четврток, април 25, 2024
домаКујнаЗлатните раце на Фре на концерт со Филхармонија

Златните раце на Фре на концерт со Филхармонија

„Златните раце на Фре“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. Како солист ќе настапи исклучителниот француски пијанист Давид Фре, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Фредерик Шопен и Втората симфонија од Роберт Шуман.

Критиката за Давид Фре пишува дека е „совршен пример за музичар кој размислува“. Францускиот пијанист е познат и по инспиративните изведби на музиката на Бах и Булез. Постојано е активен на светската музичка сцена како солист, рецитален и камерен пијанист. Соработувал со водечки светски оркестри и диригенти како Марин Oлсоп, Семјуел Бучков, Андреј Борејко, Даниел Гати, Пааво Јарви, Рикардо Мути, Еса-Пека Салонен…
Настапувал со водечките оркестри во светот како „Концертгебау“, Баварскиот радио оркестар, Лондонската филхармонија, „Моцартеум“, со оркестарот на „Скала“, Бостонската, Њујоршката филхармонија со Филхармонијата на Лос Анџелес… Настапува и рецитално на концертни сцени како „Карнеги хол“, Линколн центар, Вигмор хол…

Давид Фре препознатлив и уникатен пијанист, а пред македонската публика ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Фредерик Шопен …

Овој концерт од Шопен ја интегрира сета романтичност присутна во целокупниот опус на овој полски композитор. Во писмо до пријател, Шопен признал дека бавниот втор став е инспириран од Констанца Гладковска, младата пејачка со која учел на Конзерваториумот во Варшава и во која бил вљубен. Целиот концерт изобилува со типишен шопенски звук…
На концертот ќе прозвучи и Втората симфонија од Роберт Шуман. Во средината на 1840-тите Роберт Шуман имал 30 години и бил во потрага по нов звук во своето творештво. Веќе имал значајно симфониско искуство: тука е неговото неверојаатно сончево дело во Бе-дур кое го напишал за четири дена, Пролетната симфонија, експерименталната структура во делото кое подоцна ќе стане негова Четврта симфонија, како и амбициозниот симфониски хибрид Увертира, Скерцо и Финале. Исто така, тука била и неговата незавршена симфонија во Ге-мол, позната како „Цвикау“.
Инспирациите за она што подоцна ќе стане негова Втора симфонија, која ја создал помеѓу 1845 и 1846 година не биле грандиозни. Наместо тоа Шуман нашол интелектуален предизвик во Баховиот контрапукт, во исто време правејќи омаж на Бах и Бетовен во оваа симфонија. Воедно оваа симфонија се рефлектира и неговата криза во личниот живот. Тогаш почнал да ги чувствува реакциите од инфекцијата со сифилис која подоцна ќе го убие. И самиот напишал дека оваа болест – проблемите со слушање, депресијата, вртоглавицата, ревматизмот се навлезени длабоко во есенцијата на ова симфониско дело.
Концертот „Златните раце на Фре“ ќе го води Конрад ван Алфен за кој критиката вели дека е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.
Концертот се реализира со подршка на Француски инстистут во Скопје. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ