По реакциите на предлог одлуката на Комисијата за заразни болести хронично болните да се вратат на работа, претставници на повеќе здруженија на хронично болни лица денеска одржаа состанок на кој ја разгледаа  најавената одлука на Комисијата за заразни болести за враќање на хронично болните на работа.

На состанокот тие побараа враќањето на работа на хронично болните да се одвива според одредени критериуми, бидејќи не се сите овие пациенти со висок ризик. Притоа побараа дел од хроничните болести кои се со најголем ризик на смртност од КОВИД 19 да останат ослободени од работа (списокот на најризичните хронични болести да биде доставен од соодветните клиники до комисијата за заразни болести). Исто така предлагаат за помалку ризичните случаи на пациенти со хронични болести да се одлучува индивидуално (односно потврдата да ја издаде специјалистот соодветно според болеста, лекувањето, работното место на кое се наоѓаат пациентите). Имајќи во предвид дека пациентите ќе треба да достават документација за нивото на нивната болест, здруженијата бараат за специјалистите да може да вршат соодветно контролни прегледи за да издадат потврда, да се обезбедат посебно термини на клиниките (пример втора смена на работа и дисперзија преку субспецијалисти и специјалисти во други градови освен Скопје).

Имајќи ја во предвид инфромацијата дека најголем број на починатите од корона вирусот имале коморбидитети, здруженијата побараа од комисијата за заразни болести и министерството за здравство да објават листа на коморбидитети кои се забележани кај починатите од КОВИД 19 (тие дијагнози соодветно да се ослободат и понатаму од работа).

Од Комисијата за заразни болести, како и од докторите специјалисти и институциите беше побарано при носење на одлуките за засегнатите пациенти, тие да ги контактираат соодветните здруженија, за да се донесат правилни одлуки. Тие побараа и состанок со Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.

На интернет состанокот беа присутни здруженијата БОРКА, ЖИВОТ СО ПРЕДИЗВИЦИ, Национално здружение за МС, Здружение за  ХМЛ, Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија, НЕФРОН, ХЕПАР центар, ПЕПЕРУТКА, Алијанса на Пациентски Организации – АПО.

Ал.Н.