Со цел транспортниот сектор подобро да го организира работењето и да се обезбеди непречен транспорт на стока Владата донесе уредби со законска сила, за кои денеска на прес-конференција информираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Така, дневното време на управување со возило за време на траење на вонредната состојба се зголемува од 9 часа на 11 часа. Неделното време на управување со возило за време на траење на вонредната состојба се зголемува од 56 часа на 60 часа. Вкупното време на управување со возилото во текот на кои било две последователни недели, за време на траење на вонредната состојба се зголемува од 90 на 100 часа.

За време на траење на вонредната состојба возачите можат да возат пет и пол часа, а потоа возачот е должен да направи пауза од најмалку 45 минути, додека претходно можеа да возат 4,5 часа па да прават пауза. Редовниот дневен одмор за време на траење на вонредната состојба е намален од 11 часа, на 9 часа“, објасни министерот Сугарески.

Со овие мерки кои беа на барање на превозниците се овозможува побрз транспорт на стока, намалување на гужвите на граничните премини и местата за одмор и поефикасен транспорт на стоката што се пренесува.

Се предвидува и одложување на полагањето на испитите за професионална компетентност на лице одговорно за превоз и возач за учество во меѓународен патен сообраќај, за време на траењето на вонредната состојба. Важноста на сертификатите за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен патен сообраќај чиј рок на важење е истечен, се продолжува за време на траење на вонредната состојба, објасни министерот Сугарески.

Полагањето на испитот при превоз на опасни материи се одложува за време на траењето на вонредната состојба. Истото се однесува и за важноста на сертификатите. Сите сертификати кои се однесуваат за превоз на опасни материи а чиј рок на важење е истечен, важноста се продолжува за време на траење на вонредната состојба. Ова подразбира дека сите испити се одложуваат и сите сертификати на кои важноста им е истечена, остануваат да важат се до времетраењето на вонредната состојба.

„Со овие две уредби им олеснуваме на транспортерите и од финансиски аспект и од временски аспект со оглед на тоа дека ја продолжуваме важност на сертификатите“, истакна министерот Сугарески.

Во насока на олеснување на работата на компаниите што работат во градежниот сектор, Владата донесе Уредби со законска сила со кои се олеснува работата на фирмите во услови на времетраење на вонредната состојба.

Така, лиценците и овластувањата чиј рок на важење е истечен, се продолжува за време на траењето на вонредната состојба, како и 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба.

Исто така, се предвидува Лиценците за изработување на урбанистички планови, лиценците за ревизија на урбанистички планови, овластувањето за изработување на урбанистички планови и овластувањето за ревизија на урбанистички планови, чиј рок на важност е истечен, важноста се продолжува за време на траењето на вонредната состојба како и 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба.

И за дозволите за управување со гробишта и дозволата за вршење на погребални услуги чиј рок на важење е истечен, важноста се продолжува во рок на траење на вонредната состојба како и 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба.

На крај, министерот Сугарески ја објасни и мерката донесена во вториот сет на економски мерки, која се однесува на ослободување од плаќање на надомест за закуп за стан за лица со ниски примања и на социјално ранливи категории на граѓани.

„Со оваа мерка ослободени се вкупно 792 корисници или на месечно ниво овие ќе се заштедат 1 милиони 145 илјади денари. Ова е мерка со која дополнително ќе ги ослободиме овие групи на граѓани од трошок кој го имаат кон државата“, констатираше министерот Сугарески. А.Р.