Во оваа рубрика, збор даваме на интересни пишувани идеи, визии на автори, а овој пат тоа е ВИКТОРИЈА ВЕЛЕВА.

******

Езерските далги ја разбрануваа мојата душа,со секое нивно бранување, ја донесуваа и носеа тагата, немирот, болката од денот кој што поминува, и со секое ветерче кое го галеше моето лице и допирот на водата ја носеше радоста и спокојот. Се се претвораше во едно ништо, секоја моја мисла ја носеа во езерската шир и плавентило во неповрат, чиниш однесени наеднаш за миг.
Пливајки и замавнувајќи со рацете сечејќи ја водата како со нож, се загледував во езерското синило како индиго,и се нурнував, во езерските длабочини а воедно и во себе, претопувајќи се во битисувањето. Ветрецот тивко го разбрануваше езерото, навестувајќи го крајот на денот и сонцето во неговиот зенит тивко заминуваше и го претвораше езерото во сребро со своите сончеви одблесоци,кои сакав пливајќи да ги разбијам, но не ми успеваше.Тие повторно и повторно се спојуваа во езерото, и небесната шир,ставајќи мир во моето срце и душа.
И така ден за ден, секој посебен, августовското лето, полека но сигурно заминуваше и го земаше делот и мигот од нас.
Пливајќи го набљудував планинскиот венец, релјефно нанижан што се протегаше долж Охридското езеро,небаре како најубавиот ѓердан нанижен на белиот врат на девојка, беше осветлен од сонцето од сонцето што заоѓа и му даваше платинест сјај.
Сонцето сакаше да загњури во езерото, и позлатуваше во целата негова широчина и ми ја позлатуваше кожата и галеше со неговите последни августовски зраци,сакаше да потоне небаре како златна топка во езерската шир, му довикував почекај не оди, но не ме послуша, и луѓе мои му успеа и скришум срамежливо се скри позади планините, завршувајки го и овој петочен 13-ти ден августовски, дочекувајки ја ноќта на пишаниот збор на писателот, која ја отсликуваше неговата душа во потполност.

Творено со почит за годишнината од раѓањето на Живко ЧИНГО -13.08.1935.