четврток, април 25, 2024
домаКујнаИзложба и филмски проекции „Мис Стон“ на „Браќа Манаки“

Изложба и филмски проекции „Мис Стон“ на „Браќа Манаки“

Во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“, Кинотека на Македонија вечер со почеток во 19  часот во битолскиот културен центар „Магаза“ ќе приреди изложба и филмски проекции со кои се одбележува 60-годишнината од премиерата на македонскиот игран филм „Мис Стон“ под насловот „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“ ќе бидат изложени фотографии, документи, преписки, сценарија, прес-клипинзи, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал и друга архивска граѓа. По повод јубилејот, пред македонската јавност и филмската публика, ќе биде презентиран значаен дел од сочуваните материјали кои денес се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотеката на Македонија.

Своевремено, „Мис Стон“ беше меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во боја, но и во тоталскоп техника (италијанската верзија на холивудскиот „синемаскоп“) – како што тогаш ги снимаа костимираните историски епопеи во Чинечита. Инспириран од настан што навистина се случил во 1901 година, кога четата на Јане Сандански ја грабнува американската мисионерка Елен Стон, со цел да изнуди откуп и со тие пари да го финансира востанието и борбата за независна Македонија, филмот „Мис Стон“ во режија на Живорад Жика Митровиќ требаше да задоволи и оправда многу очекувања. Требаше да ја најави новосоздадената македонска кинематографија и да ја промовира вон границите на Југославија; да ја промовира и претстави македонската култура и историја; да биде забава за филмската публика, но и психолошка драма истовремено. Требаше да му биде отскочна штица на „Вардар филм“, за продуцентската куќа во формирање да се докаже пред останатите поискусни и подобро екипирани конкурентни имиња на југословенскиот филмски пазар. Требаше да даде официјален, научно поткрепен став кон дел од историското минато за кое дотогаш малку се истражуваше и јавно пишуваше… Пред сè, требаше да биде добар филм.

Веднаш по својата премиера во ноември 1958 година, „Мис Стон“ стана еден од најгледаните филмови во тогашна Југославија, подобро прифатен од публиката отколку од филмската критика. Следната година доби три Златни арени на престижниот Пулски фестивал – Петре Прличко беше награден за улогата на Манданата, Олга Спиридоновиќ за улогата на Елен Стон, и Василије Поповиќ-Цицо беше награден за сценографијата во филмот. Следуваа и други фестивали и награди, а започна и доста амбициозно планираната дистрибуција вон границите на земјата.

Но „Мис Стон“ не го освои светот. Четири години по премиерата, во 1962 година, за време на големите поплави во Скопје, беа оштетени изворните филмски материјали, негативите од филмот и во тоа време не можеше да се направи квалитетна позитив-копија за прикажување и дистрибуција. Во децениите што следуваа „Мис Стон“ беше прикажуван на малите екрани, на ТВ, и поретко во рамките на некоја манифестација, филмска програма, или јубилеен настан, но во доста компромитирачка состојба – од премногу употребувани и оштетени ролни, копии на копии на копии на копии…

Во декември 1990 година, Кинотеката на Македонија организираше научен симпозиум за филмот, на кој присуствуваше добар дел од актерската и филмската екипа, филмски критичари, историчари, режисери, драматурзи, културни дејци и љубопитна публика. Се читаа реферати, анализи, се дискутираше, се оживуваа спомени, се конфронтираа мислења и ставови. „Мис Стон“ повторно беше прикажан, во скромната сала на Клубот на пратениците, а Петре Прличко, видно возбуден и со силен емотивен набој, пред самата проекција и пред публиката, го реплицираше својот монолог од познатата сцена по раѓањето на малата Елена, којашто за малку ќе добиеше име Автономија. Изложбата „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“ преку изложената пишувана документација ја раскажува приказната за филмот.

Од развојот на идејата во тогашното општествено-историско милје дефинирано од јасни политички стратегии, преку неколкуте верзии на сценарија, формирањето на екипата и почетоците и текот на снимањето, па сè до премиерата на филмот и приемот кај публиката, реакциите во медиумите и филмската критика, неговата дистрибуција во странство и, најпосле, трајното врежување во колективната културна меморија на генерациите што го гледале. Поставена во сосем соодветниот амбиент на „Магазата“ во Битола, која, хипотетички, би можела да биде и дел од сценографијата на „Мис Стон“, изложбата ќе биде придружена со проекција на филмот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ