Управниот одбор на Кинотеката на С. Македонија одлучи дека годинешни лауреати на оваа награда се: филмскиот и телевизиски монтажер Спасе Тасевски и филмскиот и телевизиски режисер Коле Манев.

По повод својот роденден на 29 април, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

„Златниот објектив“ се доделува во пролетниот период од годината, значаен за основањето на Кинотеката. Пригодните плакети и значки на Тасевски и Манев ќе им бидат врачени на манифестацијата „Златен објектив“ што ќе се одржи во Кинотеката по велигденските празници согласно протоколите.

Спасе Тасевски (Скопје, 1945) е телевизиски и филмски монтажер. Од 1965 година работи во РТВ Скопје, прво како асистент-монтажер, а потоа самостојно како монтажер на телевизиската програма. Паралелно со работата во РТВ Скопје (МРТВ) работи и како монтажер на играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“. Живее и работи во Скопје. Неговата филмографија ги содржи долгометражните играни филмови ИСТРЕЛ (1972), ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА, 1973), ЈАД (1975), ПРЕСУДА (1977), ОЛОВНА БРИГАДА (1980), СВЕТЛО СИВО (сегментот ПТИЦАТА УРУБУ И ДЕВИЦА, 1993), кратките, документарни и анимирани филмови ВИРОВО (1968), ШЕСТИОТ ИГРАЧ (1976), ПЕЦКО – ЕДЕН ДЕН ЖИВОТ (1983), ПЕЦКО – НАФТЕН ДЕРИВАТ (1983), како и бројни телевизиски проекти.

Коле Манев (Бапчор, Костурско, Егејска Македонија, 1941) спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари, но тој е и расен филмски и телевизиски творец. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. По студирањето на Ликовната академија во Белград (1960 година) заминал на студиски престој во Париз. Потоа престојувал во Прага, каде што посетувал предавања за анимиран филм. Манев своите дела ги изложувал на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија, во Франција, како и во земјите од Балканот. Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство. Живее и работи во Скопје. Манев е сценарист и режисер на долгометражниот документарец ТУЛГЕШ (1977), краткиот документарец ЦРНО ВО ЦРНО (1984), телевизискиот филм МОСТ (2006) и други телевизиски остварувања.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева. А.Р.