вонредна состојба, криза…

А потоа можеби ќе разберевме, како родители, дали треба децата да учат по дватриесет во паралелка, во училишта со очајна хигиена и санитација; дали ќе ги подготвевме за онлајн настава и дали повиканите за спроведување на наставата – наставнииците ги подготвивме да се справат со пандемијата уште од времето на полугодието кое го преседоа дома.

За здравјето

Забраната за слободно движење на луѓе низ земјите носи еден друг поглед на светот кој боледува. Граничните премини не го спречуваат вирусот да помине на линијата Србија – Македонија – Албанија, а реципрочно со Косово и со забрана кон Грција.

Соседна Грција се огради од нас и по цена на затворени кампови за северните соседи и по цена на загуби од приходи од северот. За Грција туризмот се островите, а туристите од обединетите европски земји се добредојдени. Таму и вирусот некако послабо зафаќа, па извештаите за заболени се далеку помали во споредба со нашите. Албанците мака мачат со вирусот како и ние, но маските се уште им служат како декор. Србите можеби не веруваат во вирусот ,ама силно веруваат во руското и во кинеското пријателство и помошта што де факто ја добиваат од таму. А за сериозноста на односот на институциите кај нас говори и фактот што ни летнаа инфицирани од земјава директно за Хелсинки. Друго било прашањето дали биле Бугари, Косовари, Финци, Срби или Македонци.

И една информација од црногорската граница: три туристи од Шпанија беа упатени на дополнителен писиар тест од граничните служби на Црна гора (на границата со Албанија) затоа што доаѓаат од Скопје и транзитираат преку Албанија. Тие пак решија да го продолжат патувањето кон југот, кон Италија и кон Грција, откако се вратија да преноќат во Тирана.

Чудни се патиштата на вирусот.