Во оваа рубрика, збор даваме на интересни пишувани идеи, визии на автори. Во оваа прилика, споделуваме една песна од Валентина Ѓоргиевска Парго посветена на Есма Реџепова Теодосиевска.

Кралицата од Маџир маало!

Есмица, Есмичка, Есма
како беше Твоето име?
Да беше тука ќе се смееше слатко
“како сакаш наречи ме, пиле”.

Твојата распеана круна
ја ставаше на сечија глава
“ако мило, ако, живее среќно
само тој чија рака лесно дава”.

Природата била итра
штом Тебе Ти го дарила Гласот
Лебедите одат во двојка,
Ти и Стево, сѐ дур чукна часот.

Песните ко слатки бонбони
ги расфрли сегде по светот,
за некого беа жар на болка,
за некого за болката лекот.

Некој чинам Ти рече “Не остави свои деца”,
ти врати: “Мене песните ми се тоа”
И сега јас како да те наречам, како?
Како, о, Есмице моја?

“Ќе те наречам незаборавна жена
и еве сто пати тоа го повторувам,
Ама како и да те наречам зар е важно?
Со радост за Тебе зборувам.

Кралицата од Маџир маало,
кралицата чиј лик везден сјаел!
Но, кој Тебе бар еднаш не те нарекол “мајка”
Тој Тебе не те ни знаел.