Сојузот на музичките уметници на Македонија ги објави добитниците на наградите „Златна лира“ во 2018 година. Наградата ,,Златна лира“ највисоко професионално признание кое го доделува Сојузот на музичките уметници на Македонија – СУММ  на музички уметници за животно дело се доделува на виолинистот Михаило Куфојанакис. Наградата ,,Златна лира“ највисоко професионално признание кое СУММ  го доделува на музички уметници со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото исполнителство во текот на една година, за 2017 година се доделува на пијанистката Марија Ѓошевска.

Виолинистот Михаило Куфојанакис, роден во Скопје, дипломирал 1981 г. На Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Зоран Димитровски. Постдипломски студии завршил 1983 год. во Москва, СССР, на Државниот конзерваториум П. И. Чајковскиво класата на познатиот професор и Народен уметник на СССР Дмитриј Циганов. Куфојанакис е еден од основачите на гудачкиот квартет Гајдов, чиј водач бил во периодот од 1989 г. до 1995 г. Бил концерт мајстор на Македонската опера и балет (МОБ) од 2007 г. до 2009 г., и концерт мајстор на Македонскиот камерен оркестар под раководство на маестро Ванчо Чавдарски. Во 1988 г. работел како професор наНовосадската музичка академија, а во 1989 г. на Приштинската академија. Од 1985 г. до денеска работи на Факултетот за музичка уметност – Скопје, како редовен професор по виолина. Бил член на жири на меѓународните конкурси по виолина: Охридски бисер – Македонија, претседател на жири на вториот Регионален конкурс по виолина во Приштина Косово, Музичари на новиот милениум во Скопје, Петар Коњович во Белград – Србија.
Добитник е на низа престижни награди и признанија меѓу кои се издвојуваат Бронзената плакета на меѓународниот меморијал Фрањо Крежма 1973 во Осијек – СФРЈ и наградатаЗлатна Лира 1990 за врвни уметнички дострели, доделена од  Сојузот на музички уметници на Македонија (СМУМ) за концертот изведен на фестивалот Охридско Лето 1989 со камерниот оркестар Загребски солисти. Реализирал бројни трајни записи за музичката продукција на МРТВ, компакт диск под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, како и видео запис во живо од концертот на Камерниот оркестар на МРТВ на фестивалот Охридско лето 1991, каде Михаило Куфојанакис настапува како солист со изведба на Концерт за виолина, ударалки и камерен оркестар од композиторот проф. Михајло Николовски.

Марија Ѓошевска  е една од најистакнатите и најактивни пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Посебна е фасцинацијата од нејзината рафинирана и сензибилна пијанистичка обоеност, која резултира со извонредна сценска сугестија.
Музичкото образование го започнува во основното музичко училиште „Владимир Арсовски” во Неготино. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј” во класата на проф. Снежана Анастасова Чадиковска (1998), а дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари од кои се издвојуваат следните награди: 1992, 1995, 1998 – Прва награда на Републичките натпревари по пијано; 1995 – Финалист на Меѓународниот натпревар по пијано во Усти над Лабен, Чешка; 1997 – Трета награда на Меѓународниот натпревар „Николај Рубинштајн“ во Париз, Франција; 1999, 2000 и 2001 година – Прва награда на натпреварот за полифорнија на ФМУ во Скопје.
Марија Ѓошевска е вонреден професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје и член на Сојузот на музички уметници на Република Македонија од 2009 година.