На 3 мај (четврток), во 12 часот во киносалата на Кинотеката свечено ќе се доделува „Златниот објектив“ – признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија што Кинотеката на Македонија го доделува секоја година.
Кинотеката на Македонија го доделува ова признание на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира. Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите Бранко Гапо и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски и Љубе Петковски,  доајените Благоја Дрнков, Трајче Попов, Коста Крпач, Илинденка Петрушева.
Оваа година „Златниот објектив“ ќе  биде доделен на Панта Мижимаков, филмски работник.
По свеченото доделување на „Златниот објектив“, ќе се одржи и проекција на  краткиот документарен филм „ЛИКВИДАТОР“ во режија на Трајче Попов. 
По завршувањето на проекцијата ќе следи разговор со Панта Мижамаков на кој ќе бидат присутни истакнатите филмски работници: Илинденка Петрушева, Русомир Богдановски и Столе Попов.
Запишувањето на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград коинцидира со професионалниот ангажман на полето на кинематографијата на Панта Мижимаков, најпрвин со статус на слободен филмски работник, а подоцна наизменично како вработен во „Вардар филм“ и слободен филмски работник. Често работел на копродукциите и странските продукции кои се реализираат во Македонија и Југославија, а работи и за југословенски продуценти на повеќе филмски проекти (Шеќерна водичка, Полтрон…). Во „Вардар филм“ соработува на поголем број кратки, документарни и играни филмови кои на шпиците не го наведуваат неговото учество во продукцијата. Од 1991 е еден од основачите и директор на приватната продуцентска куќа „Пегаз“, со којашто има реализирано неколку филмски проекти. 
Селективна филмографија: 1972 ИСТРЕЛ, водач на снимање, игран, Филмско студио Скопје, Босна филм Сараево 1973 ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ ИРИНА), водач на снимање, игран, Филмско студио Скопје, Центар на ФРЗ Белград 1976 НАЈДОЛГИОТ ПАТ, водач на снимање, игран, Вардар филм 1977 ПРЕСУДА, водач на снимање, игран, Вардар филм 1977 ИСПРАВИ СЕ ДЕЛФИНА, водач на снимање, игран, Вардар филм, Македонија филм 1977 ВИНОЈУГ, организатор, документарен, Вардар филм 1981 ЦРВЕНИОТ КОЊ, водач на снимање, игран, Вардар филм, Македонија филм 1997 ПРЕКУ ЕЗЕРОТО, учесник во екипа, игран, Вардар филм, Логос филм Полска 1997 ЏИПСИ МЕЏИК, менаџер на продукција, игран, Вардар филм, Триангл Скопје.