Изборите се одложуваат, но нема нов датум бидејќи не може да се предвиди како ќе се одвива ситуацијата со ширење на коронавирусот, беше заклучено на денешната лидерска средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на техничката влада Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери попладнево на состанок со правни експерти ќе бараат решение како ќе се прекинат изборните рокови.

Во случај кога собранието е распуштено треба да се утврди кој е надлежен да ги прекине роковите или да се најде уставна основа за отповикување на одлуката за избори и враќање на Собранието во функција откако беше распуштено на 16 февруари кога Џафери ги распиша изборите. Терминот за редовни избори е декември.

Техничката влада продолжува да функционира, а ќе се разгледува и опцијата за прогласување на вонредна или кризна состојба. А.Р.