Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашковска на деншната прес конференција информираше дека во периодот од 12 до 18 октомври инспекциските служби извршиле вкупно 2.183 контроли, од кои 1180 од Државниот пазарен инспекторат.  Од овие контриоло 538 се инспекциски надзори спроведени согласно материјалните закони, а дополнително извршени биле уште 642 контроли по основ на здравствените протоколи за работа на угостителските објекти.

Магдалена Филиповска Грашковска информираше дека при контролите изречени биле 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност или пречекорување на работно време и други основи. Поднесени се седум кривични пријави за угостителски објекти, од кои две кривични пријави се однесуваат за организирање свадба во Тетово и во Скопје и уште пет кривични пријави за угостителски објекти во Скопје кои не ги почитувале протоколите во смисла на дозволено растојание меѓу масите. Пазарните инспектори изрекле 52 решенија и 76 прекршочни платни налози за различни субјекти на територијата на целата држава.

Државниот инспекторат за труд, од 395 инспекциски надзори кај работодавачи, поднел 23 решенија за работодавачи поради недостатоци во однос на начин на исплата на плата, работното време и безбедност и здравјето при работа на вработените.

АХВ спровело 355 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и зелени пазари при што најчесто констатирани недостатоци се неизвршени здравствени прегледи на персоналот, неводење записи за добра хигиенска пракса, неспроведување општи хигиенски мерки, нерегистрирани објекти и небезбеден производ пуштен во продажба поради што се донесени пет решенија и еден прекршочен платен налог.

Државниот инспекторат за транспорт изрекол две кривични пријави за непочитување на протоколот за вршење на меѓународен превоз на патници, а Агенцијата за лекови и медицински помагала извршила вкупно 55 надзори врз 55 аптеки, но не биле констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски вели дека пазарните инспектори ги чекаат новите законски решенија кои треба да бидат изгласани од Собранието, за да можат угостителските објекти што ги прекршуваат здравствените протоколи и сами да ги затвораат на 30 дена, и на лице место да изрекуваат парични казни. Дотогаш ќе мораат да работат по старите правила, односно само да изрекуваат кривични пријави.

Додека излезе новото законско решение, Пауновски повика свеста на граѓаните да се издигне на највисоко ниво ако сакаме овие големи бојки на заразени да се намалуваат.

„Ни една инспекција и полицја не може да излезе на крај ако некој сака да направи  прекршок. Сепак, ние сме тука сето тоа колку што можеме да го спречуваме, а кај некого ако не делуваат казните, не знам што друго да преземеме. Тоа е крајно немање свест кон другите граѓани“, рече Пауновски и нагласи дека високите бројки на новозаразени не доаѓаат само од угостителските објекти. „Доаѓаат и од приватни забави во семејни куќи, викендици, паркови и насекаде каде можат да се заразат“, рече Пауновски.

Во регионот Битола, Прилеп и Ресен имало 550 контроли, во тоа оддление има 7 кривични пријави за нарушување на протоколите. Две пријави се за свадби и два нерегистрирани објекти, како и други санкции.

Филиповска Грашковска најави дека Инспекциските служби ќе продолжат да функционираат со полн капацитет за заштита на населението од ширење на вирусот.

Н.Д.