Издадена монографија „Сто години струмичка ликовна уметност“

Здружението за култура „Транзен“ издаде монографија насловена како „Сто години струмичка ликовна уметност“. Книгата се издава по повод претстојното отворање на новата градска галерија во Струмица, кога и ќе биде нејзината промоција, со изложба од делата на авторите застапени во неа. Се работи за истражување кое опфаќа период од 1921 до 2021 година, време во кое се одвива континуиран ликовен живот во Струмица и Струмичко. Во книгата се застапени 150 репродукции во боја,  текстови од историчари на уметноста, рецензии од каталози, сведоштва од архивите на уметниците и автобиографски записи. Уредник на монографијата е ликовниот уметник Никола Пијанманов кој напиша во воведот- Вреди ли да се посвети целиот живот на уметноста, ако со неа не можеме да го промениме светот? Не само светот, не можеме да го промениме и најмалото место и опкружување во кое сме родени и во кое постоиме. Луѓето околу нас. Не! Но, вреди нешто друго, поголемо и позначајно од сè. Нешто пред кое сите можат само да останат во тивко созерцание.

Самите уметници се промениле себеси додека ги твореле своите дела и додека бдееле во ателјеата, самите уметници станале големи луѓе, длабоки, суштински, карпа луѓе, темели на кои ќе се изгради невидливата зграда на цивилизацијата!

Хронолошко – критичкиот осврт во книгата е на историчарот на уметноста Марјан Минов. „Големи беа предизвикот и честа да се работи на ваков научен труд, затоа што струмичката ликовна уметност има свои длабоки корени и традиција, но и артистички квалитет, кој на моменти го надминува локалното ниво. Ваквиот монографски труд, со кој се реафирмираат струмичките ликовни уметници и нивните дела ќе им остави цврст фундамент за истражување на наредните генерации историчари на уметност“ – изјави Марјан Минов, историчар на уметноста

Книгата е издадена во соработка со општина Струмица, а е финансирана од Цивика Мобилитас и манифестацијата Струмица град на култура 2021 година.