„Комплексно минато: разновидна иднина“ е годинашната тема на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите – 18 април, одредена од Меѓународниот совет на споменици и локалитети (ИКОМОС). Во средиштето на оваа тема е покренување на дискусија и критичко испитување на минатото преку зачувувањето на културното наследство, поттикнувајќи негово согледување и презентирање од различни гледишта и непристрасност при неговото толкување.

-ИКОМОС сака да промовира нови дискурси, различни и нијансирани пристапи кон постојните историски наративи, поддржувајќи инклузивност. Тоа се пред сè осврти кон споменици и/или локалитети кои биле намерно разрушувани, споменици на опресија и угнетување, како и третманот на домородните населенија и нивното наследство, нагласувајќи ја повеќеслојноста на историјата и наследството и нивното различно значење за различни заедници – информира Националниот комитет ИКОМОС Македонија.

Националниот комитет ИКОМОС Македонија, како еден од 107-те вакви комитети на глобално ниво на ИКОМОС, на 15 и 16 април организира посебна активност во вид на кратка интерактивна анкета со следбениците на профилите на НК ИКОМОС Македонија на социјалните мрежи „Фејсбук“, „ЛинкдИн“, „Твитер“ и „Инстаграм“.

-Целта е да отвориме дискусија и размена на мислења и ставови околу темата „Комплексно минато: разновидна иднина“. Ги покануваме за учество сите наши следбеници и целата јавност која би сакала да ни се придружи во оваа наша активност, надевајќи се на плодна, конструктивна и разновидна дискусија – информираат од ИКОМОС Македонија.

Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, 18 април е востановен во 1982 година. А.Р.