Bali's highest volcano Mt Agung, seen from the black sand beach at Amed village in East Bali, Indonesia.

Десетици илјади жители на индонезискиот остров Бали одбија евакуација од опасната зона во опсег од 10 километри околу вулканот, ставајќи ја својата судбина во рацете на боговите, но и поради чување на домовите и добитокот.

Вжештениот вулкан Агунг, кој голем број жители на островот со хиндуистичко мнозинство сметаат дека е свет, почнал да исфрла големи количини пепел за време на викендот и постојано се тресе. Вулканот вчера исфрли пепел на височина од 2.000 метри.

Спасувачките тимови кои се наоѓаат во зоната велат дека некои жители не сакаат да ја напуштат својата стока без надзор, додека други не сакаат да заминат од религиозни причини.

„Владата беше јасна во врска со евакуацијата, но некои луѓе реагираат бавно или сакаат да останат“, рече Геде Ардана, водач на организацијата за спасување на Бали.

„Не можеме да ги присилиме – но ние ќе бидеме одговорни, па мора да ги убедиме“, додаде таа.

За Кетут Суварте кој исто така поседува добиток како многу селани, не беше прашање дали да се замине.

„Околу нас паѓаше густ пепел, можеше да се почувствува сулфур. Бевме исплашени и одлучивме веднаш да заминеме“, изјави Суварте, кој сега е во објект за евакуација надвор од опасната зона.

Таткото на Суварте се сеќава на времето кога Агунг последен пат имаше ерупција во 1963 година и кога загинаа 1.000 луѓе.

Сутопо Пурво Нугрохо, од организацијата за ублажување на последиците од природни катастрофи, рече дека околу 43.000 луѓе го послушале советот и побарале засолниште, но од населението од 90.000 до 100.000 луѓе во опасната зона многумина сепак не го послушале.