четврток, април 25, 2024
домаЗа кластерите

За кластерите

Осумнаесетти ден од преморената состојба од селидбата и од малку покачената температура (37,8). Траеше неколку часа. И, симптомите ги снема исто како што дојдоа – ненадејно.

Отруен од папагалското редење на „вести“ за короната отидов да се тестирам. Излегов позитивен. Потоа следеа тестирања на најблиските. Сите заедно не можевме да го најдеме изворот, пренесувачот, кој не заразил? Како сме се заразиле? Не познававме, а уште помалку сме контактирале со заболен! Забави не посетуваме. У кафиќи не излеваме. Им пренесовме на сите со кои имавме контакт, познати и непознати. Некои реагираа чудно: не ме спомнувај во анкетата, други веднаш се тестираа и излегоа негативни, трети беа позитивни. Некои пак сакаа да ги споменеме за да ја продолжат карантин состојбата.

Со оглед на непознатото заразување мислам дека создадов кластер сам по себе.

За короната ќе кажам дека е реална: симптомите се малаксаност, можна покачена температура (кај мене немаше), болки во грлото или чудно чувство како кај мене, отапено сетило за мирис (да, неколку дена)… Информациите дека се уште не е најден лек (вакцина) ми влијаеја на дишењето. Дишев полека и со страв. Дишев уплашен дека ќе ми снема воздух. Се плашев да се закашлам. Си мислев дека ги штедам белите дробови. Сешто ти минува низ глава кога си зафатен од неизлечива болест. Иако ден пред тоа не ми беше ништо.

Добро е да имаш можност да се изолираш со сета можна технологија, во одделна соба и со потребни лекови, имуностимулатори, витамини и дезинфициенси. Не е препорачливо да се следат информативни емисии – вести од националните концесионери. Кутрите, застанале на темата Црно белиот свет од Прљаво казалиште; Партиските преписки зачинети со скромни известувања од комисијата за заразни болести и владините маки во потрага по парламентарно мнозинство не се за гледање ниту за слушање. А МРТВ како „стожер на јавното новинарство“ продолжува со инерцијата (или можеби не знае, читај: „Underground“) трубејќи против се што не е за ВМРО.

На земните проблеми секојдневно те потсетуваат од полиција – да проверат каде се наоѓаш и матичниот лекар – да провери како се чувствуваш. И двете проверки се потребни за да не забегаш во лежење и гледање на филмови и серии. Но важно е да се знае дека од одговорите што ги даваш ти зависи иднината. Ако неоправдано многу офкаш и лелекаш за состојбата во која си се нашол, во анкетата кај матичниот, изолацијата ќе ти потрае. Ако пак не си на местото назначено за изолација ќе те „крстат“ со казна од стотина илјади денари.

Реален проблем со кој ќе се соочиш за време на изолацијата (да ги изземеме проблемите по здравјето) е фрлањето на ѓубре и набавка на храна и лекови. За тоа неопходни се здрави пријатели кои ќе најдат сила, пар ракавици и маска и ќе ти донесат пред врата тоа што ќе им нарачаш и ќе го фрлат ѓубрето заедно со ракавиците што ги носат. Јадниците кои препелкаат по контејнерите (според последните информации повеќе од 400.000) не знаат за опасностите од короната. Не знаат дали се пренесува со допир или се шири преку пластични шишиња. Мислам дека и тие како и јас кластери сме сами по себе.

Добра вест е тоа што бројот на смртни случаи не ги следи големите бројки на заразени. Тоа дава надеж за самопрестанување на дејството на вирусот. За кластерите сами по себе Владата смета дека се создаваат на семејни веселби и на слави. Јас сметам дека Владата треба да фрли некоја пара (пропорционална со парите кои ги двои за средства за хигиена, дезинфекција, патни трошоци, зголемена десеткратно) на медиумите, за пораки, реклами, спотови во кои ќе им објасни експлицитно на луѓето како да превенираат и да се заштитат од непознатото, за да не бидат кластери сами по себе. Целната група е: СИТЕ! Во комуникологијата тоа е криза! За кризната состојба и за процедурите има кој да кажува.

А луѓето, со неверојатна леснотија ги наоѓаат и ги практикуваат „дупките во процедурите“.

Тие, дупките, ги создаваат кластерите од нигде никаде. За да ги затнеме дупките неопходни се информации. Тие најчесто доаѓаат до луѓето преку медиумите. Оваа Влада не сака да се меша во медиумите! Упорно не дава пари за медиумско труење за однесување на луѓето за време на криза. Ако. Ама се плашам дека Владата и Парламентот ќе станат кластер – ако веќе не се!

Филип Спировски – практикувач на препораките за дистанца, носење на маска и непрактикувач на забави и дружби девет месеци. КОВИД позитивен!

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ