Фото EPA-EFE - RONALD WITTEK

Тестирањето на вакцината „Фајзер“ против ковид-19 на половина милион луѓе покажа дека е многу ефикасна во спречување на сериозни болести или смрт, дури и по првата доза.

Резултатите објавени по масовната кампања за вакцинација во Израел потврдуваат дека она што се покажа за време на мало, ограничено тестирање опстојува кога вакцината ќе се даде на пошироко население од различна возраст и здравје.

Вакцината е ефикасна 92 проценти во спречување на сериозни болести по две дози.

Проценетата ефикасност во спречувањето на смрт е 72 проценти две до три недели по првата доза, и ова може да се зголеми бидејќи имунитетот расте со текот на времето.

Вакцината се чини дека е ефикасна кај луѓето постари од 70 години и кај помладите, што е подобро отколку што се сметаше порано, рече Грегори Поланд, лекар на клиниката Мејо во САД.

Бади Крич, лекар од универзитетот Вандербилт, се согласи дека по единечна доза, може да се забележи многу висока ефикасност во спречување на смрт.

Двајцата лекари немаа улога во израелската студија, но беа ангажирани во друга работа на вакцината и рекоа дека новите резултати може да поттикнат разгледување на одложување на втората доза, како што се обидува Велика Британија или давање единствена доза на луѓе кои веќе имале ковид-19, како Франција, бидејќи залихите се ограничени.

Д-р Крич рече дека би претпочитал 100 милиони луѓе да примат по една доза отколку 50 милиони две, бидејќи една доза многу охрабрува, судејќи според резултатите од Израел објавени во медицинскиот журнал Нова Англија. Вакцината „Фајзер / Бионтек“ се дава во две дози со разлика од три недели во повеќето земји.

Истражувачите споредиле скоро 600.000 лица на возраст од 16 години и постари во најголемите израелски здравствени служби кои биле вакцинирани во декември или јануари со ист број на луѓе на слична возраст, пол и здравје кои не примиле вакцини. Ниту еден од учесниците претходно не бил тестиран позитивно на вирусот.

Вакцината се проценува дека е ефикасна 57 проценти во спречување на какви било симптоми на ковид – 19 две до три недели по првата доза и 94 проценти една недела или повеќе по втората.

Ефикасноста била 74 проценти по една доза и 87 проценти по втората во спречување на хоспитализација и 46 и 92 проценти во спречување на потврдена инфекција.

 

Намалувањето на инфекциите влева надеж дека вакцината може да спречи ширење на вирусот, но овој вид на студии не може да потврди дали е тоа така, пренесоа израелските медиуми извештај на „Асошиејтед Прес“.

Од 41 смртни случаи поврзани со ковид-19, 32 биле меѓу невакцинирани.

Генерално, бројките одговараат на ефикасност од 95 проценти по две дози што се гледа во ограниченото тестирање што доведе до одобрување на вакцината за итна употреба. Колку има корист од една доза, беше големо прашање и сега има податоци за тоа, рече американскиот лекар Поланд.

Израел сега вакцинира скоро половина од својата популација, а додека беше вршена студијата, британскиот вид на вирус стана доминантен во таа земја, па резултатите може да дадат одреден увид во тоа како делува против тој вид. А.Р.