Викендов во МКЦ ќе се прикажуваат 25 македонски филмови од краткометражната, документарна, долгометражна и анимирана продукција од 2018 година на првата филмска ревија „Златна   рамка“. Ревијата која се одржува на иницијатива и во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија, ќе претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во изминатата календарска година.

На 22, 23 и 24 февруари во МКЦ, во киното Фросина, домашната   публика ќе има можност да ги погледне новите остварувања во македонската кинематографија, а филмските професионалци ќе можат да разменат мислења и искуства за нивната работа. На сите   креaтивни остварувања, а особено на филмот кој претставува најкомплексна уметност, потребна му е поддршката од својата публика.

„Златна рамка” се создаде поради фактот што најголем број на домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред   нашата   публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на   националната кинематографија се практикува насекаде во светот   и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има   можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма. Во делот на работната програма на „Златна   рамка“ е предвидено да се одржи презентација на МЕДИА деск Македонија со цел да можат филмаџиите да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, како и тркалезна маса на тема: „Нема кинематографија без филмска критика” предводена од уметничкиот координатор на „Златна рамка“, новинар и истражувач на македонскиот филм – Ана Василевска.

На првото издание на ревијалните денови на македонски филм  „Златна рамка“ под мотото „Влези во наш филм“ ќе бидат прикажани вкупно 25 филмови во три програмски целини. На претпоследниот ден од настанот, односно на 23 февруари ДФРМ ќе додели почесни награди за филмските професионалци- за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник.

Ревијата „Златна рамка“ не е од комерцијален карактер и проекциите ќе бидат бесплатни.