Во оваа рубрика, збор даваме на интересни пишувани идеи, визии на автори. Во оваа прилика, споделуваме расказ од Силвана Пеншова од Пробиштип.
УПС, РОДЕНДЕН МИ Е , ПОЛНАМ 50
Растев со тивки шепотења околу мене
,,После 40тата веке не си ист,,
,,Штом влезеш во климактериум стануваш половина човек,,, ,,Годините си го носат своето”,” порано можев и планина да подигнам,сега не можам ни пазарот да си го носам,, И уште потивки шепотења ,,Почнав да спијам сама ,не можам да го трпам мажот,,, ,,Ти си добра, јас во друга соба се преселив на горниот кат…,,
И гласни муабети, што погласни ,толку подобро за тој што ги раскажува
,,Ова неспособната снаа, за ништо не ја бива, дојде, истресе две деца и на мене ми ги остави да ги чувам. Дојде од работа, се најаде, а никако да зготви нешто, си се одмори, ми ги остава  децата и излезе да ака. А син ми па, а бе ќуран,за нос го влече, а тој молчи…”.
 Кој како сака нека рече ,ама нема шанси да не ги имате слушнато овие муабети. Излегуваа од устите на напатени жени, со измачен израз на лицето, жени кои претходниот ден ако немале веќе што да кажат како изговор дури и имале секс со сопругот, нели како круна на мачеништвото.
 Сиротките, од толку обврски и маки, а тие немоќни и стари, морале да го истрпат и тоа…
 Искрено од памет се вадев, мислев дека кога ќе наполнам 40 веке ќе почнувам да атрофирам на секое поле, мажот ќе ми биде нужно зло, а децата мои мачители!
  Ама бидејќи нема друго, годините си одат, јас решив и да не мислам на нив, ќе живеам како ќе се чувствувам. Ги наполнив тие 40, тоа беше пред 10 години и се изненадив, а и се зачудив,скоро ништо од тоа од што се плашев не ми се случи! Искрено на 40-тиот роденден направив ресет на моите приоритети, решив таа енергија што ја имам да ја насочам на за мене битни работи, а не да ја расфрлам насекаде, ама пак, продолжив да си живеам нормално.
 Еве сега полнaм 50 и ги отфрлам сите страшни реченици кои ѓи слушав цел живот како тотално ср*ње!
Та јас и не сакам цел живот да бидам како кога бев 20, едноставно не сакам! Тогаш бев глупо и наивно детиште кое се троши на сите сакајќи да им угоди, кое е несигурно во себе и очекува потврда од другите, која најчесто не ја добива! Не, сакам да си ја уживам зрелоста и самодовербата на моите 50. Ја немам можеби телесната снага како на 20,но имам духовна, аза мене таа во овој момент е повредна.
  Уште не сум влезена во климактериум, каде и да е, не ми бега, ама како што го надминав пубертетот планирам да го надминам и него хахахаха.
 Дека сум можела планина да подигнам порано, не можев, јас сум повеќе по интелектуалните активности, помалку физикалец. Може сега немам толку сила, ама имам мудрост со помалку сила да имам поголем учинок, во секое поле, што значи дека и таа теза паѓа во вода.
 Не ми паѓа на памет да спијам сама, бакнежот за “лека ноќ” е нешто од што не се откажувам .
 Далеку од вистината е и дека вагината на 50 годишните има фатено пајажина која ја трга гинекологот кога одиме на годишна контрола хахаха. Сега с*ксот ни е баш момент на уживање, се имаме прифатено такви какви сме, со сало, опуштена кожа, целулит, немаме комплекси од ништо и си дозволуваме да уживаме во целост. Мудри сме и на ова поле, со најмалку напор знаеме да дојдеме до најголемо задоволство хахахах.
 Што се днесува до ќерките, синовите снаите, внуците, зетовците…Ајде престанете вие фрустрирани баби кои лечете комплекси и не можете да се помирите дека веќе не сте центар на нечиј свет, па смислувате решенија за непостоечки проблеми за да се почувствувате битни. Не е нормално ниту синот, ниту ќерката засекогаш да бидат прилепени за вашите нозе, да живеат во филм дека без вас не можат, на кој филм вие сте и сценарист и режисер. Им всадувате чувство на несигурност и на вина само да се почувствувате битни,а не мислите на тоа дали тие се среќни! ПРЕКИНЕТЕ!!!!!
Посветете се на себе си, најдете си предизвик, посветете му се и пополнете си го времето,бидејќи тоа го можете и го заслужувате, оставете ги другите да си го живеат нивниот живот.
Најголема вистина е дека само тој што има слобода да си оди, постојано се враќа!
Педесетката ја дочекувам со куп нови проекти, започнати едукации, идеи за бизниси. Со сопругот го пронајдовме задоволството во заедничките проекти за кои со часови и денови разговараме и ги креираме. Имам огромен список на книги што треба да ги прочитам, а и моменти на кои треба да им се посветам, што значи не ми паѓа на памет да почнам да се доживувам како истрошена баба!
Ама тоа сум јас, вие како си сакате!!!