По повод 11 Oктомври, Денот на народното востание на македонскиот народ, утре, петок, 9 октомври, во Музејот на РС Македонија ќе биде поставена изложбата „Записи од АСНОМ“. На 11 oктомври 1941 година е означен почетокот на една нова етапа на националноослободителната борба на македонскиот народ, со цел преку вооружено востание да се извојува, како националното, така и социјалното ослободување од фашистичките окупатори. Како круна на оваа борба е АСНОМ и конституирањето на македонската национална држава во состав на југословенската федерација. На изложбата „Записи од АСНОМ“ се поставени фотографии, документи и повеќе оригинални предмети, поврзани со овој значаен настан од нашата историја. Покрај тоа, посетителите ќе имаат можност да погледаат и голем број оригинални карикатури на истакнати партизански борци создадени од Василије Поповиќ – Цицо, како и неколку уметнички дела на Родољуб Анастасов, Радмило Поповски и Томо Владимирски, со тематика од НОБ. Автор на изложбата е м-р Боро Бунтески, виш кустос во Одделението за историја, нa координатор на проектот е Илија Цурев, раководител на Одделението за историја. Изложбата ќе биде отворена за посети од 13 октомври 2020 година и ќе биде поставена до февруари 2021 година.

В.Г.Парго