Познавачите на урбаната култура лесно се снаоѓаат со името Игор Станоески, алијас Иги Мен, од прва рака се запознаени со неговата импресивна уметничка активност, особено во музиката. Тоа ни даде посебен повод и инспирација да поразговараме за досегашните остварувања, но и за визиите на овој фасцинантен млад урдан уметник.

На почетокот на оваа година, што најново подготвувате, во која насока ќе се движат вашите годинашни планови?

-Во текот на оваа година, како некоја завршница на процесот низ кој поминував од почетокот на минатото лето па наваму, можам да најавам албум кој ќе содржи 13 песни претежно стандарди од блуз класиците во мои аранжмани. Притоа би истакнал дека има и две авторски песни од кои едната е вокално инструментална со текст на англиски и се вика “Punish Him” додека втората е инструментална композиција за која го делам авторството со мојот татко, Петар Станоески. Во овој момент се уште немам донесено одлука дали ќе биде испечатено на винил или само во дигитална форма, изданието очекувам да го види светлото на интернетот во текот на март. Во почетокот на летото минатата година започнав еден процес на настапи од клубски како и фестивалски карактер во Германија. Како хајлајтови се трудам документирано да ги пренесам сите искуства и импресии во форма на видеа, аудио записи и фотографии, кои ги објавувам на моите фан страни јутјуб платформа.

Изминатата 2018 година беше уште една прилично активна година. Ако би се потсетувале, ретроспективно, што заслужува да биде посебно истакнато, како успех и како спомен?

-Покрај сите приватни спомени во текот на мојот престој таму би го издвоил настапот на Reckenberg Blues Festival во градот Rheda-Wiedenbrock кој го отворивме со едночасовен настап двата денови, и мојата мултимедијална изложба наречена “The German Experience”, составена од 16 слики , видео презентација на 3 песни соработки со германскиот автор Тобијас Тадај, како и едночасовен музички акустичен настап.

Во вашата професионална карта е истакнато дека сте мултимедијален автор, музичар, композитор, аранжер, текстописец, но и академски скулптор и продуцент. На што од ова засега сте најмногу посветен?

-Инстинктот, во еден автор па и во обичниот човек, е како жив организам со сопствена свест со која е неопходно да се комуницира, особено во сферите каде е потребна инвенција или пак нема конкретно правило. Во мојот случај го слушам секогаш инстинктот за креативно преживување и еволуирање, меѓутоа во секој мултитаскинг најбитно по мене е да се завршат процесите во конечна форма, односно да добијат видлива разрешница/ резултат.

Кога станува збор за музиката, ваша жанровска определба е од рок, блуз се до џез и поп музика, што ја креирате за себе, но и во интерпретација на други инструментални состави и вокални изведувачи. Дел од домашните, но и странски џез изведувачи имаат во репертоарот Ваши дела.

-Имам соработки со автори кои со нашата земја , но и од надвор. Меѓутоа мислам дека како композитор сум во фаза во која само го најавувам тој дел од мојата професионална личност, кој очекувам да расте и продолжи да се развива. Секогаш е блузот присутен во сите мои жанровски прошетки и определби како база и корен на тоа што сум јас музички првобитно. Во насока на авторството груба бројка е 30 тина оригинални песни инструментални и вокално инструментални чекаат во фиока повик за мобилизација. Идниот период си ветив сам на себе дека во музичкиот фокус ќе ги насочам авторските песни, кои се, дел од нив стари и по 10 години, и повеќе…

Член сте за Здружението на џез музичари на Македонија? Каков е вашиот генерален став- има услови за џез музика кај нас, но и за добра заработка од тоа?

-Не сум член на Здружението на џез музичари, меѓутоа сум многу среќен што го имаме истото и посакувам да прерасне во европски почитувана асоцијација, што мислам дека е и на добар пат. Јас не сум деклариран како џез музичар, иако се служам со дел од елементите и принципите на таа музика и форма. Во однос на заработувањето и проблемитеи злоупотребата на авторските права, нивното валоризирање, наплата, и транспарентно третирање, мислам дека ќе ни треба посебно интервју од неколку страници.

Да позборуваме за тие работи во друга прилика. За среќа , Вашата кариера цело време ви оди по нагорна линија – од времето кога се појавивте како ексклузивец на гитарист музички бренд за инструменти Јамаха, на возраст од 16 години, а потоа, од 2006 година наваму, станавте редовен учесник на скопскиот Блуз и соул. Во 2010 година дури на истиот фестивал настапивте и како гостин со Грег Рајт, познатиот гитарист од турнеја на Мајкл Џексон.

– Види, во однос на перцепцијата за успех во кариерата, јас мислам дека грубо кажано има две гледишта. Едното е материјалната призма и референцијалните признанија, другото е плодноста авторска и развојот на изразот, мислата, квалитетот, и инвенцијата. Дозирањето на двете како рецепт за успех кај сите е различно.

Но, не може да се прескокне дека гравитирате кон светски познати музичари. По препорака на сопственикот на издавачката куќа Алигатор Records – Брус Ilgauer (www.alligator.com) од Чикаго, во 2010 направивте и преработка на песна од Џими Хендрикс, што е прилично добар успех.

-Добив препорака, односно референца во форма на кратка рецензија и дозвола да ја користам истата во маркетиншки цели, од страна на сопственикот на издавачката куќа Алигатор Рекордс од Чикаго , Брус Иглауер во 2010 за изведба на песната “Red House” од Џими Хендрикс во моја изведба и арранжман, снимена во живо во студиото на тогашната К-15 Телевизија.Во 2011 настапив со Шакура Саида бенд во кој свиреше и Дона Грантис подоцна соло гитарист во последната постава на познатиот Принц наречена “3rdeyegirl”.

За рокенролот велат дека тоа е повеќе – тоа е стил на живот. Тогаш која би била дефиницијата за џезот?

-Се повеќе сум на ставот дека нештата кои се “жива материја“ како музичките стилови или естетските карактери на културните појави потребата да се набијат во дефиниција ги гуши, иако дефиницијата е потребна како техника за учење како и примерот. Генерално од моите искуства мислам дека чесноста и односот спрема својот креативен дух и глад го рефлектира и авторот и делото без разлика од кој стил потекнува.

Домашни успеси-странски успеси, која е паралелата? Впрочем, музиката е универзален музички јазик. Следејќи ја таа можност, останувате во Македонија, или ќе си ги отворите патиштата за некаде подалеку?

– Музиката сама по себе, и уметноста е свет во кој границите се променлива категорија.Секој успех прво е внатре во човекот а и секој успех има различен карактер за разлика од поразот. Пробувам да научам по нешто и од поразите и од успесите, а во наредниот период сакам да се видам здрав прав весел и продуктивен, границите се менлива работа…