Вториот круг од локалните избори во земјава заврши успешно, а градоначалници беа избрани во 43 општини и во градот Скопје. ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на изборите за градоначалници во неколку поголеми градови.

Според неофицијалните резултати на Државната изборна комисија (ДИК), најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг освои градоначалнички места во 20 општини, СДСМ во седум, ДУИ во седум, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса по два мандати, а ДПА, ГРОМ и Коалицијата ЛДП-ДОМ по еден градоначалник, пренесе МИА.

Во главниот град Скопје, независната кандидатка Данела Арсовска, поддржана од ВМРО, го победи досегашниот градоначалник Петре Шилегов од владејачката СДСМ.

Претседателот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев синоќа поднесе оставка на двете функции, наведувајќи дека ја презема одговорноста за лошите изборни резултати, а на политичките противници им ја честита изборната победа и посочи дека „овој период ќе остане, додека е потребен, да помогне за реорганизација на новата влада со прогресивното мнозинство што го има и кое може дополнително да се зголемува“.

„Лично како човек сум дел од СДСМ и прогресивниот народ и останувам во првите редови на борбите“, порача Заев.

Тој смета дека не треба да има вонредни парламентарни избори, бидејќи, како што рече, на државата и претстојат две и пол неповторливи години од кои бенефит ќе има целиот народ и држава. Како најголемо достигнување на владата што ја предводеше Заев ги посочи влезот на Северна Македонија во НАТО и приближувањето кон ЕУ. Заев рече дека е убеден оти заедно со граѓаните ја вовел слободата и демократијата во државата.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на прес-конференција рече дека „Македонија мора да се промени и промените ќе почнат вечерва“.

„Владата е делегитимирана. И тоа е нова реалност која очекувам да се одрази во парламентот. Тоа би било најдобро преку предвремени парламентарни избори“, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Коалициониот партнер на СДСМ, Демократската унија за интеграција (ДУИ) загуби во најголемите градови со мнозинско албанско население, Тетово и Гостивар.

Во првиот круг, одржан пред две недели, опозициската ВМРО ДПМНЕ на Христијан Мицкоски освои 22 градоначалници, владејачката СДСМ Зоран Заев девет, а три градоначалнички места освои ДУИ на Али Ахмети, која е дел од владејачката коалиција на централно ниво со СДСМ.

Конечните резултати, како што соопштија од ДИК, ќе бидат објавени во текот на денот.

Заев свика коалициска средба за новата влада

Премиерот во оставка Зоран Заев свика средба со потпретседателите на партиите од владејачкото мнозинство за првичните разговори за новиот премиер и составот на новата влада. Во собраниското мнозинство, како дел од коалицијата со која СДСМ настапи на ланските парламентарни избори, покрај ДУИ партиципираат и Беса, НСДП, ДОМ, ЛДП, Демократскиот сојуз…

Според член 93 од Уставот:„Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието. Владата има право да поднесе оставка. Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата и престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада“.

Доколку не се оди на предвремени парламентарни избори, новата Влада ќе се формира со гласање на мнозинството пратеници во Собранието.