Три лица се полесно повредени во силен земјотрес со јачина од 5,6 степени кој го погоди синоќа одморалиштето Парга во северозападна Грција. Многу стари камени куќи биле тешко оштетени или урнати во Парга и околните села, а во тоа ридско подрачје, карпи паѓале на патиштата, јавуваат грчките медиуми.

Земјотресот го почувствувале жителите на провинциите Епир, Тесротија и Превеза, а луѓе бегале од зградите во градовите Јоанини и Арти и на блискиот остров Крф.

Земјотресот со јачина од 5,6 степени се случил во 2:49 часот, фокусната длабочина била мала, само 10 километри, а епицентарот бил на 14 километри северо-источно од Парга.

Во петокот во 11:38 часот се случил слаб земјотрес со јачина од 4,3 степени во истата област.

Сеизмологот Ефтимиос Лекас, од Организацијата за заштита од земјотреси, рекол дека станува збор за серија земјотреси и дека загрижува што се зголемува јачината, па го советувал населението да внимава. Лекас рекол дека раседот каде се случиле овие земјотреси им е добро познат на сеизмолозите.

Директорот на атинскиот институт за геодинамика, Герасимос Хулиарас најавил дека институцијата ја следи состојбата во областа, која е активна со месеци и дека се очекувал синоќешниот земјотрес. Тој посочил дека земјотреси може да има уште, но дека смета оти синоќешниот бил најсилен и дека следните ќе бидат послаби, но може да траат со недели. Затоа Хулиарес смета дека старите камени куќи не треба да се обновуваат, туку да се срушат и да се градат нови, посилни и со подобар квалитет.А.Р.