Иранскиот филм „Таму нема зло“ на Мохамед Расулоф ја освои главната награда сосема заслужено, но би рекла и очекувано, па дури и логично. Затоа што тоа е еден толку особен филм, со таква енергија и идеја, со такви карактери што едноставно ве стаписува. Навистина ми е многу мило што тоа го препозна и жирито, предводено од Џереми Ајронс, а во кое беа и: палестинската актерка Анемари Јасир, бразилскиот режисер и критичар Клебер Мендоха Филхо, американскиот режисер и продуцент Кенет Лонерган, француската актерка Беренис Бежо и др. Бидејќи, филмот на Расулоф носи еден сосем поинаков свет вклопен на толку неверојатен начин во секојдневието, додека истовремено се занимава со психологијата на неговите протагонисти, со нивните одлуки, но и последици со кои мора да живеат.

Се случувало понекогаш да се додели награда на некои автори кои се затворени во нивните земји, како порака, како поддршка, како почесно признание. Но, овде тоа не е случај. Затоа би рекла дека пораката е уште посилна, токму затоа што филмот на Расулоф наградата и тоа како ја заслужи. За жал, Расулоф е обвинет дека делува против националната сигурност и врши пропаганда против системот. Во 2019 тој беше осуден на една година затвор и две години забрана да ја напушти земјата. Неговите филмови, како „Збогум“, „Манускриптите не горат“ и „Човек од интегритет“ му донесоа многу награди, но ниеден од нив не е прикажан во Иран. Преку цензурата иранската власт се обидува да ја ограничи неговата слобода на изразување. Кога во 2019 година Расулоф вложи жалба на пресудата, на патот кон судот го следеа многу филмски автори, меѓу кои Џафар Панахи, Азгар Фаради, Реза Дормишијан и други. Во Берлин, токму по повод прикажувањето на филмот на Расулоф, кај познатата срушена црква во делот до киносалите ЗОО паласт, каде што претходно било седиштето на Берлинале, се одржуваше протест под паролите: „Слобода за политичките затвореници во Иран“ и „Долу за Исламската република!“

Вистински бисери

Но, да се вратиме на наградите. „Сребрената мечка“ односно Големата награда на жирито му припадна на американскиот независен филм „Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“ на младата Елиза Хитмен, кој претходно и ја донесе и Специјалната награда на жирито на „Санденс“. Тоа е толку добро направен филм, Елиза е вистински мајстор за да ја долови психолошката болка, да ја долови силината на пријателството, кое без ниту еден збор ве трогнува, со едно такво неискажано разбирање меѓу нив, а толку се млади. Совршено. Филмот е воден реалистично, речиси документаристички, кога ќе кулминира со сцената во која низ одговорите на прашањата, на кои треба само да се одговори: Никогаш, Ретко, Понекогаш, Секогаш, дознаваме сè за нејзината врска, болка, понижувачко однесување и немоќ. И двете актерки, Сидни Фланеган и Талија Рајдер, се вистински погодок. Елиза Хитмен и досега има совојувано признанија на „Санденс“ и нејзината работа е вистинско освежување.

И третата награда поточно одлука на жирито е одушевувачка.  Хонг Сангсо од Јужна Кореја, на кого ова му е петто доаѓање во Берлин, а прва награда за филмот „Жената која побегна“. Има Сангсо многу познати филмови, како: „Ноќ и ден“, „Правилно сега, погрешно тогаш“, „На плажа навечер сама“ и се смета за култен автор, но досега како да има многу повеќе номинации од награди. Затоа и ми се чини дека ова беше многу смела одлука на жирито, бидејќи Сангсо е навистина поинаков, но во филмот покажува таква зрелост, таква филозофска и животна мудрост, таков интелигентен хумор, такво поигрување со човечките слабости, ги става на испит човечките очекувања и прикривања на нешто од што се срамат, а кое умее да им го одреди животот. Неверојатно е на каков начин успева да ги фати толку „малите“ нешта кои буквално ве дефинираат, ја препознаваат вашата тага, радост, слобода, посакување, загуба или задоволство. Би рекла уште еднаш, едно големо „браво“ за жирито, кое успеа во целата оваа доста шаренолика понуда, како тематски, така и во квалитет, да ги препознае овие бисери и да ги извади на површина.

Нина Хос неправедно прескокната

Единствено со што не би се согласила е наградата за најдобра женска улога, каде што сепак изгледа имаше мало влијание наклоноста на критиката кон германскиот филм на Кристијан Пецолд, „Ундине“. Пецолд има одлични филмови, не станува збор за тоа дека тој е добар режисер, но „Ундине“ му е еден од послабите. И тој не доби награда за филм, но не беше прескокнат, награда и беше доделена на главната актерка Паула Бер. Но, со тоа уште помалку можам да се согласам, особено споредувајќи ја со нејзината сонародничка, Нина Хос, која даде толку силна улога во швајцарскиот филм „Мојата помала сестра“, кој исто беше во конкуренција. Нина Хос, која ја има добиено „Сребрената мечка“ пред повеќе од десет години за филмот „Јела“, донесе повторно незаборавна улога. Во „Мојата помала сестра“, каде што ја глуми сестрата близначка која се обидува да му помогне на братот болен од рак, таа има толку комплексна улога, толку емотивна, силна, во која има таков развој на болка и емоции што ве носат до солзи, токму поради онаа немоќ пред која сте исправени кога не можете да ја победите смртта на најблиските. Тоа е улога која боли, а која Хос ја носи толку фасцинантно, толку незаборавно, толку силно доживеано, правејќи еден ми се чини севремен портрет, токму кога говориме за животот и за смртта. Во споредба со оваа улога, Ундине паѓа сосем, тоа е игра, фантазија, симболика… Затоа е и уште почудна наградата „Фипресци“ покрај таков избор???

Наградата на публиката за српскиот „Татко“

Наградата за главна машка улога ја доби Елио Џермано за филмот на „Скриен начин“, каде што носи еден многу сложен портрет на вистинскиот лик на италијанскиот сликар Антонио Лигабу (1899-1965), кој имал тежок живот, живеел како бездомник и го сметале за луд. Уште еден успех за италијанскиот филм беше наградата за најдобро сценарио на „Лоши приказни“ во режија на Фабио и Дамиано Диноцензо, каде што на добар и оригинален начин си поигруваат со предрасудите, со иронијата, со еден свет кој страда од нешто што не е и кое, како што обично бива, умее да се урне како кула од карти кога најмалку очекувате, бидејќи влогот во такви соништа обично не помага, напротив.

И на крајот, „Дау. Наташа“ на Илја Кржановски и Екатерина Ертел. Филм кој и покрај целиот влог, огромниот проект и години вложени во доловување на тоталитарниот режим на еден таков начин, како да го гледате Трумановото шоу во живо, мораше нешто и да добие. И доби. Награда за уметнички придонес, што би рекла дека во овој случај е и најадекватна. Македонија, како што се знае, беше копродуцент на романскиот филм „Малмкрог“ на Кристи Пуиу, кој ја отвори новата програма „Соочувања“. На Пуиу му припадна наградата за најдобра режија.

Седумдесеттото Берлинале донесе многу возбуда и покрај депресијата и паднатата атмосфера, бидејќи кога во втората половина се појавија добри филмови, некако сè се заборави. Тие умеат така да ве подигнат и опијат, да создадат атмосфера на дискусии, борба и мислења, кои понекогаш ги вжештуваат нештата до точка на вриење. Годинава очигледно имаше дискрапанца меѓу публиката и критиката, но и меѓу жирито и критиката и одлично што е така. Тоа и го обележа Берлинале. Но, да не заборавиме и дека српскиот филм „Татко“ на Срдан Голубовиќ ја освои Наградата на публиката во програмата „Панорама“ (каде што гласаат 20.000 гледачи). Голубовиќ се покажа како доста зрел автор и со: „Кругови“, „Стапица“ и „Апсолутни сто“, а и „Татко“, во кој Горан Богдан дава одлична улога, го заслужува тоа.