“Огнот во мене” е само еден мал, светол почеток од нејзината идна творечка дејност. Вака, Ивана Христова, ученичка во ОСМУ “Д-р Јован Калаузи” во Битола ја опишува својата определеност иднината да ја посветеност на поезијата и литературната реч. Талентираната девојка е неуморна, се занимава и со слободна ликовна уметност, и со фотографирање. Уметничка душа.

* Објавена е книгата “Огнот во мене”, Ваше првенче. На почеток веднаш ќе прашам, за каков “оган” станува збор? Младешки, љубовен, творечки…

– Тој е неизгасливиот оган на младата душа. Дали е во прашање љубов или среќа, болка или страдање, секој млад човек има слични чувства, неразбирливи за повозрасните, зашто денешниот свет е помодерен и понапреден за разлика од оној на нашите баби, дедовци, родители…

*Во кој период и за колку време е напишана? Кој ја издаде, каде беше промовирана?

-Книгата ја пишував речиси две години и го дадов максимумот од себе, за таа да излезе од печат во август, минатата година. Таа е во издавништво на Графо Пром – Битола, а рецезенти се Гордана Такец и Игор Трајковски Фоја. Од септември месец, кога ја имав првата промоција во НУУБ “Свети Климент Охридски” – Битола, се појави голема заинтересираност, по што имав и втора промоција во октомври, на денот на патрониот празник, кога ОСМУ “Д-р Јован Калаузи” – Битола, училиштето во кое учам прославуваше 75 години од своето постоење, благодарение на поддршката од директорката, професорите и моите соученици книгата доби поголемо значење, за накрај во месец декември да ја организирам третата по ред, овој пат хуманитарна промоција која го носеше мотото: “Да бидеме нечија среќа” за оние на кои нашето малку, ѝм значи многу…

*За поезијата велат дека е најевтино хоби, Ти требаат само пенкало и хартија, но сепак е најблагородно и најинспиративно за кое потребни се многу чувства и посветеност. Но, што значи поезијата за Вас, за една млада авторка?

– Конкретно мене не ми требаше некое посебно пенкало или хартија, доволна ми беше и тетратката по математика на која наместо дефиниции и задачи од питагорова теорема, на неа имав хаос од стихови, рими и инспиративни зборови, бидејќи поезијата за мене беше најкраткиот пат за да ги изразам моменталните чувства кои излегуваа од мојата душа. Поезијата те смирува, таа е лекот за болката и тагата, таа е адреналинот за срцето и радоста, метафорички кажано за мене, поетот е “доктор”, а песната пропишан “рецепт” за читателот.

*Што може најмногу да Ве инспирира кога пишувате?

– Доживеаните моменти кои значеле каење или случајност, моите секојдневни случки, анксиозноста и депресијата на луѓето во време на пандемија, туѓата среќа, однесувањето на младите, вистините и лагите на поединецот, суровиот живот на животните, неуките умови и празните млади души и сè што може да го сочинува човекот, било добро или лошо.

* Имате ли идоли во сферата на поезијата, чие “перо” Ве растреперува?

– Ако би требало да се избере наш македонски, тоа би бил Кочо Рацин и неговите “Бели мугри”, Блаже Конески со “Везилка”, Владо Урошевиќ со “Еден друг град” и многу други кои оставиле траен белег во македонската книжевност. Но, и од светската- Иво Андриќ, Фјодор Достоевски, Виктор Иго, Агата Кристи и други.

* Што подготвувате сега? Ви надојдоа ли брзо новите стихови или чекате тие сами повторно да бликнат?

– Нема да откривам многу. Мојата инспирација е неисцрпна, а сè додека има хартија ќе има еден куп зборови за листот да не остане празен. А, кога сме веќе кај издавањето на книги, “Огнот во мене” е само еден мал, светол почеток од мојата идна творечка дејност.

*Кажете нѝ нешто за себе, каде учите, кое е вашето друго хоби и љубов?

– Јас сум Ивана Христова, ученичка во ОСМУ “Д-р Јован Калаузи” во Битола на смерот медицинска сестра. Освен што се занимавам со пишување на поезија и поретко проза, активна сум и на многу литературни конкурси и манифестации на државно и меѓународно ниво. Надвор од доменот на пишувањето, се занимавам со слободна ликовна уметност, а моето сегашно, никогаш застарено хоби, хоби за кое давам несебична љубов и посветеност, кое е и моја професионална работа е фотографирањето. Со еден збор – уметничка душа.

Валентина Ѓоргиевска Парго