Валентина Ѓоргиевска Парго
Игор Манев е сопственик на порталот за медицина „Конзилиум прес“, кој своето образование го стекнал во областа на медицината, а се уште го паметиме како Тв лик. Во оваа ситуација дава некои свои согледувања.
*Читателската публика ве знае од пред две децении кога водете доста циклуси на  гледани ТВ емисии за медицина, мошне корисни за пошироката јавност. Најпрво едно кусо потсетување на тие емисии.
– Со емисии за медицина почнав во далечната 1998г. во МТМ телевизија која во тоа време беше меѓу првите локални приватни телевизии во Македонија, покрај национални Телма и Сител. Емисијата за медицина носеше наслов ,,Инстинкт“. Иако јас првично не се согласував со името сепак, со оглед на тоа дека кумата така сакаше, со овој наслов се отвори циклус снимени емисии за медицина со наслов, “Инстинкт” во траење од 30 минути. Емитувањето на снимените емисии привлече голема гледаност во Скопје и затоа по една година јас им предложив да се оди во живо. Директорката Гордана Андреевска и сопственикот на МТМ Давчев Стојан се согласија со мојот предлог и така со нивно одобрување во 1999г. емисијата за медицина „Инстинкт“ беше првата, од сите други во МТМ, која го проби мразот и продолжи во живо. Можам да ви кажам дека по првата емисија во живо, која траеше скоро два часа, телефоните ѕвонеа нон-стоп од гледачи кои сакаа да постават прашање и тоа траеше скоро еден час по завршувањето на емисијата. Дури подоцна, откако телефоните стивнаа, вработените можеа слободно да се јават и да нарачаат такси за да можат да си одат дома. МТМ телевизија беше нова телевизија со млади новинари кои исто така сакаа да го покажат сопствениот труд и затоа сите тие го следеа мојот пример како да се води контактна емисија во живо. Ама, пробивањето на мразот во МТМ имаше своја цена а тоа беше пообемна работа и дополнително организирање на техничкиот дел од емисијата. Имено, пред почетокот на секоја емисија морав да наместам сценографија, камери во студио, рефлектори за осветлување, проверка на микрофони, маса и столици, бидејќи се уште немаше доволно технички персонал.
*По ТВ МТВ имавте и други медиумски искуства пред екранот. 
-Имав одлично познавање од медицинските теми и затоа трансферот во друга телевизија не ми беше проблем. По кратко преговарање успеав да
договорам нова емисија во Телма. Првиот муабет беше со директорот Ристо Лазаров, во неговата канцеларија и откако му го објаснив накратко сценариото за емисијата тој ми рече: „Игор, еден месец ќе водиш емисии, ако успееш да привлечеш гледаност тогаш ќе продолжиш со работа и ќе те пријавиме како вработен во Телма.“ Телма имаше многу подобри технички услови од МТМ и затоа можев слободно да се фокусирам само на темите од емисијата која беше со наслов „Семеен лекар“. Емисиите ги спремав во рамките на забавна редакција чиј главен и одговорен уредник уште од самиот почеток беше Јагода Михајловска Георгиева. Обично еднаш неделно имавме задолжителен заеднички состанок на кој разговаравме за следните теми од емисиите. Можам слободно да кажам, од оваа временска дистанца, дека начинот на соработка икомуникација со претпоставените во Телма беше на многу повисоко ниво. Тоа беше причината зошто јас се адаптирав полесно и побрзо во новата работна средина. И така, на истиот начин, многу брзо и полесно „Семеен лекар“ се афирмираше меѓу гледачите во цела Македонија уште во првиот месец па, затоа договорот за работа продолжи во следните 5-6 години во Телма.
*Потоа ја напуштивте и Телма. 
-Би сакал да потенцирам на периодот 2005-2006 година кога се случуваа нагли промени во приватниот сектор. Имено, во Телма почна да се емитува еден нов серијал за бизнисот на Доналд Трамп супер милионерот. Можевме сите да видиме како Трамп ги казнуваше секои најмали грешки на неговите вработени. Како немилосрдно неговите вработени добиваа намалување на нивните плати или откази поради лоши резултати. Сите кои се сеќаваат на овој серијал можеа со конкретни примери да споредат што се случуваше тогаш во Македонија а што се случува денес насекаде каде се во прашање финансии. Со сигурност ви велам дека овој серијал почна да го менува сфаќањето на многу одговорни лица во Македонија а посебно во приватниот сектор. Со оглед на тоа дека во Медицината првостепени се здравјето и грижата за пациентот а приватните и бизнис релации се второстепени, јас лично не можев да прифатам таков „Трампов поглед“ во новинарството по обратен ред. И така, еден по еден, кој порано а кој подоцна јас и другите водители почнавме да си заминуваме од Телма телевизија. После Телма телевизија тој Трампов начин на работа го видов дури и во полоша варијанта во следните 4 години. Во 2008 години работев во Скај Нет тв со емисијата Конзилиум и тоа не цели две години. Тогашен директор на програма беше Јасна Саздовска а главен директор Митко Манчев. Колку што ми е мене познато во Јуни 2010 Скај нет тв банкротираше и затоа престана да емитува сопствена програма.
* Следуваше преселба на вашите емисии и на Сител. 
-Последниот мој тв проект беше во Сител 3 каде почнав со нова варијанта на медицинска емисија со наслов ” Конзилиум плус” во 2010 година. Таму
останав месец и половина и за тоа време успеав да направам само 6 емисии. Тогашен директор на програма беше Ристо Самарџиев, а главен и одговорен уредник Драган Павловиќ Латас. Во следниот период едно ми стана јасно дека квалитетна емисија за Медицина е повеќе од невозможна мисија во Македонија. Здравството повеќе не беше компатибилно со суровиот капиталистички начин на новопечени, безимени бизнисмени. И се уште се прашувам дали е навистина Трампов начин на размислување или само фрагменти од неговиот начин на водење бизнис? Мојата емисија беше гледана и имаше рејтинг а според Доналд Трамп размислување не требаше да има причина за прекинување на договорите туку награда. Инцидентот и настаните со А1 телевизија ми помогнаа да донесам конечна одлука повеќе да не се обидувам да пријавувам проекти за нова емисија за Медицина додека не се подобри ситуацијата во Македонија. Во 2019 година чисто за проверка, побарав состанок во Телма со директорот Атанас Кировски, за да понудам нов проект за емисија за Медицина. Се уште нема одговор за состанок ха, ха, ха. Што ви кажува тоа? Но, не жалам за тоа што не сум повеќе водител на емисија, иако имаше светли и темни моменти, бидејќи на крај успеав да ставам во џеб околу 420 емисии и сите беа посветени на Медицината. Среќен сум што дури и после 10 години (2010) луѓето се уште ме памтат како ,,водителот од Телма“. Навистина ме изненадува што сум дел од нечија меморија после 15 години откако излегов од Телма телевизија (2006).
*Последниве години имате свој медиум, на кој давате медицински совети, но и пишувате на други теми. Од кои извори ги вршите  потребните информации, знаеме дека има и доста релевантно но и доста лаички портали? 
-„Конзилиум прес“ го отворив во Февруари 2016 година со намера да ја продолжам новинарската работа со пишување која ја сфатив како продолжение на моето четири  годишно работење во дневниот весник “Македонија Денес” чиј директор беше Георги Ајановски. Отворање нова платформа на интернет беше сосема ново искуство за мене и затоа на почетокот имав технички проблеми додека не најдам конечно решение за првично поставување на веб страница Конзилиум прес а потоа сите работи со објавувањето новинарски текстови си одеа во најдобар ред. Како извор на информации користам веродостојни специјализирани медицински книги, веб сајтови или преку разговор со наши специјалисти во Македонија. Во последно време се појавија многу фејк портали, домашни и странски, кои пласираат лажни вести во доменот на Медицината што не беше случај порано. Колку за пример ќе спомнам изјави на доктори или текстови во кои се советува користење на лекот Хидроксихлорокин за Маларија и Ивермектин лек за паразити во дигестивен тракт кај животни а и двата лека се препорачуваат за лекување на заболени од Ковид 19.
*Време на пандемија, непознати болести дури и за докторите. Во тек сте со се што се пишува на светските портали? 
– Тоа што го издвојувам од светските портали е дека за успешна борба против Ковид 19 треба да се употребуваат антивирусни лекови Ремдесивир или Изопринозин како прв лек на избор, а понатаму како превенција антибиотици Амоксиклав или Вибрамицин. Антибиотиците се против бактерии и во случајов со Ковид 19 вирусот, антибиотик се препорачува како превенција од дополнителна бактериска инфекција т.н. суперинфекција на бели дробови. Притоа треба да се обрне посебно внимание на доза според возраст, време и дали лекувањето е кај хронично болни со ХОБ, бронхитис, пневмонии…
*Кој е најважниот совет што вие би им го дале на луѓето во овие моменти?
-Баталете ги Хидроксихлорокин и Ивермектин доколку сте болни од Ковид-19.
*Дали ние како народ покажуваме доволно здравствена и превентивна култура кон себе си и кон другите?
-Непочитување на превентивните мерки, дистанца и маска, не се санкционираат правилно на терен во продавници, ресторани, автобуси, возови и во летниот период бродовите на Охридско езеро. За жал се уште нема протокол како треба да се спроведуваат мерки на дистанца на локации и места кои ги спомнав. На пример во автобуси во Скопје нема ознаки на седиштата за тоа каде може да се седи а каде не може за да се одржува дистанца меѓу патниците, без разлика дали е во цик-цак илиправа линија. Тоа е причината зошто имаме гужви. Што се однесува до превентивните мерки сметам дека најдобро се организирани банките.
*Каде треба да се менуваме, и како?
-Одете почесто на литургија во црква.
*Телевизијата како  се уште најмоќен медиум, доволно ли информира во овој период како што треба? 
-Телевизиите се под силно влијание на политиката во Македонија и затоа имаме Медицинска инфодемија, дезинформации се пласираат постојано од Март 2020г. Не сите, но еден мал дел медицински специјалисти прават најголема забуна за тоа како правилно да се справиме со пандемијава. Можеби е профит во позадина ,,D. Trump way”, не знам сигурно.
*Што велите за докторите кои даваа отпор и препорачуваат неносење на маски и заштита? 
-На самиот почеток од пандемијата и јас мислев така, затоа што немаше доволно релевантни податоци за структурата на Ковид 19. Во странските медиуми некои доктори велеа дека симптомите се слични со вирусот на Инфлуенца грип. Што во некоја рака Ковид 19 го ставаше во група со сезонски заболувања во есен/пролет. Но подоцна во Февруари и Март 2020г. стана јасно за што се работи и затоа антимаска, антидистанца и антиваксер политика треба да се минимизира.
*Ќе се вакцинирате? 
– За да се вакцинирате треба да има вакцини.
*Кој бил или е се уште Вашиот предизвик во  медицината?
-Да станам член на Лекарска комора на Македонија.