Армин Лашет Фото: Vijesti.ba

Делегатите на владејачката германска Христијанско-демократска унија (ЦДУ) денес го избраа Армин Лашет за претседател на партијата.

Лашет (59), прагматичен гувернер на Северна Рајна-Вестфалија, се смета за умерен кандидат близок до германската канцеларка Ангела Меркел, шефица на ЦДУ до 2018 година, но не е сигурно дали тој ќе биде кандидат за премиер на претстојните избори, наведе Дојче веле (ДВ).

Откако ниту еден од тројцата кандидати немаше апсолутно мнозинство во првиот круг од гласањето, Лашет доби 521 глас во вториот круг, а Фридрих Мерц 466. Во првиот круг, Мерц доби 385 гласа, Лашет 380 и Норберт Ретген 224 гласа.

На онлајн партискиот конгрес учествуваше1.001 делегат. Поради формалноста, тие ќе треба да ги испраќаат гласовите по пошта. Затоа Лашет ќе биде официјално избран следната сабота.

По изборите за лидер на ЦДУ, Лашет рече дека е „свесен за одговорноста“ и дека партијата се соочува со предизвикувачка година што треба да заврши со изборна победа. Пред гласањето тој ја посочи важноста од водење умерена политика, наведувајќи го нападот на приврзаниците на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп врз американскиот Конгрес како пример за тоа каде може да одведе поларизацијата на општеството, пренесува „Асошиејтед Прес“.

“Довербата е она што ни дава сила и што е нарушено во Америка. Ние мора да зборуваме јасно, но да не придонесуваме за поларизација. Мора да бидеме во можност да го интегрираме општеството”, рече Лашет.

Лашет, кој е еден од петте потпретседатели на ЦДУ од 2012 година, е еден од лојалните соработници на канцеларката Меркел и досегашната шефица на партијата Анегрет Крамп-Каренбауер, министерка за одбрана на Германија.

Тој остана со Меркел дури и во моментот на остра критика кон неа поради нејзината подготвеност да прифати голем број бегалци во земјата.

Мигрантската политика на канцеларката го зајакна Фридрих Мерц, кој собра незадоволни членови на ЦДУ околу себе. Мерц денес по втор пат ги загуби претседателските избори во партијата. Во декември 2018 година, во второто коло, тој беше поразен од Крамп-Каренбауер со мала разлика.

Лашет е роден во Ахен, на крајниот запад на Германија, а од 1994 година е член на Бундестагот, Европскиот парламент и на покраинскиот парламент во Дизелдорф. Во трката за шеф на демохристијаните, тој ја имаше важната поддршка од министерот за здравство, Јенс Шпан, кој стана еден од најпопуларните политичари во Германија за време на пандемијата на корона вирусот. Во јавноста се шпекулира дека Шпан можеби има за цел да биде кандидат на ЦДУ за канцелар, иако тој отсекогаш бил лидер на партијата.

Нервозата во ЦДУ расте, бидејќи Меркел, шефица на партијата од 2000 до 2018 година, а на владата од 2005 година, најави повлекување од политиката на крајот на нејзиниот четврти мандат, на крајот на оваа година. Партијата треба да одлучи на пролет кој ќе ја предводи на парламентарните избори во септември, наведе „Дојче веле“.

Баварскиот премиер Маркус Зедер, кој не е член на ЦДУ, туку на нејзината сестринска Христијанско-социјална унија (ЦСУ), е најдобро рангиран меѓу гласачите. Таа партија делува само во Баварија и е во коалиција со ЦДУ од 1949 година.

Популарноста на ЦДУ растеше за време на кризата предизвикана од пандемијата и според последните анкети, тие може да сметаат на поддршка од 36-37 проценти од гласачите. Тоа е двојно повеќе од поддршката што ја уживаат Зелените, втора најсилна партија. А.Р.