Деновиве беше отсвирен соло албумот “Инсанус” на Кире Мирчовски. Свирката беше на отворено на покрив, на Теферич. Прекрасен поглед кон градот, над студиото „Blue town“, каде што поголем дел од времето го поминува во проби со бенд и креирање нова музика.

– Бидејќи короната ја одложи промоцијата која требаше да биде на пролет, а сега се уште кризата трае и сме многу ограничени во работата, решив по сите протоколи, безбедно, да го отсвириме во живо материјалот и да го објавиме, да е достапен за сите. Од дома на раат да го преслушаат. Потоа секако ќе биде објавен и за симнување на сите платформи, и на фб страницата „Project Insanus“, вели Мирчовски.

Тој додава: „Мислам дека во оваа постава како трио го изнесовме добро материјалот и ќе им се допадне на публиката. Голема почит до Џо и Стеф. Момци на кои им се допадна материјалот и идејата за да и после ова продолжиме како трио- бенд… Така што, од “Инсанус” се роди и бендот за кој допрва ќе се слуша.“

Во овој состав се Кире Мирчовски – гитара, Стефан Митев – бас гитара и Александар Џо Господов- тапани. В.Ѓ.