Вчера асоцијацијата ИВАП оствари средба со претставниците на Владата, на која беше разговарано за помош на овој сектор кој е затворен или ограничен со работењето веќе 14 месеци.
Во допис не информираат за заклучоците: „Во петтиот пакет мерки е предвидена помош за ивент индустријата, преку јавен повик, за кој ние имаме сериозни забелешки. Токму затоа, на вчерашната средба се обидовме да ги доближиме разликите и да најдеме заедничко решение за сите отворени прашања. На средбата, дел од нашите барања беа делумно прифатени, еден дел целосно прифатени и дел, кој ние го сметаме за суштински во спроведување на Повикот, не беа воопшто прифатени. Веднаш по средбата, Владата објави соопштение во кое ја доведе во заблуда јавноста и нашите  колеги, за што сме должни да дадеме објаснување“.

-Владата има обврска да обезбеди можности за сите, а не да исклучува – се наведува во соопштението на Владата. Се согласуваме со Вицепремиерот, но дали тоа е навистина така? Токму едно од нашите барања е да се овозможи помош за сите, а гледаме дека во конкурсот ќе има простор за само 40 проекти, што ни оддалеку не е доволно да се помогнат сите компании кои се околу 200. Исто така, Владата во своето соопштение вели дека не информирала дека не може да го прифати нашиот предлог кој се однесува на создавање конкурентска предност на одредени компании со одредени шифри на дејност, односно вицепремиерот и националниот координатор останаа на принципиелниот став на Владата дека целта на овој јавен повик е да даде можност за поддршка на сите компании кои организираат настани, а кои имаат загуби поради корона кризата, без да се фаворизираа било која компанија и без да се исклучува било која компанија, затоа што тоа не е праведно ниту правично.
Потполно се согласуваме со ставот дека не смее да постои фаворизација, и тоа е нашата  основна заложба. Но поимот СИТЕ, се разликува кај обете страни.
ИВАП бара поддршка и можност за еднаков натпревар на сите компании кои работат во секторот за организација на настани, а кои нашето законодавство ги распределило во наменски шифри на дејност. Оваа распределба е идентична и со европската номенклатура и важи во цела Европа. Нашите тврдења ги аргументираме со добиените информации преку паневропската алијанса во која членуваме, каде што распределбата е идентична – посочуваат од ИВАП.

Како што додаваат, Владата пак од друга страна, можноста за аплицирање и евентуално добивање на дел од проектите го проширува на дејности кои според законите не се со основна дејност организација на настани. Тоа значи дека можност за апликација и евентуално добивање ќе имаат шифри на дејност и компании кои не биле ограничени со работа заради карантинот, ниту пак сега се ограничени со строги протоколи. Тие за цело време на пандемијата се во целосна можност да ја обавуваат својата основна дејност, да работат и да остваруваат приход.

-Разбираме дека работата е отежната кај сите, но во нашиот случај истата е невозможна. ИВАП ниту може, ниту пак сака да биде регулатор и да кажува кој смее или може да работи или да добие помош. Ние секогаш ќе се залагаме за почитување на деловните норми и закони, како и за помош на колегите од нашиот сектор, без разлика дали се членови на ИВАП или не. Нашето барање во овој повик е приоритет да имаат СИТЕ компании со соодветните шифри на дејност и кои за 2020 година имаат пад поголем од 60%, затоа што единствено на тој начин повикот можеме да го наречеме помош – порачуваат од ИВАП.

„Владата заклучува дека одлуката дали еден предлог проект ќе добие зависи од оценката на апликацијата за тој проект, а не од тоа колку апликации стигнале на повикот – има доволно буџет за сите кои ќе ги исполнат условите“, посочуваат од ИВАП и прашуваат „Од каде знае Владата колку апликации ќе пристигнат и како може да тврди дека 1 милион евра ќе биде доволен за сите кога средства има за само 40 настани?“

-Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање кај Владата, дека со внимание ќе ги земат предвид нашите аргументи и дека на крај сепак на секторот ќе му се помогне без притоа истиот да доведе до незадоволство и поделби заради одлуките за добиените грантови. За потсетување, досега како помош ни беа овозможени плати за 6 месеци (од вкупно 14 со ограничувања) како и можност за бескаматен кредит, но никогаш не добивме наменска и таргетирана помош за нас. Ние остануваме будно да ги следиме сите случувања околу овој Повик и соодветно да реагираме – велат од ИВАП во дописот до медиуми.