Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да разговара за посветеноста на Украина да не бара членство во НАТО. Зеленски рече дека тоа ќе го стори во замена за прекин на огнот, повлекување на руските трупи и гаранција за безбедноста на Украина.

„Тоа е компромис за сите: за Западот, кој не знае што да прави со нас во однос на НАТО, за Украина, која сака безбедносни гаранции и за Русија, која не сака натамошно проширување на НАТО“, рече Зеленски.

Тој, исто така, го повтори својот повик за директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

„Доколку не се сретнам со Путин, невозможно е да се разбере дали Русија воопшто сака да ја запре војната“, рече Зеленски.

Сепак, тој претходно рече дека сè што е ставено во украинскиот закон ќе мора да биде предмет на референдум.

Зеленски додаде дека Киев ќе биде подготвен да разговара за статусот на Крим и регионот на источен Донбас што го држат сепаратистите поддржани од Русија по прекинот на огнот и чекорите кон обезбедување безбедносни гаранции.

Претходно, украинскиот претседател тврдеше дека Русија го гранатирала хуманитарниот коридор, при што биле повредени четири деца кои биле меѓу цивилите кои во понеделникот беа евакуирани. Тој рече дека гранатирањето се случило во регионот Запорожје, почетната дестинација на оние кои бегаат од опколениот јужен град Мариупол.

Украинската влада објави дека во понеделникот се евакуирани околу 3.000 луѓе од Мариупол.