Здравко Остојиќ: Колку пари-нетолку музика!

152

И покрај законот за субвенции, пак по старо и нема инвенции. Веќе со години, проблемот се зголемува и состојбата се повеќе се влошува. Со 2 милиони евра можеше да се отвори една силна, квалитетна и високо-транспарентна македонска музичка продукција, која во целина ќе работи на тоа македонската музика да биде конкурентна на Балканот и во тек со времето.

Вака, парите се како што е, многу точно кажано, потрошени на нечии лични интереси. Наместо, да биле вложени во конкретни резултати кои навистина нешто би значеле за прогресот на самата македонска музика, како и за авторите, изведувачите и слушателите на истата. Песните што се продуцирани со субвенциите, може да се каже дека одвај се слушнати во Македонија, а камоли надвор од државата.

Денес, кога знаеме дека светот наголемо стана глобално село и насекаде владее интернет технологијата и медиумска хипер-продукција, прашањето не е веќе македонската музика да се претстави само во Македонија, туку како најсоодветно да се претстави и подобро позиционира македонскиот музички опус пред светот.

Во процесот на субвенционирање, воглавно парите се трошеа на оние кои и без тоа веќе со години имаат свое место и добро функционираат во исклучително кусогледата и тесна македонска естрадна машинерија. Наместо, поддршката да се даде таму кај што е најнеопходна, за македонската музика да може да доживее некаков поконкретен процут и вистински чекор нанапред, а не повторно и по којзнае кој пат да се прави чекор наназад.

Тоа за жал, никако во вистинска смисла не може да се каже дека ја поддржува македонската музика, туку уште повеќе ја онеспособува и систематски дотолчува. Дури, очигледно го става под знак прашалник значењето и суштината на самата нејзина културолошка функција и мисија, да ? се овозможи да го вдахнови и облагороди народот, а не да му го доиспразни џебот, кој ионака веќе долго е речиси празен, ниту да му го одзема парчето леб од уста. Во тој случај, музиката се злоупотребува како параван.

Треба ли да се потрошат 2 милиони евра народни пари, конечно да се разбере дека нешто очигледно и сосема не ги оправдува средствата, ниту пак ги носи саканите и неопходни резултати? И многу порано можеше да се согледа фактот, дека наводното решение со субвенции не функционира во таквата форма за доброто на македонската музика, туку дека всушност ја оштетува и уште повеќе ја осиромашува. Како што и самиот народ се увери, кога се потрошија 2 милиони евра негови пари.

Ниеден прогрес не настапува како резултат на фаворизирање и елитарност на мала бројка имиња и презимиња. Туку во отворена, високо-транспарентна и здраво-конкурентна средина која овозможува креативен развој, каде најдобрата идеја и квалитетот добиваат неопходна поддршка за нивна реализација и адекватна промоција.

Кога станува збор за субвенциите, главна тема е кој колку пари добил, а не прогресот и развојот на македонската музика, низ призмата на сочувување и обогатување на нејзините вредности и карактеристики. Поради сето тоа, целата атмосфера околу субвенциите од самиот почеток делува како упорно практикување на лоша политика, отколку некаква поддршка за развојот на македонската музика.

За жал, може да се заклучи дека македонската естрада со години е беспотребно исполитизирана и изразено нетранспарентна, бидејќи сите досегашни таканаречени мерки за решение на проблемите, во реалноста резултирале со уште поголема криза и влошување на состојбата. Здрава музичка сцена, може да се создаде и да има само ако се остави доволно простор и услови за постоење на конкуренција, и само низ процесот на таквата транспарентот ќе настапи подобро време за македонската музика.

 Здравко Остојиќ, композитор и текстописец!