Валентина Ѓоргиевска Парго 

Со Тимот на Прва детска амбасада во светот “МЕЃАШИ” – Република Македонија, разговараме на прашања кои деновиве ја заинтригира, воедно ужаснаа целата јавност.

*Деновиве јавноста е вознемирена. Заробена девојка во стан, во нехумани услови и запоставена, веројатно и злоставувана од страна на својата неврамнотежена мајка. Детската амбасада “Меѓаши” го откри и многу брзо реагиравте. Навистина проникливо, реакцијата следуваше по телефонски разговор во кој мајката се јавила да го пријави соседот за насилство, а во позадина се слушнале врисоци. Постоеше ли сомнеж во вас дека сепак можеби тоа не се човечки ами звуци од соседството или од телевизор? Како се сетивте дека можно е да биде крик на девојка во неволја?

Како што веќе истакнавме во медиумите, заради принципот на доверливост не сме во можност да изнесуваме податоци за случајот. Согласно новинарската етика и Кодексот на новинари, како и принципот на доверливост во работата на СОС телефонот за деца и млади, неопходно е на сите приоритет да ни бидат пред се  интересите на детето и во никој случај тоа не смее дополнително да се стигматизира, виктимизира, етикетира и изложува на дополнителни опасности од било кој вид. Притоа, би сакале и да потсетиме дека на децата жртви треба да им биде заштитена приватноста како едно од прашањата кои се  од примарна важност. Како прва детска амбасада ” Меѓаши” се обративме писмено до институциите кои се надлежни за случајот (МТСП, МВР, МОН, ЦСР, Народен правобранител…), со барање да се направи истрага, да понесат одговорност оние кои биле одговорни а не постапиле соодветно и согласно нивните ингеренции во однос на заштитата на детето жртва, да го преиспитаат истиот и да ги санкционираат  лицата кои се одговорни за застојот и непостапувањето согласно законите и протоколите на истите. Во контекст на сево ова уште еднаш потсетивме да се почитува кодексот на новинари за известување на вакви и слични случаи.

*На кој принцип се организиравте со службите? Ова наликува на акција од филм. Како е сега девојката? Има последици?

-Секако дека соработката со надлежните институции е клучна за помагање на кој било случај и секогаш е со директно обраќање и консултирање.

*Колку и да звучи “несоседски”, во поразвиените земји има еден метод кој се вели “набљудување од соседите”. Ако забележат нешто невообичаено во животот на некој од соседите, тие се со закон обврзани и должни да пријавуваат. Можно ли е кај нас во зграда во која само еден ѕид ги дели од соседите, никој да не забележи и да не се запраша, каде е девојката? Зборува ли тоа за незаинтересираност на блиските луѓе во опкружувањето, немањето грижа за другиот?

-Ова е прашање за поширока дискусија што ќе вклучува видувања и аргументи од повеќе професионални аспекти, така што нема единствен одговор и не можеме да дадеме провизорно мислење.

*Имало некогаш досега и друг ваков случај? Еве нека биде аларм за да се поангажирани соседите, учителките кон своите ученици кои отсуствуваат или социјалните служби кои ги имаат евидентирано ваквите граѓани.

-Секој случај што досега сме го имале е посебен, нешто во правец на познатиот цитат од Толстој во ,,Ана Карењина“ дека сите среќни семејства си прилегаат едно на друго а секое несреќно семејство е несреќно на свој начин, така и секој случај на сексуална злоупотреба на дете е трагедија за него пред се а потоа и за пошироката околина и целото општество бидејќи последиците од таквите трауми се несогледиви. Од нашето досегашно искуство во работата на сос телефонот, јавувањата или пријавувањата на случаите најчесто се од страна на родители, роднини, наставници, граѓани, односно секое лице што се грижи за добробитта на децата и почитувањето на нивните права.

*Децата во последно време навистина многу се на удар, од разни страни. Деновиве сме потресени, еве ќе ја споменам и случката во која родители, инаку личности со поранешни високи функции, се препукуваат преку фејсбук, преку малолетните деца, запоставајќи го моментот дека тоа може да остави големи трауми понатаму кај нив. Смее ли тоа така да се дозволува по медиуми? Ако порталите не водат сметка, имаат ли одговорност родителите пред одредени служби? Чинам малку знаеме за своите права и за правата на децата во тој поглед.

-Сите возрасни имаат одговорност пред се пред самите деца. Без разлика во која улога или функција, професија, вклучително и медиумите, секој возрасен кој се грижи за најдобриот интерес на децата треба добро да размислат за последиците на своите постапки или зборови. “МЕЃАШИ” во рамки на своите програми, проекти и активности работи токму во оваа насока. Ќе ве потсетам на неколку кампањи што биле спроведени низ годините, како што е кампањата ,,Дали денеска го гушнавте вашето дете“, или кампањата за ширење на ненасилство „Mирот е секој чекор“ или „И зборовите повредуваат“… со цел подигнување на свеста за улогата на родителите/старателите во воспитувањето на децата, значењето на љубовта, разговорот, контактот со детето, како и улогата на секој поединец во градењето на култура на ненасилство, на мир. Во таа насока “МЕЃАШИ” долго време работи на поттикнување позитивно родителство како и превенција на насилството и градење на мирот, преку обуки, тренинзи, истражувања и подготовка на различни прирачници и едукативни материјали за сите возрасни, како што е „Позитивно родителство“, Политики и алатки за промовирање на правата на безбедност, сигурност и заштита на детето во училишна средина“ (за потсетување, овој прирачник и вие лично го добивте минатата година на самата промоција), комплет брошурки за препознавање на насилството – за деца, родители и наставници итн.Важно е секој возрасен да работи свесно и активно кон тоа да не придонесува кон поттикнување насилство или искуства што може да предизвикаат трауми кај децата. Сепак, моделот на однесување што децата го гледаат кај возрасните е најсилниот начин на учење.

*Овие десеттина дена јавноста најмногу пламна по објавувањето на сведоштвото на младата актерка од Белград, откако таа и нејзини колешки го обвинија својот професор по глума дека со години ги присилувал на сексуален чин. Тој е уапсен. Не навлегуваме дали мотивот било уцена обид за слава, за пари, зависности или закана, но збунува тоа што се повторувало, а не било инцидентно само еднаш?

-Не би можеле да ви дадеме мислење на ова прашање бидејќи не сме запознаени со сите детали и директно.

*Што е она што жртвата може да ја направи континуирана жртва? Има синдром или некоја друга патологија на која мора да се обрне внимание?

-И ова е сложено прашање што бара подолг одговор. Во оваа прилика би напомнале дека не постојат јасни критериуми кој може да биде жртва, секој може да биде – посебно на децата им треба поддршка да научат како конструктивно да одговорат на насилството или вознемирувачкото искуство. Не ретко се случува некој/а што е жртва, може во друга прилика да биде и насилник/прекршувач на некое право. Она што би сакале да го истакнеме е возрасните да креираат безбедна и отворена средина во која детето ќе се чувствува сигурно да сподели дека е жртва. Многу деца не го пријавуваат малтретирањето на родителите/наставниците од страв. Доколку детето е жртва возрасниот треба јасно да му каже дека е тука за него/неа и дека не е негова/нејзина (на детето) вина што е жртва и дека возрасниот е заедно со него/неа во процесот на справување.

*Имате ли информација, сознание или барем нафрлена дојава за вакви случувања и кај нас, дали до вас допрел некој Ваков или сличен случај?

-Повторно, не би можеле да одговориме и на ова прашање.

*Во нашиве модерни системи многу семејства се нефункционални, родители разведени, многу деца оддалечени од ние во секоја смисла. Тука ли да ја бараме причината или би било површно само тоа да се зема како главна причина?

-Семејството е секако важен агенс на социјализацијата и градењето на личноста на детето, но не е единствен. Конечно, зборуваме за општествен систем, сложен конгломерат составен од многу потсистеми и нефункционалноста на кој и да е дел од системот влијае врз целиот. Така што треба да се гледа холистички, да се пристапува од сите страни. Тука влегуваат и медиумите како значаен систем, особено во процесот на градење на јавната свест за секое важно прашање.

*Велиме жртвата да се охрабри и да каже јавно, но колку е тоа безболно и без последици? Ќе добие ли нешто како компензација на нејзината вечна болка со која мора да живее и откако медиумската еуфорија и поддршка ќе помине? Многумина се согласуваат дека настрана срамот, жртва нема каде да се обрати, па како да се изгради цврст систем, безбедносен, судски, училишен, социјален и превентивен? А и има разлика меѓу ваква ситуација кај девојка од град и девојка од село. Но која и да каже јавно стигмата и срамот се нешто за цел живот. Од една страна ги охрабруваме да кажат, од друга сепак треба да се има на ум дека доколку јавно се произнесат во медиуми тоа останува нивни жиг засекогаш. Нели е подобро да се формираат поефектни социјални служби каде би можело веднаш да се пријави? Некоја отворена телефонска линија.

-За да се даде издржан одговор, базиран на факти добиени од реалноста, треба да се вклучат повеќе стручни профили, треба да се прават редовни анализи и истражувања. Нема готов, „одговор за сите“. Секоја ситуација, секоја жртва, секоја индивидуа треба да се разгледува поединечно. Секое ставање во просек, или во еден ист калап на кој и да е одговор не може да вроди со резултат и посакуван исход. Затоа не би можеле да ви дадеме општ одговор на вакво широко прашање со три потпрашања.

*Што порачуваме Вие како детска амбасада? Која е Вашата порака која сега треба гласно да се чуе?

-Сметаме дека секогаш ја кажуваме гласно нашата порака, и преку активностите и експлицитно со зборови, почнувајќи со мотото на организацијата „Поправеден свет за секое дете“ и со главните два принципи на работа на Меѓаши, а тоа се: принципот на најдобар интерес на детето во секоја наша постапка и активност, и принципот на поттикнување на учеството на детето во прашања што ги засегаат нив, директно и индиректно.

За потсетување, достапен е Водич за родители и наставници за заштита на деца од сексуална злоупотреба на деца