Илустрација: Вакцина против коронавирус

Израелски научници спроведоа истражување кое покажува дека вакцинацијата против коронавирус, покрај тоа што создава лична заштита, го намалува и ризикот од негово пренесување. Претходно, беше научно докажано дека вакцината штити од ковид 19, но сè уште е непознато дали вакцинираните лица сè уште можат да бидат носители на вирусот, пишува Хина.

Научниците предводени од Идан Јелин од Технолошкиот институт во Хаифа ги анализирале лабораториските резултати на 5.800 заразени лица, од кои половина ја примиле првата доза на вакцината Бионтек / Фајзер. ПЦР тестовите покажаа дека вакцинираните пациенти произвеле четири пати помалку честички од вирусот од 12-ти до 28-ми ден по вакцинирањето, отколку оние кои не биле вакцинирани. Помала количина на вирус значи и помала можност за пренесување.

Клеменс Вендтнер, германски експерт кој не учествувал во истражувањето, рече дека тоа е „надежно“, иако израелската студија сè уште не ја поминала стручната рецензија.

„Вакцината BNT162b2 (Фајзер / Бионтек) не само што создава лична заштита, туку може да се претпостави дека со доволно вакцинирање на населението може да се создаде колективна заштита во однос на имунитетот на заедницата“, рече Вендтнер.

Тој додаде дека сè уште не е јасно дали вирусите откриени меѓу заразените ама вакцинирани лица сè уште се заразни или се работи за мртви фрагменти кои не се способни за репликација. Тој посочува дека на тоа треба да се спроведат дополнителни истражувања.  Тој додава дека е потребно да се утврди колкав дел од вирусот ќе има вакцинираното лице во организмот откако ќе добие две дози од вакцината. А.Н.